Предизвиците со кои се соочува локалната власт околу имплементирањето на новиот Закон за урбанистичко планирање беше главната дискусија на општинските советници од тематската работна група за урбанизам и просторно планирање на средбата што се одржа на 12 јуни, 2020 година, преку ZOOM платформата. На оваа on line средба се приклучија и претседателите на советите како и претседателите на комисиите за урбанизам и просторно планирање од 24-те партнерски општини на Проектот „Зајакнување на општинските совети“.
Поканетата архитектка, Даница Павловска во своето излагање акцентот го стави на новите законски решенија од Закон за урбанистичко планирање, активностите што треба да ги спроведат единиците на локална самоуправа, предизвиците од имплементацијата на Законот при што сето тоа беше разгледувано од аспект на улогата на Советот на општината ,односно на советниците во целиот тој процес. Таа посочи дека урбанистичкото планирање на општината претставува голема одговорност на советниците. На средбата стана збор и за начинот на функционирање на советот по овие прашања во услови на пандемијата со Ковид-19, но и генерално, како локалната власт може да придонесе со квалитетни урбанистички решенија за обезбедување на поголема урбана безбедност во услови на пандемија, елементарни непогоди и слично. Законот за урбанистичко планирање овозможува олеснување на некои постапки за кои е потребно согласност од градоначалникот, но многу е значајна и улогата на советниците за што е потребно нивно подобро едуцирање во оваа област, во насока на донесување на адекватни одлуки, како и консултации и вклучување на професионалци од областа на урбанизмот, со цел донесување на квалитетни планови за уредување на просторот во општината. Особено беше нагласено дека се повеќе се наметнуваат ,,новите урбанистички потреби“ на населението, кои се темелат на зголемување на зелените површини во градовите, изградба на паркови, зголемување на бројот на „зоните без возила“ во градските јадра, развивање на велосипедска инфраструктура и слично.
|