Педесет ученици од социјално ранливи семејства, од седумнаесет основни и средни училишта во надлежност на Општина Тетово ќе добијат таблети за следење на онлајн наставата. Станува збор за донација обезбедена во рамки на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот Никој да не биде изоставен“, имплементиран од ЗЕЛС, НВО Сонце и НАЛАС – Мрежа на асоцијации на локални власти од ЈИЕ, во соработка со GIZ, а во име на Германското Федерално Министерство за економска соработка и развој.

Компјутерите беа свечено предадени на 17 февруари 2021, во салата на Советот на Општина Тетово. Раководителот на Секторот на јавни дејности во Општина Тетово се заблагодари за донацијата и компјутерите им ги врачи на директорите на овие училишта. Компјутерите преминуваат во трајна сопственост на училиштата, а нивни корисници и во иднина ќе бидат учениците од социјално ранливи семејства.
Донацијата на таблети за ученици од социјално ранливи семејства за следење на онлајн наставата е во насока на остварување на целите на Проектот за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи за примена на успешни пристапи за остварување на економските, социјалните и културните човекови права на ранливите групи, како и интегрирање на принципот „Никој да не биде изоставен“ во процесите на планирање и донесување одлуки на локалната власт.
|