ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Управниот одбор на ЗЕЛС дискутираше за многу предизвици со кои се соочуваат локалните власти
14 март 2018
 

Управниот одбор на ЗЕЛС на 13 март, 2018 година во просториите на административната зграда на ЗЕЛС ја одржа четвртата седница. На дневен ред беа ставени повеќе прашања што претставуваат предизвици за локалните власти, а беше усвоен и Извештајот за финансиското работење на Заедницата за 2017 година.

На почетокот на седницата членовите на ова тело ги разгледаа приходите и расходите на ЗЕЛС од минатата година, при што посочија на нискиот процент на наплата на членарината на општините кон Заедницата. Беше заклучено до сите општини да се испрати допис во кој ќе бидат наведени услугите што локалните власти ги добиваат од ЗЕЛС: како што се одржувањето, управувањето, надградувањето и поддршката на општините во испорака на електронските услуги кон граѓаните, потоа реализирањето на обуките за јакнење на капацитетите на општинската администрација и најважно, лобирањето што во името на сите општини го спроведува ЗЕЛС пред централната власт за обезбедување на законски измени во полза на поквалитетно спроведување на локалните надлежности. Во дописот општините треба да бидат информирани и за долгот што тие го имаат кон ЗЕЛС , како и за начинот на неговото враќање.

На оваа седницата беа изнесени и предлог систематизираните ставови на ЗЕЛС, од страна на Работната група, формирана за оваа намена. Станува збор за листа на барања и предлози за измени и дополнување на законите кои се однесуваат на надлежностите на локалните власти, кои се предмет на преговори со Владата и надлежните министерства за следниот период . Систематизираните ставови на ЗЕЛС произлегуваат од предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната власт. Во нив беа посочени стратегиските прашања поврзани со реформи во локалната власт и процесот на децентрализација, и пред се подобрување на финансиската состојба, односно стабилност на општините. Беше заклучено во рок од петнаесет дена членовите на Управниот одбор писмено да се произнесат по истите до ЗЕЛС, а потоа беше предложено, комплетната предлог листа да се разгледува точка по точка на следната седница.

Како едно од погорливите прашања за секоја локална власт но, и за целата земја е прашањето за организираноста на противпожарната заштита. Локалните власти ја добија оваа надлежности уште на стартот на децентрализацијата но, при тоа и многу нерегулирани прашања поврзани со оваа област. Во текот на изминатите години преку Мрежата на територијални противпожарни единици (ТППЕ) при ЗЕЛС се направија одредени позитивни исчекори за регулирање на оваа област но, останаа уште многу предизвици. Оваа тема беше отворена по пристигнатиот дописот до ЗЕЛС, од страна на четирите општини: Македонска Каменица, Ранковце, Старо Нагоричане и Кривогаштани, на кои МИОА не им ги прифаќа општинските систематизации во кои се ставени и вработените од нивните територијални противпожарни единици. Всушност овие четири ТППЕ, не се предвидени со новиот Закон за пожарникарство, туку се утврдени само 34 ТППЕ кои постоеја и кои беа предадени на општините уште на стартот на децентрализацијата, во 2005 година. Овие општини, во изминатиот период, тргнувајќи од огромната потреба за противпожарна заштита и со странски донации и поддршка во обука на вработените и во механизација, имаат формирано свои противпожарни единици, според одредбите од стариот Закон за пожарникарство, каде е утврдено дека територијални противпожарни единици може да формираат и општини чие седиште е оддалечено повеќе од 20 км, од општините кои имаат веќе формирано вакви ТППЕ. Нивното финансирање, комплетно го реализираат општините, односно тие не добиваат наменски дотации. Во дискусијата беа посочени и другите предизвици на локалните власти, особено во делот на недоволната финансиска покриеност од наменските дотациите и на постојните 34-те ТППЕ, поради што платите на најголем дел од вработените, механизацијата и опремата, се на товар на општината. Стана збор и за големиот број на тужби што ги имаат општините заради неисплатени прекувремени часови, но и за годишен регрес на пожарникарите. По опсежната дискусија беше договорено прецизно да се информира Владата за предизвиците на локалните власти во оваа област и за потребата од нов стратегиски пристап во системот на противпожарни услуги, а исто така да се упати писмо и до Министерството за финансии за наменските дотациите, како и до МИОА околу систематизациите. Беше посочено дека е потребно да се направи длабинска анализа која ќе ја содржи сегашната поставеност, финансиските средства кои се префрлаат од централната власт на локално ниво, како и средствата кои од сопствените буџети ги користат општините за оваа намена. Со оглед на сериозноста на ова прашање и потребата од исклучително квалитетна услуга во овој домен, беше посочено да се размислува за нова стратегија во противпожарната заштита, со утврдување на идеалната поставеност на ТППЕ, на искористување на системот на волонтерство во оваа област, обезбедување на координираност на сите клучни субјекти во услови на кризи и пожари, добра техничка опременост на единиците, обучени пожарникари, дефинирани тарифници за извршените услуги, се со цел добивање на брза и квалитетна противпожарна и друга заштита. Во целиов овој концепт беше посочено прецизно да се дефинира и статусот на општините, а врз основа на тоа, понатаму, да се дискутира и да се иницираат законски измени.

