ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
ЗЕЛС ќе продолжи со поддршката на натамошно спроведување на „Форуми во заедницата“ како начин на демократско учество на граѓаните во локалната власт
13 март 2017

„Десет години развивање на “Форуми во заедницата“ во локалната власт во Република Македонија. Десет години надградување на демократските процеси преку воспоставување и примена на една нова граѓанска алатка во општините во нашата земја.“

Со овие зборови претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски го започна своето обраќање пред присутните гости на завршната конференција од десетгодишната реализација на Програмата „Форуми во заедницата“ во земјава, што се одржа на 10 март, 2017 година, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје. На јубилејот присуствуваа градоначалници, претставници од невладини организации кои обезбедуваа поддршка на форумските сесии, претставници од општинската администрација, но и граѓани-непосредни учесници на форумите. Пред бројните гости се обратија и министерската за локална самоуправа Ширет Елези и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техадa.

Претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски истакна дека е задоволен од постигнатите резултати со примената на новата демократска алатка во општините и од соработката со Швајцарската агенција за соработка и развој, која обезбедуваше дел од финансиските потреби за реализација на форумите и на избраните проекти во општините. Тој посочи дека целиот процес започна уште во 2006 година со потпишувањето на договорите на првите три пилот-општини: Ѓорче Петров, Кичево и Прилеп. –„Тоа беше првото запознавање на општините но, и на граѓаните со форумските процеси. Локалната власт непосредно се соочуваше со идеите, потребите и желбите на своите жители за приоритетно решавање на нивните предизвици, а граѓаните на еден демократски начин партиципираа во донесувањето на одлуките на општината, за прашања од нејзина надлежност. Така форумите многу брзо стекнаа популарност и кај единиците на локална власт и кај граѓаните и сето тоа се одвиваше во континуирана нагорна линија. Едноставно, секој заеднички собир, покажуваше кој следен чекор е потребно да се направи“, истакна Трајановски .

Тој говореше и за развивањето на целиот процес во кој ЗЕЛС имаше мошне значајна улога. Со поддршка на ЗЕЛС се обезбеди институционализирање на оваа алатка, односно нејзино внесување во општинските статути од страна на 59 општински совети. Потоа со увидување на потребата дискусиите на форумите да ги водат лица кои имаат повисоко ниво на подготвеност да се справат со сите предизвици што ги носи отворената дебата на овие форумски сесии, ЗЕЛС го започна и процесот на сертификација на форумски модератори. До денес 37 лица се стекнаа со овој сертификат и се подготвени да реализираат било кој од четирите форуми во секоја општина во земјата. Исто така, ЗЕЛС обезбеди интернет станицана www.forumivozaednicata.com.mk , на која се наоѓаат сите информации за спроведување на овие форумски процеси,ж и каде секоја општина може да се запознае што е тоа ,,Форум во заедницата“, како да го реализира, како и да се запознае со биографиите на сертифицираните модератори и да направи сопствен избор на адекватно стручно лице. Во рамките на Програмата беше обезбеден и „Прирачник во 11 чекори на форуми во заедниците“, кој по повод десетгодишниот јубилеј беше ревидиран и издаден во електронска верзија и поделен на присутните на свеченоста.



-„ Придобивките од примената на оваа алатка се трајни: воспоставувањето на поблиска релација граѓанин -општина, зајакнувањето на нивната взаемна доверба, зајакнувањето на свеста кај граѓаните за потребата од нивно учество во донесување на одлуки во заедницата во која живеат, зголемувањето на транспарентното работење на општината, зајакнувањето на демократските процеси, а со тоа и зајакнувањето на децентрализацијата на власта во земјата.Затоа ЗЕЛС и натаму ќе ја поддржува примената на овој начин на демократско учество на граѓаните во општините. Ќе ги поддржува локалните власти да продолжат со спроведувањето на форумите во сите сегменти од работењето на локалната власт, односно ќе го поддржува активното вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуки од важност за развој на нивната заедница, рече на крајот од своето обраќање Трајановски.

Пред присутните се обрати и министерката за локална самоуправа Ширет Елези која посочи дека токму општината е вистинското место каде што на граѓанинот треба да му биде овозможено, на еден организиран, институционален начин да го искаже својот став во однос на прашањата што најмногу го засегаат и упати порака до сите градоначалници да продолжат со примената на оваа алатка. Елези нагласи дека на иницијатива на Министерството за локална самоуправа, во јули 2015 година, Собранието на Република Македонија го ратификува Дополнителниот протокол на Европската повелба за локална самоуправа, за учество на граѓаните, со што нашата земја потврдува дека има обезбедено позитивна законска рамка и дека се обврзува и натаму да развива механизми и нови иницијативи на граѓанското учество. Таа информираше дека Министерството за локална самоуправа со финансиска поддршка на СДЦ во висина од 3,4 милиони швајцарски франци започнува нов проект, кој се однесува на зајакнување на капацитетите на општинските совети.

Амбасадорката на Швајцарија, СибилЗутерТехад истакна дека швајцарската Влада ќе ја подржува локалната власт во земјата во насока на развивање на демократските процеси, учество на граѓаните во донесување одлуки и зајакнување на капацитетите на општинските совети, се со цел обезбедување на воедначени и квалитетни услуги за сите граѓани во земјата. Таа изрази задоволство од реализацијата на форумските сесии кои се спроведоа во 2/3 од општините во земјава, односно од вкупно реализираните 111 форумски процеси и посочи дека оваа програма му е предадена на ЗЕЛС кој треба да продолжи со поддршката на своите членки за реализација на овој вид активности.

Од Единицата за координација на форумите ги пренесоа искуствата што во овој изминат период го стекнале при реализација на форумите. Тие преку видео запис пренесоа и дел од проектите што локалните власти ги реализираа како резултат на приоритетен избор и интерес на нивните граѓани.

Во името на општините во кои се реализираа „ Форуми во заедницата“ говореше градоначалникот на Желино, Фатмир Изаири, кој посочи дека оваа алатка му помогнала и нему и на неговата општина, но и на многу други општини, како полесно и поуспешно да секомуницира со своите граѓани. Донесувањето на заеднички одлуки всушност значи и споделување на заедничка одговорност меѓу населението и локалната власт, и дека овој начин на работење, општината ќе го практикува и во иднина. Борис Шарковски, пак како личност вклучена од самиот почеток на реализација на Програмата во земјава, говореше од името на сите сертифициранифорумски модератори. Тој рече дека во овие десет години минал илјадници километриниз нашата земја од општина до општина, пренесувајќи ја идејата за поголема вклученост на граѓаните во донесување на одлуки од нивно животно значење. Тој рече дека она што навистина останува од Програмата се добро оспособени човечки капацитети на модераторите кои претставуваат ,,жив“, прирачник за сите форумски чекори, но и за сите можни состојби за поттикнување и изнаоѓање на взаемно прифатливи решенија на локалната власт и граѓаните. Изрази задоволство што преку ЗЕЛС оваа програма и натаму ќе продолжи да се одвива во сите локални власти во земјата. Пред присутните своето искуство го сподели и претставничка од граѓаните од Пехчево, која рече дека преку форумите дознала како функционира општината, од каде добива средства, каде и како може граѓанинот да влијае во работењето на локалната власт и пред се да ги искаже своите потреби и приоритети за подобрување на квалитетот на живеење во својата општина

На крајот на настанот, беа доделени и повеќе благодарници на личности кои придонеле за успешна реализација на целата Програма во нашата земја.





назад

Ново - Годишен извештај


Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

Гласило

Стратешки план 2011 - 2015

Родова еднаквост




ЗЕЛС е-услуги

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.