Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Управниот одбор на ЗЕЛС го усвои Предлог –Стратегискиот план на ЗЕЛС за 2021-2025 година
10 декември 2020
 

 

Управниот одбор на ЗЕЛС на 7 декември, 2020 година ја одржа петнаесеттата седница по електронски пат, преку користење на софтверска платформа, што е во согласност со Статутот на ЗЕЛС (член 22, став 4 ). Членовите на УО усвоија значајни предлог -документи од работењето на Заедницата а, дискутираа и за повеќе актуелни предизвици, меѓу кои донесувањето на општинскиот буџет, како и некои аспекти поврзани со новиот предлог –закон за легализација на бесправно изградени објекти.

На самиот почеток на седницата Управниот одбор донесе одлука Генералното собрание на ЗЕЛС да ја одржи петтата седница на 24 декември, 2020 година и тоа во согласност со Статутот на ЗЕЛС (член 16, став 1), односно да се одржи на електронски начин, кога на делегатите ќе им се достават поканата, дневниот ред и материјалите за седницата по електронски пат, со упатство за начинот на работа, начинот на донесување на одлуките и начинот на гласање. Следствено на тоа, делегатите на Генералното Собрание по предложените точки на дневниот ред ќе се произнесат со пополнување на изјава за начинот на гласање и истата заверена во форма на електронски документ (скенирана копија на оригиналот своерачно потпишана или потпишана со електронски потпис) ќе ја достават до Генералното Собрание на ЗЕЛС, најдоцна до терминот утврден, како почеток на седницата на овој орган, односно 12,00 часот на 24 декември, 2020 година. Одлуките ќе се сметаат за донесени доколку по поединечните точки на дневниот ред гласале соодветен број на делегати согласно Статутот на ЗЕЛС. Присутните го утврдија и дневниот ред, во кој се изнесени и предлозите за нови кандидати за членови во Управниот одбор на ЗЕЛС, а со тоа и членови на Генералното собрани, со што ќе се пополнат испразнетите места на претходните членови кои по парламентарните избори во земјава, заминаа на нови функции. Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илиев беше предложен на местото на ех- градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, а за член од Комитетот на советите при ЗЕЛС, од Југоисточниот регион беше предложена актуелната претседателката на Советот на Општина Радовиш, Викица Манолева, која на оваа функција стапи по заминувањето на нејзиниот претходен колега, Никола Чаракчиев. Членовите на УО едногласно ги усвоија овие значајни документи за работењето на ЗЕЛС за следната година.

Пред членовите на УО, потоа извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, ги образложи: Акцискиот план –план на активности на ЗЕЛС за 2021 година; Финансискиот план на ЗЕЛС за 2021 година и Планот за јавни набавки на ЗЕЛС. Таа посочи дека проекциите за активностите на ЗЕЛС за следната година се направени во согласност со генералните прогнози за натамошното одвивање на пандемијата со вирусот КОВИД -19 и во зависност од спроведувањето на претстојните локални извори што треба да се реализираат некаде во последниот квартал од следната година. Согласно овие активности утврден е и Буџетот на ЗЕЛС, како и Планот за реализација на јавните набавки. Беше посочено дека за следната година во овој План изоставено е барањето на општините за надградба на софтверското решение ,,е-ствари,, со цел обезбедување на негова подобра функционалност при користењето од страна на општините. Причина за пролонгирањето на оваа активност е веќе склучениот двогодишен договор за одржување на овој систем, што истекува дури кон крајот на 2021 година. Директорката Перишиќ нагласи дека сите активностите што ги реализира ЗЕЛС секогаш произлегуваат од зацртаните цели на Заедницата утврдени во нејзиниот Стратегиски план. Во таа насока, таа посочи дека е изработен нов предлог –Стратегиски план на ЗЕЛС за 2021-2025, бидејќи претходниот истекува заклучно со 2020 година. Перишиќ потсети дека Управниот одбор, уште на почетокот на годината утврди Комисија за изработка на новиот петгодишен стратегиски план на ЗЕЛС , по што изработи и достави прашалник до сите општини ( до градоначалниците, претседателите на советите, до општинските секретари и до претседателите на мрежите при ЗЕЛС) со цел да се детектираат ,,новите“ визии и потреби на локалните власти, односно да се добијат релевантни податоци за тоа што им е потребно на општините во следните пет години и на кои активности сакаат да се посвети ЗЕЛС во овој период. Беше упатена голема благодарност до сите што одговорија на прашалникот, и со тоа дадоа одличен придонес за изработката на документот. Директорката сепак, изрази благо разочарување од недоволниот број на пристигнати прашалници (околу педесетина пополнети прашалници), бидејќи станува збор за документ со кој се креираат идните правци на дејствување на локалната власт каде се очекува максимална вклученост и посветеност од сите општини. Во согласност со добиените одговори за потребите на општините; со добиените оценки за досегашни успешни активности; потоа во согласност со утврдените систематизирани ставови на ЗЕЛС и во согласност со дефинираната улога на ЗЕЛС беше креиран новиот предлог на Стратегискиот план на ЗЕЛС за што беше едногласно усвоен од Управниот одбор на ЗЕЛС. Овој предлог документ ќе биде презентиран и ставен на гласање на следната седница на Генерално собрание на ЗЕЛС.

