ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Иницијатива за креирање на унифицирана подлога на веб страниците за сите општини
26 септември 2018
 
„Активна транспарентност на општината“ беше темата на работилницата што ја организираше ЗЕЛС за членовите на Мрежата на лица за односи со јавноста на локалната власт, на 25 септември, 2018 година во ЗЕЛС тренинг центарот. Под ,,активна“ транспарентност се подразбира самоиницијативно објавување на информации од страна на институцијата, без некој да го побара тоа од неа. Законската основа за активна транспарентност се наоѓа во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но и во Законот за локална самоуправа (ЗЛС), Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и други. Во ЗЛС, во член 8, став 1 е утврдено дека органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден со Статутот. Во став 2, од истиот член, пак стои дека општината е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што ги обезбедува на начин и под услови утврдени во Статутот.

Владата до своите институции, на 31, октомври, 2017 година достави листа, кои документи и информации, согласно релевантните закони треба јавно да ги објават. Можеби тоа доведе – „Индексот на активна транспарентност за 2018 година“ утврден според истражувања на Центарот за граѓански комуникации, да биде зголемен од минатата година кај министерствата, и тоа од 48 % на 66% за 2018 година. Во дописот се препорачуваше истото да го сторат и општините, но резултатите покажуваат пад на просечниот скор на сите општини заедно и тоа од 41% во минатата година, на 39% за оваа година. Генерално, според ова истражување, од рангираните 97 институции (министерствата, Владата и сите општини) -„индексот на активна транспарентност за 2018 година“ е незначително зголемен од 42,% на 43,5% (од можни 100 проценти) и спаѓа во рамките на „просечна“ транспарентност.

Во дописот, што ЗЕЛС го достави до сите општини беше препорачано и општините на своите веб страниците да ги постават : Стратегискиот план на институцијата; Статутот; Буџетот; усвоените извештаи за реализација на буџетот; Ревизорски извештај; План за јавни набавки, со сите измени и дополнувања; Правилник за внатрешна организација; органограм на внатрешна организација, Правилник за систематизација на работните места; список на лица вработени во институцијата со позиција, телефон, електронска адреса; консолидирани текстови од законски и подзаконски акти во надлежност на институцијата; обрасци што ги користат граѓаните при доставување на поднесоци до општината; тарифници за надоместоци, листа на информации од јавен карактер, контакт од лице задолжено за информации од јавен карактер и низа други документи и информации.

Според „Индексот на активна транспарентност за 2018 година“ Општина Битола обезбеди високи 83,6% од вкупно 100 бодови на утврдената бодовна листа, а втора на листата, со освоени 80,6% е Општина Велес. Тоа беше поводот, на оваа работилница, советничката за односи со јавноста, од Општина Битола, Цветанка Ристевска, пред своите колеги од другите општини да ги презентира активностите што општината ги реализирала, а кои и обезбедија епитет - најтранспарентна општина за 2018 година. 

  -„Граѓаните очекуваат сите информации да ги добијат на брз и едноставен начин, и колку што е можно да заштедат време за непотребно доаѓање во општината. Затоа треба да им излеземе во пресрет и на општинските веб страници, да ги објавиме сите значајни информации за надлежностите, организираноста и работењето на општината, да им овозможиме најлесно да стапат во контакт со одговорното лице од областа за која сакаат да се информираат, да обезбедиме можност да достават свои забелешки и предлози за, и околу работењето на општината, како и да поднесат барања за добивање на квалитетни и навремени услуги“, посочи во своето излагање, Ристевска. Таа појасни дека на овој начин првенствено се остварува правото на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски, но исто така, поголемата информираност им овозможува да бараат поголема одговорност од властите, поквалитетно да учествуваат во процесот на одлучување и да можат да пристапуваат лесно кон услугите што ги нуди општината. –„Колку општината е потранспарентна, толку е поголема можноста за вклучување на граѓаните во креирањето на нивните приоритети во локалната власт, што всушност е и една од главните целите на односите со јавноста: обезбедување на двонасочна комуникација на институцијата со своите целни јавности“, истакна советничката за односи со јавност на Општина Битола.

Присутните развија дискусија за актуелните состојбите во нивните општини, генерално посочувајќи ја воздржаноста на поголем процент од општинската администрација, од различни одделенија, за јавно објавување на одредени податоци и информации. Беше посочено дека најголем отпор постои за објавување на податоци од областа на финансиите. Сепак лицата за односи со јавноста истакнаа дека постепено се зголемува свесноста кај вработените во локалната власт дека граѓаните имаат право да бидат информирани за одлуките што се донесуваат во општината, за тоа каде се трошат нивните пари, какви планови има општината и колку од планираното е реализирано. Она што тие посочија како поголем недостаток во одредени локални власти беше непостоењето на стручни лица за односи со јавноста. Во многу општини оваа обврска им се доделува на лица кои имаат сосема други одговорности во општината. Исто така посочија дека се соочуваат и со недостаток на ИТ лица, кои би ги средувале и одржувале веб локациите, како и недоволниот интерес за инвестирање во надградувањето на општинските веб портали.

Од средбата произлегоа повеќе иницијативи. Првата беше во насока на обезбедување на поголема транспарентност на локалните власти, односно да се обезбеди единствена, унифицирана подлога за сите општински веб портали, каде потоа секоја општина ќе ги поставува потребните документи и информации од своето работење. Втората иницијатива беше: позицијата на ПР лице да се воведе како задолжителна во систематизацијата на секоја општина, односно таа да претставува законска обврска. И третата произлезе од самиот концепт на организирање на работилниците на Мрежата на ПР лицата при ЗЕЛС, каде се изнесуваат и разменуваат најдобрите практики на локалните власти во оваа област, односно беше предложено средбите да се одржуваат во различни општини, каде општината –домаќин непосредно ќе го презентира активностите во планирањето и воспоставувањето на комуникациите со своите целни јавности и нејзините најдобри практики во областа на односите со јавноста.

   



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.