Управниот одбор го прифати барањето на општина Гази Баба за доставување на иницијатива до Министерството за животна средина за измена и дополнување на Правилникот за минималните технички услови за вршење на дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад, форма и содржината на образецот за добивање, промена или обновување на дозволата за складирање, третман и/или преработка на отпад како и формата и содржината на образецот на дозволата (Сл.Весник 197/14)

Беше отворена дискусија и по пристигнатата информација од ЈП Македонски железници за неисплатени средства од општините за редовно одржување на патните премини на железничките пруги. Претставници од ова претпријатие беа и на разговор во ЗЕЛС, при што посочија дека според списокот на општини -должници ќе преземат судски постапки за наплата. Управниот одбор ја констатира потребата од дополнително писмено обраќање до ЈП МЖ со кој ќе се побараат дополнителни информации за бројот на премини по општини и нивни локации, за актуелната поставеност на безбедносна и друга сигнализација, степенот на одржувањето и други анализи, кои потоа ќе бидат разгледани од посочените општини, по што ќе се излезе со утврден став по ова прашање.

Претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов го информираше Управниот одбор за состанокот што неодамна го имаше со претставници од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Во однос на дописот доставен до ЗЕЛС од Здружение на угостители „ Охридски Еснаф“ поради разидување на толкување на одредби од Законот за градежно земјиште, меѓу Советот на општина Охрид и угостителите, во доменот на поставување на урбана опрема на јавни површини пред деловни објекти, предвидени со Програмата на Советот на општината, Управниот одбор заклучи да се испрати писмо до Здружението во кое ќе се наведе дека ЗЕЛС нема надлежност за толкување на законски одредби.

Присутните беа информирани дека токму на овој ден, 13, март, 2018 година, во просториите на ЗЕЛС беше потпишан договор со кој Министерството за транспорт и врски му го пренесува правото на трајно користење, управување и одржување на информацискиот систем: www.gradezno-zemiste.mk на ЗЕЛС. Со тоа беше посочена и потребата за донесување на одлука за промени во Планот за јавни набавки на ЗЕЛС, што беше прифатена од Управниот одбор.

На оваа седница, претставникот од руралните општини, член на Управниот одбор, ги изнесе предизвиците што градоначалниците од овие локални власти ги посочија на состанокот што беше одржан на 09 март, 2018 година во просториите во ЗЕЛС. Таксативно наброените заклучоци тој ги образложи пред присутните. Управниот одбор ја изнесе заложбата за поддршка на руралните општини во насока на обезбедување на рамномерен регионален развој во земјата, при што беа донесени и одредени ставови и заклучоци, кои во согласност со барањата на руралните општини, ќе бидат доставени до надлежни институции или министерства и кои ќе бидат подетално разгледувани и на другите седници во следниот период.

