ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Со пренесувањето на искуствата од имплементирањето на електронската алатка “е -дозвола за градба“ ЗЕЛС се афирмира во регионот и пошироко
27 декември 2016

Генералното собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на Заедницата, на 23 декември, 2016 година, во просториите на хотелот „Александар палас“ со почеток во 12.00 часот, ја одржа осмата седница, на која ги разгледуваше и ги усвои најважните документи за работењето на ЗЕЛС за следната година:Акцискиот план и Финансискиот план на ЗЕЛС за 2017 година.Делегатите, односно градоначалниците и советниците, дискутираат и за предизвиците со кои се соочуваат локалните власти при спроведувањето на надлежностите, а претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски во своето излагање говореше за одредени позначајни активности на Заедницата реализирани оваа година како и за најважните предизвици на локалните власти за следниот период.

„Афирмацијата на ЗЕЛС во регионот, па и пошироко, го сметам како голем успех на нашата Асоцијација, што оваа година се рефлектираше и во пренесувањето на добрите практики во делот на електронските услуги кај нашите соседи. Минатата година во Република Србија а оваа и во Република Албанија, ЗЕЛС ги пренесе искуствата во имплементирањето на „ е –дозвола за градба“ за чија примена се заинтересирани и земји членки на ЕУ, но и земји од други континенти. Со тоа покажавме дека умееме да создаваме сопствени добри практики, но и несебично да ги споделиме, особено со земјите во регионот со цел создавање на економски привлечен реон за инвестирање на Балканот. Истовремено покажавме дека континуирано се движиме во насока на остварување на стратегиските цели за обезбедување на сопствени приходи и самоодржливост на Асоцијацијата, рече претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски пред присутните делегати на Собранието. Тојпосочи дека сите активност што ги реализира ЗЕЛС се во согласност со Стратегискиот планза 2016-2020 година.

Во спроведувањето на првата стратегиска цел “застапување и лобирање“ годинава беа поднесени најмалку иницијативи во споредба со изминатиот период. Причина се политичките состојби во земјата и намалената можност ЗЕЛС активно да комуницира и преговара со надлежните министерства и други соодветни институции за донесување на соодветни законски решенија за адекватно спроведување на надлежностите на локалните власти. Сепак беше истакнато донесувањето на двата нови закони: Законот за градежно земјиште, со кој е овозможено целата негова примена да се води по електронски пат и Законот за пожарникарствосо кој се уреди материјата во која имаше доста празнини и недоречености како и статусот на пожарникарите, кои станаа овластени службени лица од областа на безбедноста. Имплементирањето на овие закони создаде и одредени нови предизвици за општините, но и во таа насока ЗЕЛС презема одредени иницијативи за нивно надминување. Активности беа реализирани и за начинот на ревалоризација на вредноста за утврдување на данокот на имот, преку усогласување со Законот за даноци на имот и користење на коефициентот (пондер) за соодветни зони. Беа предлагани измени и дополнувања на Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот, по што беше предложена нова методологија, која се уште не е усвоена. Во тој контекст претседателот на ЗЕЛС апелираше за зголемени активности на локалните власти за пресметување на реалната основа на данокот на имотот како и негова целосна наплата, што претставува значаен аргумент во преговорите со централната власт за зголемување на финансиските средства за спроведување на префрлените надлежности и обезбедување на поголема финансиска самостојност на општините.

Во однос на реализацијата на втората стратегиска цел на ЗЕЛС ,, Обезбедување и одржување на систем на услуги“, Трајановски рече дека во континуитет ЗЕЛС обезбедува спроведување на обуки за јакнење на капацитетите на општинската администрација за квалитетно спроведување на своите надлежности. Исто така,во користењето на електронските системи и реализацијата на електронските постапки ЗЕЛС обезбедува техничка и правна поддршка. Беше посочено дека оваа година обуките што ги реализираше ЗЕЛС тренинг центарот беа повеќе насочени кон градење на општинските капацитети за искористување на средствата од ЕУ фондовите, но беа реализирани и средби, советувања и обуки за поголемо искористување на можностите за заштеда на електрична енергија преку спроведување на проекти за енергетска ефикасност. ЗЕЛС реализира и обуки поврзани со реализација на регионалниот проект,, Локални лидери во Југоисточна Европа“, во кој имаа можност да учествуваат претставници од раководни тимови на општините и од јавните комунални претпријатија за водовод. Друг проект што го реализираше ЗЕЛС е „Родово одговорно буџетирање“, при што беше донесен и предлог Акциски план за родово одговорно буџетирање на ЗЕЛС. Комитетот на советите активно се склучи во креирањето на четиригодишниот Проект „Зајакнување на општинските совети“ посветен на создавање на компетентни советници,кои ќе имаат адекватни познавања при донесувањето на значајни одлуки и креирање на политиките на локално ниво.

ЗЕЛС обезбедува поддршка на своите членки и во делот на спроведувањето на една од најзначајните општински надлежности – локалниот економски развој. Повеќе од четири години ЗЕЛС е вклучен во реализација на регионалната програма за сертификација на деловно пријателски локални власти, или познат како БФЦ СЕЕ сертификат. Годинава како национално сертификационо тело, заедно со ССК повторно доби акредитација за спроведување на оваа програма. Станува збор за многу корисна алатка, при чие спроведување општините треба да исполнат 12 критериуми, кои претставуваат показатели, како администрацијата треба да се подготви, како да комуницира и кои документи треба да ги донесе со цел постигнување на квалитетна соработка со постојните стопанственици или оние кои се заинтересирани да инвестираат. Со овој сертификат годинава се стекнаа општините Штип, Богданци и Гази Баба, како и Град Скопје, а во фаза на спроведување на оваа програма се општините :Прилеп, Битола и Илинден. Во претходниот период, како пилот општини, со сертификатот се стекнаа Велес и Струмица. Подготвена и нова електронска платформа на програмата, што ќе ја олесни уште повеќе целата постапка на собирање и презентирање на доказниот материјал на општините.

