ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Размена на добри искуства и практики на локалните власти од Република Македонија со европските општини , на 14-тиот состанок на ЗКК
8 мај 2018
 

-„Ве поздравувам во името на делегацијата од Република Македонија, која е дел од Заедничкиот консултативен комитет помеѓу нашата земја и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК) и од мое име, како нов ко-преседавач на ова тело. Подготвени сме да ја продолжиме воспоставената пракса од десетгодишното функционирање на овој Комитет, со цел локалната власт во нашата земја да ја издигнеме на уште повисоко ниво и што повеќе да се доближиме до европските стандарди. Сакаме да учиме од добрите практики на нашите европски колеги од локалната власт, а истовремено ќе ви ги понудиме и нашите најдобри искуства. Идентификувањето на најгорливите теми што ги засегаат нашите општини и нивното поставување како дел од агендата на седниците на ова тело е во насока на изнаоѓање на применливи решенија за нивно успешно надминување, подобрување на квалитетот на услугите на нашите граѓани и за развивање на демократските процеси во земјата. “

Ова го истакна Благој Бочварски, градоначалник на општина Штип и ко-претседавач на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) на 14-тиот состанок на ова тело, што се одржа во Брисел, на 3 мај, 2018 година. На седницата присуствува 9, од вкупно 11 –те, делегати од ЗЕЛС, избрани на третата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, одржан на 26 декември, минатата година. Министерот за локална самоуправа на Република Македонија, Сухејл Фазлиу ја предводеше делегацијата на министерството, меѓу кои беше и заменик-министерот, Дејан Павлески. На состанокот на ЗКК беше и Влатко Станковски, в.д. Шеф на Мисијата на Република Македонија при ЕУ, а на присутните им се обрати и Иво Вајгл, член на Европскиот парламент.

Ко-претседавачот од страна на Комитетот на региони, Јасна Габриќ, градоначалничка на општина Трбовље,( Словенија), изрази голем оптимизам што процесот на проширување на Европската унија добива нов поттик. - „Напредокот на вашата земја не остана незабележан, а вратите на Европска Унија остануваат отворени“, рече Габриќ. Таа го изнесе неодамнешното мислење на Комитетот за региони околу Стратегијата за пристапување на Западен Балкан, кое е во насока на поттикнување на земјите за спроведување на што позасилени активности за исполнување на утврдените критериуми за влез во Унијата ,што би имало огромно значење за целиот регион и за нивниот процес на интегрирање.

На првата тема на состанок на ова тело -„Состојба на тековните реформи: придонесот и нивното влијание врз локалните и регионалните власти“, министерот Фазлиу упати благодарност до Европската Комисија за силната поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција на Република Македонија во Европската Унија и за препораката до Советот на Европската Унија да донесе одлука за почнување пристапни преговори со Република Македонија.- „-Чистата препораката на Комисијата претставува признание за спроведените реформи на Владата на Република Македонија која и понатаму ќе биде фокусирана на преземање на активности по сите забелешки од Извештајот. Натамошното развивање на децентрализацијата на власта е еден од нашите приоритети. Всушност и во Извештајот на Европската Комисија е нотиран напредок поврзан со испораката на јавни локални услуги и во делот за зголемување на средства за поттикнување на рамномерен регионален развој во земјата“ рече Фазлиу. Зборувајќи за финансиската поддршка на Европската Унија преку ИПА инструментот за преку-гранична и територијална соработка, министерот Фазлиу истакна дека во моментот се спроведуваат 144 проекти кои во перспектива обезбедуваат подобри меѓусоседски и регионални односи, ја унапредуваат соработката во сферата на бизнисот и размената во областа на културата и животната средина.

