Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа дванаесеттата седница
7 ноември 2019
 

Управниот одбор на ЗЕЛС, на 6 ноември, 2019 година ја одржа дванаесеттата седница на која беа разгледани низа актуелни прашања поврзани со спроведување на надлежностите на локалните власти, како и со работењето на ЗЕЛС.

На почетокот на седницата присутните го разгледаа Предлог Буџетот на ЗЕЛС за 2020 година, Планот за работа на ЗЕЛС за 2020 година и Планот за јавни набавки за следната година. Овие значајни документи за работењето на ЗЕЛС беа едногласно усвоени од Управниот одбор, а истите ќе бидат разгледани и од страна на Генералното собрание на ЗЕЛС. Беше утврдено дека следната, петта седница на ова највисоко тело на ЗЕЛС ( Генералното собрание) ќе се одржи на 5 декември, 2019 година во Скопје. На седницата беше утврден и предлог за нов член во Комитетот на советите при ЗЕЛС, од Полошкиот плански регион, поради промени во позицијата на сегашниот претставник во ова тело, што треба да биде изнесен пред Генералното собрание.

ЗЕЛС се подготвува и за донесување на нов стратегиски план за периодот 2021 -2026 година, поради што членовите на Управниот одбор го утврдија составот на Комисија за стратешко планирање при ЗЕЛС, што во следниот период треба активно да работи на утврдувањето на натамошните правци на дејствување на Заедницата.

На оваа седница беше формирана и Лоби група за родова еднаквост на мажите и жените, во која ќе учествуваат сите градоначалнички, претседателките на совет и одреден број градоначалници. Целта на оваа лоби група е застапување на интересите на локалните родови политики пред централната власт .

Присутните беа информирани и за воведувањето на системот за масовно информирање и предупредување на граѓаните 112, што неодамна беше претставен пред Мрежата на ТППЕ при ЗЕЛС. Од општините се очекува да го прифатат и да го подржат овој систем, со тоа што од нивна страна ќе биде потребно да задолжат лице од редот на вработените кој ќе пристапува во системот и ќе ги прима пренасочените повици, но и ќе ги внесува сите пред-дефинирани потребни податоци.

На седницата беше презентирана и информација за предлогот - документот на Работната група задолжена за утврдување на формално- правниот аспект и дефинирање на идните чекори во процесот на децентрализација. Беше посочено дека досега се одржани неколку состаноци, на кои освен претставниците од локалната власт има претставници од Министерството за локална самоуправа, предводени од министерот Милевски, како и претставници од Владата на Република Северна Македонија и одредени министерства. Беше посочено дека во одредени области се постигнати усогласувања меѓу ЗЕЛС и централната власт, особено со Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, но дека се уште има одредени недоречености околу ставовите со Министерството за финансии, Министерството за труд и социјала и Министерството за здравство, а делумно усогласување е постигнато и со Министерството за внатрешни работи. Се пристапува кон анализи на сублимираните ставови и предлози, по што ќе следи аналитички пристап за утврдување на сите закони кои треба да претрпат измени со цел обезбедување на усогласеност со утврдените ставови. Се прават напори дел од утврдените закони да влезат во собраниска процедура до крајот на оваа година и да бидат прифатени пред распуштањето на Собранието .



Членовите на Управниот одбор донесоа одредени заклучоци по доставени барања до ЗЕЛС. Меѓу нив беше иницијатива од Општина Куманово за одредени измена на Законот за експропријација; потоа иницијатива од Општина Могила, околу регулирање на статусот на месните заедници; барање од АДКОМ за заедничка средба со Управниот одбор на ЗЕЛС и барањето на Здружението на пензионери за потпишување на нов Меморандум за соработка. Во однос на Законот за експропријација беше предложено да се достави иницијативата до сите општини со цел да се обезбедат и други забелешки а потоа истите да ги разгледува Комисијата за урбанизам при ЗЕЛС. За прашањето околу статусот на месните заедници беше посочено дека истото веќе претставува дел од преговорите со централната влас за нов бран на децентрализација.

Беше изнесено и барањето од градоначалникот на Општина Дебар, за обезбедување на поддршка од централната власт за враќање на долговите што Јавните претпријатија ги имаат кон државните установи, особено кон Фондот за здравство. При тоа се вклучија и други градоначалници кои посочија дека има јавни претпријатија на кои им се префрлени долговите од страна на централната власт, при што беше побарано да се отпишат само каматите. Беше заклучено ЗЕЛС во консултации со општините да утврди пресек на долговите на јавните претпријатија на општините, заклучно со 31 октомври, 2019 година со разграничени податоци колкав е главниот долг а, колкави се каматите.

Присутните посебно внимание посветија на разгледување на иницијативата од неколку помали општини, како и од општините од Пелагонискиот регион, околу одржувањето на регионалните патишта. Посочено е генерално незадоволство од одржувањето на овие патишта, особено во зимскиот периоди, како и незадоволство поради нивно континуирано руинирање, каде доминираат шумските стопанства при транспортот на дрвната маса. Граѓаните за сето ова се обраќаат на локалната власт, и таму го посочуваат своето незадоволство, иако таа не е надлежна за регионалните патишта. Беше заклучено ЗЕЛС да достави допис до Јавното претпријатие за државни патишта во кое ќе бидат посочени конкретните забелешки, при што ќе бидат понудени и одредени опции за натамошното одржување на овие патишта.

Претставници од Владата на Република Македонија ја претставија можноста на локалните власти за презентирање на „ДУБАИ- ЕКСПО„ што ќе се одржи од 20 октомври, 2020 до 10 април, 2021 година. Предвидено е општините да се презентираат први, во период од 25 дена, односно некаде до средината на ноември 2020 година, при што просторот на павилјонот од 385 м2 е обезбеден бесплатно, а постојат и низа други поволности околу транспортот на материјалите и слично. Беше заклучено ЗЕЛС до општините да ги испрати сите подетална информација за овој настан , а тие до 15 декември, 2019 година да се изјаснат за нивната заинтересираност за учество на „Дубаи Експо“.

Дискусија особено се водеше околу утврдување на иницијативите на ЗЕЛС во новиот Законот за легализација, кој е во процедура. Стана збор за износот на висината на комуналиите што ќе го наплаќа општината за обезбедување на правен статус на бесправно изградените објекти по 05, март, 2011 година, доколку истите се во плански опфат. Беше нагласена и потребата за обезбедување на соодветна законски утврдена прецизна доказна постапка, преку која ќе се обезбедат релевантни докази за периодот на изградба на објектите за кои ќе бидат поднесени барања за легализирање, како и прецизно да се утврдат забранетите зони на градба, за кои општината не ќе може воопшто да обезбеди легализација.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.