Со реализација на обуки за општинската администрација, ЗЕЛС тренинг центарот ќе продолжи и во следниот период. Во тек е подготовка на новиот План за обуки за 2017 година. ЗЕЛС веќе испрати барања до општините но, и до сите претставници од општинската администрација, членови на 15 –те стручни мрежи формирани од ЗЕЛС, да достават адекватни предлози за обуки кои би им користеле за надградување на своите професионални капацитети.

Беше посочено дека ЗЕЛС иако изготви поскромен Акциски план за следната година од вообичаените досега, поради редовните локални избори во 2017 година, иницирањето и застапувањето на најважните приоритети на локалните власти продолжува во континуитет . Претседателот на ЗЕЛС рече дека врвен приоритет на локалните власти и понатаму останува залагањето за обезбедување на финансиска самостојност, односно обезбедување на 6% зафаќање од данокот на додадена вредност ( ДДВ) и 30% од данокот на добивка. Тој направи споредба и со земјите од регионот, каде овие цифри значително се поголеми во корист на општините. Исто така натамошните залагања на локалните власти ќе бидат и во насока на обезбедување и на други дополнителни извори за финансирање, како и обезбедување на поголеми надлежности, поголемо учество во распределувањето на средствата на проекти на регионално ниво, како и во располагањето со капиталните инвестиции. Трајановски не пропушти да истакне дека особено голем приоритет за сите локални власти во земјата е зачувувањето на единството во ЗЕЛС. Тоа е силата на општините, рече тој, и додаде дека само со единствени ставови на сите локални власти може доследно да се развиваат процесот на децентрализацијата во земјата. Во тој контекст тој посочи дека еден од начините за манифестирање на волја за единствен ЗЕЛС е и редовното плаќање на обврските кон Заедницата.



На седницата беа изнесени и одредени предизвици на локалните власти. Градоначалник на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, ја иницираше потребата за итниа преработка на Законот за пожарникарство и зголемување на средствата во блок дотациите предвидени за спроведување на оваа надлежност. Тој посочи дека поголем број општини се соочуваат и со голем број на тужби, бидејќи не можат да се носат со товар на обврските кои произлегуваат од овој Закон. Алексовски напомена дека и опремата и возилата не ги исполнуваат потребните стандарди и се застарени, но за нивна замена општините немаат доволно финансиски средства.

Градоначалник на општина Брвеница, Енвер Пајазити, говореше за надлежноста на општините во делот на управување со градежното земјиште. Неговата но и други општини и покрај тоа што ги исполниле сите услови да се стекне со правото за управување со градежното неизградено земјиште, веќе подолг период не им е овозможено да ја преземат оваа надлежност. Причина е нефункционирањето на Комитетот за градежно земјиште. Од друга страна Министерството за транспорт и врски е неажурно и не ги спроведува постапките за отуѓување на градежни парцели кои се на територијата на овие општини, поради тоа општината губи многу инвестиции и проекти . Пајазити ги посочи и предизвиците во спроведувањето на надлежноста во образованието. Токму долговите генерирани во образованието со бесплатниот превозот на учениците, превработеноста на наставниот кадар, постојаното натрупување на нови обврски за општините во оваа област придонеле оваа општина да има блокирана сметка веќе подолг период. Беше побарано ЗЕЛС итно да се заземе за дефинитивно разрешување на овој проблем.

На овие забелешки се приклучи и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој укажа и на дополнителни издатоци што ги имаат општините за реализација на обврските во образованието, како што се : исплаќањето на отпремнините за заминување во пензија и за смртен случај во семејството на вработените, осигурувањето на училиштата, задолжителните систематски прегледи на наставниците, потребата од дополнителни технички материјали, но и наставен кадар за реализација на новите наставни програми. Сето тоа предизвикува трупање на огромни суми долг на општините, што тие се трудат да го покријат со сопствени средства предвидени за други намени. Во своето излагање Јакимовски ги посочи и предизвиците од неадекватното функционирањето на електронскиот систем за градежно земјиште и изрази незадоволство што Министерството за транспорт и врски софтверот го пушти во примена без ниту едно пробно тестирање во општините. Неговата нефункционалност и постојаните проблеми што произлегуваат при неговата примена ја нарушуваат сликата што секоја општина ја гради пред граѓаните и инвеститорите во насока на обезбедување на квалитети услуги, без за тоа да има и грам вина. Во оваа област тој даде забелешка и за застојот во решавањето на постапките за денационализација и експропријација. Како голем предизвик беше посочена и неажурноста на полицијата во делот на обезбедувањето на јавниот ред и мир во општината. Таа не реагира на поплаките на граѓаните во случаи на вандалство, бучава и слично, па граѓаните незадоволството го покажуваат кон локалната власт, поради тоа се заложи за преземање на активности зазголемување на влијанието на локалната самоуправа во оваа област.



назад


Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE


Гласило

Стратешки план 2011 - 2015


Родова еднаквост




ЗЕЛС е-услуги

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.