ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Форум на градоначалниците - „Децентрализацијата повторно во фокусот’’
4 декември 2017
 

 

„ Децентрализацијата повторно во фокус“ беше темата на форумот на градоначалници што се одржа на 30 ноември и 1 декември, 2017 година, во хотелот „Изгрев“ во Струга, во организација на УНДП, во рамките на проектот “Подобрување на општинското управување”, финансиски поддржан од Европската Унија. Обраќање пред присутните градоначалници и претставници од одделенијата за финансии од локалната власт имаа министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, заменик министерот за финансии, Ширет Елези и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, потоа шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон. На форумот му се обрати и Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, како и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов.

-„ЗЕЛС ќе биде предводник во решавањето на предизвиците на локалните власти и ќе биде гласот на општините. Децентрализацијата мора да продолжиме да ја развиваме, независно што имаше период на нејзина стагнација и тоа ќе го направиме сите заедно со разговори и преговори со централната власт. Не смееме да дозволиме да бидеме извршители на централната власт, туку ние ќе бидеме носители на развивањето на вистинската децентрализација “. Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС на вториот ден од форумот, на сесијата во која градоначалниците имаа можност директно да разговараат со Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев. Во името на општините и на новото раководство на ЗЕЛС, Шилегов ги изнесе предизвиците на локалните власти. Како најзначаен предизвик беше посочена потребата од подобрување на финансирањето на единиците на локалната власт односно, обезбедувањето на поголема финансиска самостојност на општините. Беше истакнато дека во тој контекст треба дефинитивно да се решат предизвиците со заостанатите долгови на општините, кои главно се темелат од периодот пред имплементацијата на децентрализацијата, засновани на враќање на средства од денационализација, но и на наметнатите обврски од централната власт кои само уште повеќе ги оптоваруваат и онака кревките буџети на општините и недоволна распределба на блок дотациите. Од важност е и обезбедувањето на рамномерен регионален развој, односно ќе треба да се води посебна грижа за финансирањето на руралните општини. Тој говореше и за можностите општините на своја територија да имаат поголема улога во доделувањето на концесиите и за целосното преземање на средствата од нив, но и за потребата за префрлање на нови и поголеми надлежности на општините, како што сега е можноста општините да располагаат со неизграденото градежно земјиште во државна сопственост. Во однос на зголемувањето на финансиската стабилност на општините, претседателот на ЗЕЛС, посочи дека треба и самите локални власти максимално да се посветат на евидентирањето, реалната пресметка и наплатата на данокот на имот и на собирањето на сите други приходи на општината.

-„Децентрализацијата е предизвик за создавање на силна локална власт во која ќе се развиваат демократски процеси и каде граѓанинот активно ќе учествува во донесувањето на одлуки„ нагласи Шилегов во своето обраќање. Токму затоа како значаен предизвик за општините тој го посочи и јакнењето на транспарентното работење на општините и нивната соработка со граѓаните и граѓанскиот сектор, при што посочи дека треба да се направат напори за искористување и на сите информатичко –технолошки можности преку кои граѓаните ќе можат брзо и поедноставно да комуницираат со својата општина да ги изнесуваат проблемите но и предлози за подобрување на услугите во неа. При тоа ја посочи и улогата на урбаните и месните заедници, како и потребата за континуирано надградување на капацитетите на општинската администрација и обезбедувањето на квалитетен кариерен развој за што се потребни итни законски измени, особено што во овој момент во голем број на општини се забележува превработеност, особено на пониското ниво на администрацијата, а недостаток на квалитетни кадри со високо образование.

Претседателот на ЗЕЛС говореше и за потребата од разговори и преговори со централната власт за разрешување и на други предизвици, меѓу кои поголемо искористување на средствата од европските и други фондови, пренесувањето на надлежностите на локално ниво секогаш да бидат проследени со соодветни финансиски средства, создавање на позитивна клима за инвестирање и на домашни и на странски инвестиции, зголемени ингеренции на општините кај концесите, како и други прашања кои во текот на првиот ден од форумот беа мапирани во дискусиите на првите луѓе на општините. При тоа Шилегов посочи дека е оптимист, особено кога интересите на локалната и централната власт се движат во иста насока, односно каде развојот на децентрализацијата претставува заеднички приоритет.

-„Процесот на децентрализацијата можеби е нормативно заокружен, но општините во земјата се уште се фискално најцентрализирани во целиот регион и во Европа. Затоа оваа Влада е подготвена да спроведе вистински реформи и вистинска децентрализација и локалната власт да ја врати во фокусот, односно општините да добијат повеќе средства, надлежности, но и одговорности“. Ова го истакна Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата со градоначалниците на која истакна дека веќе во Буџетот за следната година се направени напори за обезбедување на повеќе средства за локалната власт, меѓу кои е зголемувањето на 5% за блок дотациите во образование, во однос на буџетот од оваа 2017 година, но и дека е формирано работно тело за утврдување на можности за зголемување на процентот од зафаќањето на ДДВ, од сегашните 4,5 % да се зголеми на 6% . Тој најави и зголемување на средствата за рамномерен регионален развој во однос на претходната година за 47% повеќе од претходната година, а целта е да се обезбедат 100 милиони евра на годишно ниво, односно исполнувањето на законски утврдениот процент за оваа намена, од 1% од Бруто домашниот приход. При тоа ќе се работи и на редефинирање на начинот на префрлање на овие средства, за што се подготвува целосно мапирање на сите финансии кои по било кој основ за оваа намена, се слеваат во локалната власт.