Беше посочено ЗЕЛС да испрати барање до Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, со кое ќе се побара да достави список на сите парцели на земјоделско земјиште, издадено под закуп. Во писмото да се предложи МЗШВ да направи електронска алатка, со чија помош општинските служби ќе можат да следат кои парцели се дадени под закуп и колкав приход се остварува од истите, при што и непосредно ќе се грижат за нивната адекватна искористеност. Ова оди и во насока на се уште нерешените нерегуларности во врска со применувањето на старата територијална поделба од 34 општини, со што се прават многу грешки, а финансиските средства се исплатуваат во несоодветни општини, односно не таму каде што наоѓа концесијата. Беше утврдено да се испрати допис до Министерството за транспорт и врски, МЗШВ и Агенцијата за катастар на недвижности да направат напори и да се усогласат со новата територијална поделба од 80 општини и Градот Скопје.

Беше прифатено и барањето да се укине бараното учество од општините за финансирање на проекти согласно Програмите за финансирање на руралниот развој, каде вредноста на ДДВ врз основа на склучени договори за реализација на проектите паѓа на товар на ЕЛС, односно пресметката да се прави согласно вредностите наведени во претходно издадените Решенија за добивање на проект.

Исто така беше посочено ЗЕЛС да ги информира уште еднаш сите општини, особено руралните, кои имаат проекти за градинки да ги достават до Министерството за труд и социјалана политика за добивање на одредени средства, односно поддршка за оваа намена. А беше прифатен и предлогот ЗЕЛС да достави барање до Министерството за внатрешни работи да овозможи запленетите возила да им се дадат на користење на општините за нивните потреби.

Беа изнесени и повеќегодишните барања на ЗЕЛС, и на руралните општини, за обезбедување на законски измени за да општините добиваат средства и од концесијата на песокот во реките и тоа најмалку 50%, како и средства од концеси на шумите и на пасиштата. Беше посочено дека општините се соочуваат со предизвици за ревитализација на патната инфраструктура поврзана со транспорт што се реализира од страна на концесионерите.

Освен по поставениот дневен ред, градоначалниците изнесоа и дополнителни предизвици од кои најголема дискусија произлезе за континуираното пролонгирање на Законот за легализација на бесправно изградени објекти. Беше посочено дека со тоа се прават огромни штети за општините со овој Закон, при што беше заклучено да се достави итно допис до Владата на Република Македонија и до МТВ да не се дозволи натамошно пролонгирање на примената на овој Закон. Стана збор и за негативните последици што ги предизвикува Законот за административни службеници, како што беше изнесено, поради тоа што не поттикнува креативност, залагање на вработените, односно доведува до дискриминација на оние кои работат професионално и квалитетно бидејќи се изедначени по примањата со останатите вработени.

Пред Управниот одбор беше посочено дека општините во согласност со Законот за даноци на имот редовно (еднаш годишно) ја усогласуваат состојбата на регистарот на недвижности со регистарот кој го води Агенција за катастар на недвижности на република Македонија. При тоа нелогично е што за оваа законска обврска, општините плаќаат огромни парични средства за услугата на Агенцијата. Беше заклучено да се испрати допис до Агенцијата и да се информира Владата на РМ, да се исправи оваа неправда, односно овие податоци општините да ги добиваат бесплатно.

На крајот на седницата, Управниот одбор на ЗЕЛС утврди Генералното собрание на ЗЕЛС да одржи седница на 26 април, 2018 година, датум кога е формирана ЗЕЛС пред 46 години, односно кој со Статутот на ЗЕЛС е утврден како Ден на општините и роденден на Заедницата .



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Ново - Годишен извештај

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

Гласило

Стратешки план 2011 - 2015

Родова еднаквост


ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.