Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Инспектор - „попримамлива професија“, една од бројните поволности во новиот Закон за инспекциски надзор
22 ноември 2019

Од 30 ноември, 2019 година на сила стапува новиот Закон за инспекциски надзор (Сл. Весник, бр.102 од мај 2019 година). По тој повод, ЗЕЛС во соработка со Инспекцискиот совет, на 20 ноември, 2019 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот организираше обука за раководителите на инспекциските служби од локалната власт. Стручен тим од Инспекцискиот совет на присутните им ги посочи најзначајните обврски што произлегуваат од овој Закон а, кои се однесуваат и на општините. Беше истакнато дека со новите законски одредби се надминуваат досега често посочуваните конфузни и нејасни одредби кои биле тешко применливи во практичното работење. Беше нагласено дека главната идеја на новиот Закон е инспекциските служби да не се доживуваат како репресивен орган, туку нивната улога првенствено да биде превентивна и информативна, од тие причини воведена е опомената, како инспекциска мерка. Посветено е внимание и на предвидливост на постапката, како и на обезбедувањето на соодветни услови за да се направи инспекторската служба „попримамлива“ професија.



Присутните беа информирани дека инспекторите чие образование е во согласност со материјалните закони од областа во која го вршат инспекцискиот надзор и кои имаат добиено решение и овластување од градоначалникот, не треба да полагаат испит за добивање на лиценца. Тие најдоцна до крајот на февруари, следната година, од Инспекцискиот совет ќе добијат легитимација и значка кои задолжително треба да ги покажат при вршењето на инспекциски надзор. Полагањето на испитот е задолжително за инспекторите кои ќе бидат вработени после 30 ноември, 2019 година. За да добијат лиценца, тие ќе следат тримесечна теоретска настава и треба да имаат деветмесечна практична работа во општината. Со новиот Закон лиценцата има трајна важност.

Во согласност со новите услови за вршење на инспекциска служба, општините ќе треба да направат и усогласувања на систематизацијата на работните места. Претставниците од Инспекцискиот совет апелираа до општините што поскоро да ги достават списоците со податоци за видот на инспекторите што ги имаат во својата општина. Беше укажано дека 42 општини се уште не доставиле податоци до Советот. Пријавувањето треба да се направи што поскоро за да може инспекторите навремено да добијат лиценца како и потребните документи за претставување при вршењето на инспекцискиот надзор.

Претставниците од Инспекцискиот совет информираа дека се изготвени и низа подзаконски акти (правилници, упатства..) кои се одобрени од Советот, а дел од нив веќе се излезени во Службен гласник (на 19 ноември, 2019 година). Беше нагласено дека е објавено и Упатството за доделување на парична награда за инспектор. Во него се предвидува годишно зголемување на платата на инспекторот од 10 %, поради бројните ризици со кои тие се соочуваат при спроведувањето на надзорите, а олеснети се и условите за да се стане инспектор, односно дадена е можност за ова работно место да конкурира и лице кое нема работно искуство во оваа професија. Законот предвидува и задолжителна обука, која претставува право но, и обврска за инспекторот.

Во делот на законските измени со кои се нагласува предвидливоста на инспекциската постапка, во најголем број случаи утврдено е вршењето на инспексцискиот надзор да биде најавен најмалку три дена на субјектите кај кои ќе се спроведува. При тоа треба да се достави и „листа за проверка“ во која е утврдено што ќе биде инспекторирано. Беше посочено дека е изготвено и Упатство за изработка на листата за проверка.

Во опсежната дискусија беа посочени и можностите за префрлање на инспекторите од една во друга област на инспекторирање, во рамките на истата општина, а стана збор и за префрлање по вертикална линија. На прашањето дали и раководителите треба да вршат надзор беше посочено дека тие треба да ги инспекторираат најсложените случаи, од областа од која имаат лиценца. Стана збор и за инспекторите за домување, за кои не е предвидена лиценца. Беше посочено дека интенцијата е и овие лица да бидат дел од Инспекцискиот совет и дека ова прашање дополнително ќе биде разгледувано.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.