ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
“Туризмот и потенцијалите на општините”-тема на обуката за претставниците од ЛЕР, од локалната власт
6 декември 2018
 

“Туризмот и потенцијалите на општините” беше темата на обуката што ЗЕЛС ја организираше за претставниците од областа на локален економски развој (ЛЕР) од локалната власт. Обуката беше реализирана на 04 декември, 2018 година во ЗЕЛС тренинг центарот, во согласност со Планот за обуки на ЗЕЛС, документ кој се изготвува врз основа на изразените потреби на административните службеници од општините. Заменик извршната директорка на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети, на почетокот на своето излагање упати апел до присутните, сериозно да обрнат внимание на барањето што наскоро ЗЕЛС ќе го достави до сите општини, а во кој општинската администрација треба да ги наведе обуките кои смета дека ќе и помогнат во извршувањето на своите обврски. ЗЕЛС потоа ќе утврди План за обуки за 2019 година во кој ќе се утврдуваат обуките за 2019 година што Заедницата ќе ги реализира за потребите на општинската администрација од сите области кои се во надлежност на локалната власт. За реализирањето на оваа обука ЗЕЛС обезбеди адекватни претставници од Министерството за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, универзитетски професор од областа на маркетинг и туризам и претставници од донаторски организации и од невладиниот сектор.

Бројот на лицата што дојдоа на оваа средба беше голем, што претставува своевиден показател за сериозната заинтересираност на локалната власт за развојот на туризмот, како една важна гранка за јакнење на локалниот економски развој. Присутните имаа можност да дискутираат за законската регулатива во областа на туризмот, за стратегиските документи на национално и на локално ниво и потребата од нивна усогласеност, за можностите за развој на туризмот преку реализација на одредени проекти, а имаа можност и да слушнат за реализирани успешни проекти.



Раководителот на сектор за туризам, при Министерството за економија, Беким Хаџиу пред присутните ги претстави обврските на општините во согласност со Законот за туристичка дејност, Законот за угостителска дејност и Законот за таксата за привремен престој. Тој особено се задржа на обврските за евидентирање на гостите што ги имаат физичките лица кои нудат сместување, правилната категоризација на овие објекти и квалитетната реализација на инспекцискиот надзор.

Присутните истакнаа дека во општините сериозен предизвик претставува незастапеноста или неадекватната застапеност на овластени инспектори за туризам по општините, а како најзначајна причина беше посочена слабата финансиска моќ на голем број општини за вработување на нови кадри, или преобемното и разновидно поле на овластувања што ги има еден инспектор во општината. Претставниците од општините во Град Скопје пак укажаа на потребата од иницирање на законски измени во делот на распределба на средствата од наплатената таксата за привремен престој меѓу Градот и скопските општини, бидејќи според сегашното законско решение средствата по овој основ, во целост се приход на Град Скопје и доколку процент од овие средства се слева на буџетите на општините од градот Скопје, така секоја би можела да спроведува проекти за општа туристичка промоција и за подобрување на условите за престој на туристите во нивните подрачја бидејќи тие најдобро ги знаат условите и можностите на нивните општини.

За активностите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), за нивните актуелни проекти, како и можностите за заедничка промоција на туристичките потенцијали на општините, говореше претставникот од оваа институција, Зоран Николовски. Тој посочи дека во меѓународни рамки најактуелен е активниот туризам, кој се повеќе се развива и во нашата земја, како алтернативен туризам. За пример беше издвоен градот Крушево, кој моментно е меѓу десетте топ дестинации во светот за параглајдерство и каде Агенцијата дава одредена поддршка за промоција и реализација на соодветни активности заедно со општината. Беше нагласена и потребата општините да се придружат на поканите што Агенцијата ги објавува за заедничко учество на регионални и меѓународни саеми за промоција на нашите туристички дестинации и региони. На овие манифестации локалните власти може да добијат многу идеи за реализација на проекти кои ќе привлечат туристи на локално ниво. Николовски посочи и на постоењето на Закон за патеки, кон кој локалната власт задолжително мора да се придржува, при подготовката на вакви проекти на локално ниво.

Професорката Марија Магдинчева Шопова ја потенцираше важноста, општините да изработуваат стратегиски документи за развој на туризмот на локално ниво. При тоа таа ја нагласи и потребата да се води грижа за нивната усогласеност со постојните национални стратегиски документи, со цел да се обезбеди натамошно заедничко координирано настапување и унапредување на можностите за развој на туризмот во земјата.

Последната сесија се однесуваше на презентација на добри практики од областа на промовирање на туризмот. При тоа беа презентирани два проекта. За проектот „ Управување со дестинација- Модел на одржлив туризам“ говореше Елена Иванова, од ИМЕ проектот (Increasing market employability) финансирано од Швајцарската агенција за развој и соработка. Таа нагласи дека во креирањето на програмите за развој на туризмот или стратегискиот пристап секоја општина, треба да се води од се поприфатеното начело за развој на туризмот : -„ развиваме туризам согласно тоа што туристите ни бараат, а не врз основа на тоа што имаме“. Поточно, таа посочи дека секогаш локалната власт треба добро да ги преиспита потенцијалите што ги има, но при тоа предност за развивање треба да им даде на оние кои привлекуваат најмногу внимание од страна на туристите. За вториот проект „СТЕП“, говореше неговиот раководител, Флорент Бајрами. Тој посочи дека станува збор за проект финансиран од средствата од ИПА компонента за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, а се однесува на зајакнување на иновативниот туризам, преку користење на он-лине алатки за вмрежување на сите чинители кои може да придонесат кон промоција на туристичките потенцијали на во случајот полошкиот регион.





назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.