-„ Дваесет општини имаат блокирани жиро сметки, затоа работиме на можностите за репрограмирање на овие средства со Светска банка, каде на општините ќе им овозможиме континуирано отплаќање со поволна кредитна стапка, на подолг период и со одреден грејс период. Не смееме да дозволиме општините да немаат доволно средства за извршување на своите надлежности, а при тоа ги разгледуваме и можностите за преземање на одредени ингеренции од локално на централно ниво, како што се регионалните депонии, но и проширување на надлежности на локалните власти во делот на социјалната заштита, културата и здравството, спортските објекти, па дури интензивно се размислува и за префрлање на надлежностите со капиталните инвестиции.

Премиерот Заев посочи дека со своето дванаесетгодишно искуство сосема му е јасна состојбата во која се наоѓа локалната власт и токму затоа сите градоначалници ќе ја имаат неговата поддршка и поддршката од Владата на патот за поуспешна децентрализација. Тој им порача да бидат креативни, решителни, да се зафаќаат во костец со решавањето на сите предизвици, да излегуваат што почесто меѓу граѓаните, да ги слушаат нивните потреби и приоритети, да бидат транспарентни, да соработуваат со бизнис секторот, да имаат почит кон сите категории на лица со попреченост, да работат чесно и посветено и дека само така ќе бидат успешни градоначалници. Премиерот посебно се задржа и на делот на искористување на европските и странски фондови, за што ги охрабри градоначалниците да не ги штедат средствата за изработување на што повеќе проектни докумантации, бидејќи заложбата на централната власт е преземање на многу активности во инфраструктура и тоа за канализациони, водоводни мрежи, патишта и гасификација.

Дел од градоначалниците упатија одредени предлози за подобрување на соработката до Централната власт, меѓу кој беше и предлогот на градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, кој рече дека е потребно ЗЕЛС и Владата да имаат квартални средби како и активни преговори при носењето на Буџетот на Република Македонија. И градоначалничката на Тетово, Теута Арифи посочи дека повеќе од потребно е изнаоѓање на заеднички решенија за предизвиците со регионалните депонии, но и за прашањето за превоз на учениците.

На присутните им се обрати и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој меѓу другото ја истакна важноста на политиката за рамномерен регионален развој во надминувањето на постојните развојни разлики меѓу планските региони и меѓу општините, како и важноста за општините во користењето на средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка и реализацијата на проекти во функција на локалниот развој.

Заменик Министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, таксативно ги посочи сите сегменти каде ќе се движи министерството и Владата на РМ. во следниот период, во насока на развој на децентрализацијата при што рече дека не се потребни избрзани решенија и дека се започнати активности на многу полиња меѓу кои е и воведувањето на систем на проценка по сите основи колку средства влегуваат за Рамномерен регионален развој од државата за оваа намена во сите општини, а потоа ќе се пристапи кон рамномерно распределување и се разбира зголемување на досегашните средства. Тој ги посочи и недоволното искористување на механизмот на меѓуопштинска соработка, особено од страна на помалите општини, каде се забележува недостаток на квалитетен кадар, но и финансиски средства за вработување на потребата администрација.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези, опширно го образложи целиот процес на фискална децентрализација, посочувајќи ги долговите на општините и плановите на централната власт за зголемување на автономијата на општините, односно јакнењето на нивната финансиска стабилност и посочи дека наскоро ќе се утврди новиот состав на Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на општините. Таа апелираше до сите градоначалници, да креираат реални буџети и да ги намалат непродуктивните трошоци, да ја зголемат вклученоста на граѓаните во утврдувањето на приоритетите на општината, како и да ја зголемат отчетноста на локалната власт.

На самото отворање на дводневниот форум, на присутните им се обрати и постојаната претставничка на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон, која посочи дека УНДП е близок партнер на општините и дека овој форум е навистина добра можност за споделување на идеи и нови политики меѓу локалните и централната власт во насока на натамошно разрешување на предизвиците. Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар истакна дека Европската Унија ќе продолжи со поддршката за ефикасни јавни услуги и за подобар квалитет на живеење на граѓаните во нашата земја. Тој посочи дека градоначалниците треба да се посветат на обезбедување на стандардите на ЕУ за животна средина на локално ниво, за што Унијата е подготвена за поддршка и на ова поле.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините


Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

Гласило

Стратешки план 2011 - 2015

Родова еднаквост




ЗЕЛС е-услуги

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.