Членот на Европскиот парламент, Иво Вајгл истакна дека ова е добар период за земјите од Југоисточна Европа, бидејќи се исполнети сите индикатори, па дури и за забрзување со проширувањето. Тој посочи дека Македонија тринаесет години во континуитет има најдобар Извештај, освен последните неколку години и изрази задоволство што повторно се враќа на вистинскиот колосек. -„Проширувањето на ЕУ со сите земји од европскиот континент е светлото што не води и отвора можности и за земјите и за самата Европска Унија“, рече на крајот од својот говор Иво Вајгл.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, делегат од ЗЕЛС во ЗКК, во своето обраќање ги изнесе предизвиците и приоритетите на локалната власт во нашата земја. Тој посочи дека и по 13 години имплементација на децентрализација на власта во земјата, поголем број општините се соочуваат со долгови а, некои и со блокирани сметки, што се проценуваат на висина од над 100 до 200 милиони евра. Санирањето на ваквата состојба се очекува преку реализација на најавите од централната власт за подигање на кредит со поволни услови за општините. Тој посочи дека во одреден период, Европската повелба за локалната власт, за адекватно обезбедување на средства за сите префрлени надлежности не се почитувала доволно, особено во делот на образование, култура, социјална и противопжарна заштита но, дека и тука има позитивни сигнали од централната власт за нивно соодветно надминување. Најави дека е формирана меѓуресорска работна група, во која има вклучено и експерти кои ќе изнесат одредени решенија за вистинската сума на средства, која би била доволна за општините функционално да ги извршуваат овие надлежности. Потоа Мицевски посочи и повеќе добри практики на локалните власти од нашата земја, меѓу кои е испораката на електронски услуги за граѓаните, каде Македонија е лидер во регионот и пошироко. Електронската алатка „е-дозвола за градба“ ЗЕЛС ја пренесе и кај соседните земји: Србија и Албанија, а секогаш е подготвена ова искуство да им го даде и на другите, заинтересирани земји. За јакнење на демократските процеси и зголеменото учество на граѓаните во креирањето и донесување на одлуки беше посочено десетгодишното реализирање на „форуми во заедниците“, а беше нагласен и регионалниот проект за стандардизирање на услугите на општините за привлекување на бизниси .

Бочварски на крајот од дискусијата на првата тема посочи дека нашата земја е подготвена да се соочи со сите предизвици за влез во Унијата и дека реформите се имплементираат на инклузивен начин, односно во процесот на донесување на одлуки, граѓанскиот сектор и експертската јавност го добиваат заслуженото место. Исто така, Бочварски рече дека локалните власти, сплотени и единствени во ЗЕЛС продолжуваат со активностите за продлабочување на децентрализацијата на власта, поголемо граѓанско учество, преземање на нови надлежности и се разбира обезбедување на поголема финансиска стабилност на општините.

„Управување со отпад“, беше втората тема по која се дискутираше на седницата, а која беше избрана од страна на делегатите од Македонија. На оваа тема говореше градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски. Тој ја изнесе постојната состојба на реализирањето на оваа надлежност на општините во нашата земја, посочувајќи дека управувањето со отпадот е на супстандардно ниво при што ефектите од тоа негативно се одразуваат и на животната средина. Целиот систем има низа сериозни организациски и технички недостатоци што општините во изминатиот период не успеаја да ги надминат и затоа неодамна беше предложено заеднички координиран настап на локалната и централната власт, преку воспоставување на регионален систем за управување со отпад. Георгиевски рече дека од голема полза за општините ќе бидат изнесените искуства во справувањето со отпадот на европските колеги. На седницата, советникот од Будимпешта, Ката Туто и известител на Комитетот на региони за "Улогата на отпад-до-енергија во циркуларната економија“ говореше за Пакетот за циркуларна економија на Европската комисија и поврзаното мислење на Комитетот на региони за улогата на отпадот како енергија, усвоен во ноември, 2017 година, за водење на политики на управување со отпадот, минимизирање на негативните ефекти врз животната средина и оптимизирање на ефикасноста на ресурсите во управувањето со отпадот. Од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување од Европската комисија, говореше Гилмет Веше а, збор зема и Ела Стенгел, управен директор на Конфедерацијата за европските отпад-до-енергија (CEWEP) и Феран Роса, раководител за политики на Програмата "Нула отпад за градовите".

Паралелно со сесијата на ЗКК, сесии имаа и заедничките консултативни комитети помеѓу Комитетот на регионите на Европската Унија со Црна Гора, со Србија, со Турција, кои дискутираа на различни теми : за корупција на локално ниво; заштита на културното наследство; твининг програма на градови, а беше организирана и сесија за дигитална трансформација на земјите од Западен Балкан.