Стратегискиот план на ЗЕЛС за 2021-2025

Стратегискиот план на ЗЕЛС за 2021-2025 година содржи три клучни стратегиски цели: 1. Застапување и лобирање; 2. Услуги и 3. Градење и јакнење на капацитетите на ЕЛС. Беше нагласено дека лобирањето претставува најважната активност на ЗЕЛС и таа претставува приоритет во следниот период кога се предвидува преземање на значителни активности за унапредување на развојот на локалната власт, забрзување на процесот на децентрализација со нови надлежности на локално ниво и обезбедување на поголема финансиска стабилност на ЕЛС. Во таа насока беа нагласени две значајни новини: 1.- склучување на нов Меморандум за соработка со Владата на РСМ, што треба значително да се надгради и прецизира, бидејќи последниот е склучен уште во 2003 година, а втората новина се однесува на 2.- изработка на Комуникациски протокол со кој ќе се дефинираат ,,патеките“ и начинот на кој ќе се спроведува ефикасна комуникација на ЗЕЛС со ЕЛС и со централната власт. Втората стратегиска цел се однесува на обезбедување на постојните но, и на нови услуги што ЗЕЛС ќе ги спроведува во своето работењето. Давањето на услуги и досега претставуваше важен дел од работата на ЗЕЛС, со тоа што фокусот во следниот период е ставен на зголемување на нивниот број, како што е планирано воспоставување на нова електронска услуга „ е-систем за даночно работење“, но и поголема посветеност и фокусирање кон истражување и развој за потребите на ЕЛС, анализи на одредени состојби и нудење на квалитетни решенија. Во оваа стратегиска цел е нагласен и делот на континуирано информирање на локалната власт не само за активностите што ги преземаат органите и телата на ЗЕЛС, туку и за значајни предлози и документи од значење за локалната власт. Со третата стратегиска цел ЗЕЛС сака да го стави на повисоко ниво степенот на квалитетот на работењето на локалната власт, преку изработка и развој на процедури и постапки за административно управни работи и други работи од делокругот на локалната самоуправа; обезбедување и спроведување на методологии за мерливост на капацитет на администрација (стандарди за ажурност и воведување иновативни методи за работа) ; поддршка при подготовка и имплементација на проектни апликации и друго. ЗЕЛС тренинг центарот ќе продолжи со изработка на годишни планови за обуки на општинската администрација, во согласност со нивните потреби и истите ќе ги реализира.



Изнесени повеќе иницијативи и предизвици на локалната власт

На седницата членовите на УО го разгледаа и предлогот на Железници на Република Северна Македонија инфраструктура, за реализација на заеднички проект со општините за реконструкција и осовременување на патните премини над железничките шини. Беше заклучено предлогот да се достави до секоја општина, заедно со утврдениот список на посочени премини за реконструкција во секоја општина, во насока на нејзино поединечно изјаснува за прифаќање или не прифаќање на понудената соработка. Целта е да се подобри патната инфраструктура и со примена на новата технологија на гумени прекривки на шините да се надминат честите забелешки што ги упатуваат учесниците во патниот сообраќај.

Оваа иницијатива повторно го отвори се уште неразрешеното прашање за потребните промени во методологијата за распределба на средства за општините за одржување на регионалните патишта, што им трансферира Јавното претпријатие за државни патишта. Од пред десетина и повеќе години со измените на Законот за акцизи, трансферот на овие средства кон општините значително беше намален. Сепак сме сведоци на постојано зголемување на бројот на регистрирани возила во земјава, континуирано зголемување на цената на бензините, но и на континуитет на трансфер на ниски и недоволни средства за општините , од кои не може да се обезбеди ниту зимско одржување на патиштата, а уште помалку соодветни поправки. Беше иницирано ова прашање повторно да се издигне на повисоко ниво, а на претседателот на ЗЕЛС му беше дадено овластување што поитно да оствари средба со релевантните институции.

Членовите на Управниот одбор отворија дискусија и за низа актуелни предизвици при реализација на општинските активности. Беше посочено дека во тек се седниците на општинските совети за донесување на Буџет на општината за 2021 година. Во таа насока беше покренато прашањето до каде е со реализацијата на поднесената иницијатива од ЗЕЛС до Владата на РСМ за зголемување на лимитот за планирање на општинскиот буџет од 30 % на 50% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Усвојувањето на ваквиот предлог претставува голема можност за општините за креирање на политики за поголем развој.

На седницата се покрена и прашањето за предизвиците околу справувањето со дивоградбите, односно се говореше и за прифатената иницијативата на ЗЕЛС од страна на Владата на РСМ за донесување на нов Закон за справување со бесправно изградени објекти. Беше изнесено дека овој предлог- Закон веќе се наоѓа во собраниска процедура и дека на претходниот состанок на УО присутниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги информираше членовите на УО за сите важни сегменти од предложениот законскиот текст. На оваа седница, присутните повторно изнесоа низа дилеми околу справувањето со злоупотребата на претходниот Закон и разноликоста на постапките што ги водат општините при докажувањето на постоењето на дивоградбата, пред март, 2011 година. Беше посочено дека дел од општините за релевантен елемент за постоењето или непостоењето на објектот пред овој датум, ја земаат орто-фото снимка на google map, заедно со поднесената изјава за вистинитост изнесена пред нотар. Беше заклучено, уште еднаш до МТВ да се потенцира заложбата на ЗЕЛС изнесена и во претходниот период, односно задолжително во новиот Предлог –закон да се утврди прецизна методологија по која унифицирано ќе постапуваат сите општини, како и да се утврдат дополнителни, задолжителни докази, освен личната изјава од подносителот, а како предлог беше посочено искуството од Република Црна Гора за валидност на снимки од google map.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2019

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.