Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Потребна е анализа и преиспитување на сегашните позиции на локалната власт - изнесено на третата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС
17 декември 2018
 



 

-„Радува фактот што Владата на Република Македонија ја стави децентрализацијата како еден од поважните приоритети во своето работење. Тоа сериозно не охрабрува, особено што слушнавме на Конференцијата дека ќе бидат преземени и конкретни чекори за финансиска поддршка на општините. Но, во изминатиов период локалната власт беше ставена на колена, во очајна состојба и за нејзино опоравување навистина се потребни сериозни и големи чекори. Потребни ни се поквалитетни услови за спроведување на нашите надлежности за да можеме сериозно да одговориме на потребите на граѓаните. Мина веќе една година и повеќе, како станавме градоначалници или советници, а граѓаните не сакаат да слушаат за општинските долгови, наследени од минатото или од претходните гарнитури, не сакаат да слушаат дека локалната власт не добива доволно финансиски средства и слично. Тие од нас бараат сега, денес, утре, за една година да добијат водовод, канализација, пат, градинка, чист воздух, одличен превоз и друго. Затоа мораме да се преиспитаме, односно да ги преиспитаме сегашните позиции на локалната власт во процесот на децентрализацијата, надлежностите кои ги имаме, средствата што ги добиваме за нивна реализација и сериозно да ги утврдиме следните чекори.

Ова беше дел од излагањето на претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов пред делегатите на третата седница на Генералното собрание, што се одржа на 14 декември, 2018 година, веднаш по завршувањето на Националната конференција на локалната и централната власт, во хотелот „Александар Палас“, во Скопје. Пред бројните градоначалници и пред членовите на Комитетот на советите при ЗЕЛС, Шилегов информираше за одредени активности преземени од Управниот одбор и за идни заложби на локалните власти.

-„Должен сум да ве информирам дека Управниот одбор на ЗЕЛС имаше остра реакција околу донесувањето на измените во Законот за финансирање на единиците на локалната власт. Претседателството на ЗЕЛС заедно со неколку членови од Управниот одбор побаравме и имавме средба со Премиерот и со Министерот за финансии. Пред се изнесовме дека до ЗЕЛС воопшто не беше испратен предлог законот на разгледување и дека во иднина е неприфатливо носење на законски решенија без претходна консултација со локалната власт. Донесената мерка во овој Закон, во вакви услови е погубна речиси за сите локални власти. Развојната компонента која е задолжителна за носење на буџет не можеме да ја оствариме ако сопствените приходи на основниот буџет на општината треба да го планираме со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција“ рече Претседателот на ЗЕЛС.

Шилегов информираше и за реакциите на ЗЕЛС и во однос на неповратните средства во висна од 50 милиони евра, што Владата ги одвои за општините кои имаат долгови, каде дополнителен предизвик претставуваат и наметнатите услови за намирување на доверителите за основниот долг и за каматите. Сепак тој изрази надеж дека дел од општините ќе успеат да се ослободат од одредени долгови со овие средства.



Како сериозен предизвик за следниот период Шилегов го посочи спроведувањето на надлежностите во противпожарната заштита. Направените анализи говорат дека територијалните противпожарни служби (ТППЕ) се наоѓаат во лоша состојба во однос на опременоста и квалитетот на кадри, при што според законските прописи недостасуваат околу 500 пожарникари, а нереална е и наменска дотација што општините ја добиваат за спроведување на оваа надлежност. Шилегов изјави дека ставот на единиците на локалната власт е продлабочување на процесот на децентрализацијата, но само доколку тоа подразбира и сериозно обезбедување на адекватни финансиски средства за општините. Беа посочени и другите предизвици, како што е образованието, каде на почетокот на септември ЗЕЛС издејствува измени во Законот за превоз во патниот сообраќај со кои се создадоа поповолни услови за исполнување на обврската за бесплатен превоз на учениците, а се прават напори да се изнајдат решенија и за руралните општини, односно за недостапните терени, со обезбедување на превозни средства, преку поддршка од Владата.

Освен предизвиците, Претседателот на ЗЕЛС ги изнесе и забелешките што централната власт ги изнесува на сите преговори со претставниците од ЗЕЛС. Постојано се нагласува потребата од преземање на активности за рационализација на училишната мрежа, со оглед на фактот дека бројката на наставници расте, наспроти намалувањето на бројот на учениците. Второ големо укажување, кое речиси е најзначајно, е потребата за поголема посветеност на локалната власт во собирањето на сопствените приходи, кое во последните неколку години бележи пад. Данокот на имот е еден од најзначајните извори за полнење на општинскиот буџет. Шилегов посочи дека во следниот период секоја единица на локална власт треба сериозно да и пристапи на оваа обврска. Општинските служби треба приоритетно да направат комплетна евиденција на сите имоти што се наоѓаат на нивната територија и паралелно, онаму каде не е тоа сторено, да се направи репроцена на даночната основица, според актуелната методологија. Тој посочи дека треба да се размислува и во насока на искористување на други постојни законски можности, како зголемување на процентот од зафаќањето на данокот на имот, можности за воведување на други такси и даноци и друго.

Шилегов рече дека во следниот период ќе треба поаналитички и попосветено да се преиспита до каде е децентрализацијата, но и колку локалната власт е подготвена за нови чекори. Освен финансиските предизвици, локалните власти се соочуваат и со предизвици во кадровскиот потенцијал. Како сето тоа да се надмине и дали една мала општина треба и мора да ги има истите надлежности како и поголема општина се прашања за сериозни анализи. ЗЕЛС веќе размислува и се подготвува во таа насока, а има подготвено и Систематизирани ставови на ЗЕЛС, кои на крајот на мај беа доставени на разгледување до сите локални власти и потоа испратени до централната власт. Најголемите залагања се за обезбедување на финансиски стабилни општини, преку обезбедување на адекватни блок дотации, зголемување на процентот од зафаќањето од ДДВ на 10% и од персоналниот данок на 50%, како и обезбедување повеќе средства за локалната власт од средствата што се добиваат од продажби и концесии на минерали, земјоделско земјиште и слично.

На крајот од обраќањето претседателот на ЗЕЛС посочи дека на локалните власти им претстои тежок период, кога со освен предизвиците со кои ќе се соочуваат на својата територија, ќе се работи и на надминување на заедничките предизвици како локална власт, сплотени преку ЗЕЛС, во постојани преговори со Владата. Во таа насока тој апелираше до сите членки на ЗЕЛС да ја регулираат својата обврска, односно да ја плаќаат членарината кон ЗЕЛС .

На седницата на Генералното собрание на ЗЕЛС, извршната директорка, Душица Перишиќ ги презентираше активности што ги предвидува ЗЕЛС за следната година, а кои се во согласност со трите стратегиски цели: лобирање, поддршка на општинската администрација и електронски услуги и јакнење на ЗЕЛС. Таа го образложи и Буџетот на ЗЕЛС за следната година. Присутните едногласно го изгласаа Акциониот план на ЗЕЛС и Буџетот на ЗЕЛС за 2019 година.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.