Следниот состанок на ЗКК ќе се одржи на почетокот на септември, во Скопје, во согласност со досега воспоставениот ред на одржување на две седници во текот на годината, од кои едната во Брисел а, другата во Република Македонија

„Ден на проширување“ - конференција фокусирана на локалната и регионална димензија на пристапот кон ЕУ

На 4 мај, 2018 година, во Брисел, во организација на Комитетот на регионите (CoR) се одржа четвртата пленарна седница „Денот на проширување“ на која присуствува претставници од земјите од Западен Балкан, како и делегацијата од локалните власти од Македонија, членови на ЗКК и претставниците од Министерството за локална самоуправа на Република Македонија. Пред присутните се обрати Карл-Хејнз Ламберц, претседател на Комитетот на региони, како и европскиот комесар за европска политика за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, кои меѓу другото истакнаа дека успехот на следното проширување на ЕУ, во голема мера зависи од градовите и регионите. За актуелна состојба и за иднината на процесот на проширување говореа и други претставници на значајни тела и органи, како и експерти од Унијата. За приклучување кон Унијата, од страна на Европската комисија беше посочена 2025 година, како можен датум за земјите од Западен Балкан, поради што беше изнесено огромно охрабрување за продолжување на реформите на сите земји.

-"Членството во ЕУ е реалност за Западен Балкан, но затоа е потребна политичка посветеност од секое ниво на владите “, рече Карл-Хајнц Ламберц, претседател на Комитетот на региони, објаснувајќи дека 70 отсто од законодавството на ЕУ го спроведуваат регионите и градовите и затоа нивната улога за постигнување на тој успех е многу значајна. Ламберц посочи дека ЕУ ќе им помогне на локалните власти за унапредување на капацитетите на локалната администрација, која мора да биде на исто ниво со нивните колеги од Европската унија. - Добро воспоставените активности, како што се прекуграничната соработка, макро-регионални стратегии и мрежи, како што е Конвенцијата на градоначалници, каде што градовите и регионите ја подобруваат енергетската ефикасност и борбата против климатските предизвици, треба да се зајакнат за да можат промените и натаму да се унапредуваат “, рече Ламберц пред присутните делегации од земјите од Западен Балкан.

Јоханес Хан, европски комесар за европска политика за соседство и преговори за проширување, за прв пат ја искористи конференцијата за проширување - за да ги претстави последните овогодишни извештаи на ЕУ за напредокот постигнат од страна на земјите-кандидати. Извештаите скромно напредуваат на локално и регионално ниво, а оценките на Комисијата, објавени на 17-ти април, ќе послужат како основа за дискусии на самитот на ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 17 мај, 2018 година во Софија.

- "Длабоко сум убеден дека нема да бидеме успешни ако сите наши напори не се преточени во конкретни акции на локално и регионално ниво“ рече комесарот Хан исто така, посочувајќи дека локалните и регионалните власти играат важна улога, како сидро на стабилноста, го промовираат социо-економскиот развој и ја олеснуваат прекуграничната соработка, а пристапувањето кон ЕУ останува засновано на заслуги.

Пред присутните се обрати и Лилјана Павлова, претставник на Бугарија, земја актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Павлова посочи дека се залага за европска перспектива на Западен Балкан нагласувајќи : "Процесот на проширување претставува стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, безбедноста и стабилноста во Европа. Драго ми е што бугарското претседателство постигна едно од нашите примарни цели и дека европската перспектива за Западен Балкан сега е високо на агендата на ЕУ, бидејќи Западен Балкан е регион со висок потенцијал, економиите во регионот брзо се зголемуваат и продлабочуваат односите меѓу ЕУ и земјите во регионот."

Од 2006 година, Комитетот на региони работи со локалните и регионалните власти од земјите кои бараат членство во ЕУ, развиваат структурирани програми за работа со Србија, Црна Гора и со Република Македонија, преку заеднички советодавни комитети - и помалку структурирани дијалози со други земји во регионот и со Турција.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.