Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Изработка на функционалната анализа- обврска за секоја локална власт
28 мај 2019
 

 

Во организација на ЗЕЛС и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во рамките на проектот „Поддршка на процесите за демократско управување“ започна спроведувањето на дел од активностите посветени на потребите на локалните власти за спроведување на функционална анализа (ФА) . Станува збор за организирање на три дводневни обуки на оваа тема, за претставниците од одделенијата за управување со човечки ресурси од сите општини, кои во иднина ќе бидат дел од тимот во општината што ќе ја спроведуваат оваа законска обврска на локалната власт. Исто така, во втората фаза од Проектот предвидено е да се обезбеди и менторска поддршка при изработката на анализата, за пет заинтересирани општини, што е планирано да се реализира до крајот на годината. Во насока на соодветно планирање и организирање на целиот процес, ЗЕЛС до сите општини достави „Прашалник за анализа на потребите за обука за функционална анализа“ . Тој даде јасна слика за потребите на локалните власти, по што беше утврдена и самата содржина на обуките. Во самиот прашалник општините имаа можност да ја изнесат и својата заинтересираност за потребата од менторска поддршка.

Законска обврска

Всушност, единиците на локалната власт како и институциите во јавниот сектор во Република Македонија, од 2015 година имаат законска обврска да подготвуваат акт за Внатрешна организација и Акт за систематизација на работните места, кои треба да се засноваат на изготвена Функционална анализа. Во согласност со Закон за вработени во јавниот сектор е донесен и Правилник за содржината и начинот на подготовката на овие два акта, како и за содржината на функционалната анализа на институциите во јавниот сектор („Службен весник на РМ“ број 11/15). Со последните измени на овој Закон („Службен весник на Република Македонија“ број 198/18) институциите ги донесуваат овие акти по спроведена функционална анализа, базирана на докази. Целосна ФА треба да се спроведува на секои четири години или кога ќе настанат значителни промени во однос на надлежностите и поставеноста на институцијата. Овие активности претставуваат дел од реформите во јавната администрација, во нашата земја.

Реализирана обука за функционална анализа за првата група на општини

Во таа насока на 22 и 23 мај, 2019 година започна спроведувањето на обуките, на кои беа поканети претставници од првата група општини: Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Бутел, Ѓорче Петров, Теарце, Липково, Зелениково, Велес, Куманово, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Свети Николе и Лозово. За останатите општини, оваа обука, ќе се реализира во месец јуни, во два термина и тоа во периодот од 11 до 13 и од 19 до 21 јуни, 2019 година. Потоа ќе следи периодот на утврдување на критериумите за избор на петте општини за менторска поддршка, самиот избор и потоа реализацијата на поддршката.

На првиот ден од обуката пред присутните беше потенцирано дека изработката на функционалната анализа претставува обврска за секоја локална власт и претставува алатка за раководството за подобрување на ефикасноста и ефективноста на извршувањето на работните задачи во рамки на внатрешната поставеност, како и за дистрибуцијата на расположливите ресурси (кадровски, просторни, ИТ, технички и др.) ФА сама по себе не предизвикува суштински промени, туку поставува рамка на сите потребни процеси на развој на капацитетите и на управувањето. Суштината на ФА е да ги идентификува предизвиците од организациски и функционален аспект, кои можат потенцијално да го отежнат или попречат остварувањето на актуелните надлежности и задачи на институцијата, но и оние кои се предвидуваат со стратешките документи и при тоа да се предложат конкретни мерки за подобрување на исполнувањето на целите и задачите на институцијата, насочени кон остварување на очекуваните резултати.

Кристина Јованова од Мисијата на ОБСЕ заедно со надворешниот консултант, Бранка Минчева спроведоа и повеќе вежби со цел попрактично претставување на оваа алатка. Учесниците направија категоризација на активности и функции, поделувајќи ги на: функции за креирање на јавни политики, на регулаторна функција, координативна, функција на давање поддршка и функција на давање на услуги за активности кои се дел од нивната секојдневна работа. Потоа беше претставен моделот на функционалната анализа кој се состои од проценка направена според критериумите за стратегиска усогласеност со планираните цели, градење на организациските капацитети во институцијата и ефективно и ефикасно извршување на работните задачи за остварување на планираните резултати. Пред присутните беше детално претставена и методологијата за спроведување на ФА. Претставниците од локалната власт, на обуката, спроведоа и ,,интервју “ како дел од процесот на прибирање на информации за работењето на институцијата, а се запознаа и со начинот на пополнување на образецот за евалвација на функциите, како и со начинот на креирање на препораки од направената анализа на функциите. Тие препораки треба да дадат слика за тоа која функција треба да се задржи без промени, која да се укине, дали да се пренесе на друго тело или орган, дали да се оптимизира. Обучувачките се задржаа и на начинот на подготовка на извештај од спроведената анализа а, беше претставена и алатката „семафор“. На крај од дводневната обука беше претставено влијанието на културниот контекст врз вредностите на работното место, според петте културни димензии утврдени од Герард Хедрик Хофстеде.

Учесниците посочија дека интерактивните обуки, меѓусебната размена на искуства и практични информации се од големо значење за ефикасно и квалитетно извршување на работни задачи и дека очекуваат ЗЕЛС Тренинг Центарот да продолжи со организирањето на ваков тип на обуки.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.