Одржана Регионална конференција како почеток на активностите од новиот проект за енергетска транзиција во Западен Балкан и Турција

 


 

Во рамките на Проектот “ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници на Западен Балкан и Турција” на 24 ноември, 2021 година беше одржана онлајн регионална конференција со која се означи почетокот на реализацијата на утврдените проектните активности. На овој настан учествуваа претставници од градови/општини,  учеснички во Проектот  од земјите  од Западен Балкан, од  Турција и од Европската Унија. Освен целите на овој проект, на конференцијата беа презентирани примери за успешна климатска акција на ниво на градови, а за време на панел дискусијата градоначалниците од регионот ги разменија своите ставови за предизвиците со кои се соочуваат при осмислување и спроведување ефективни климатски политики и разговараа за идните чекори за постигнување успешна енергетска транзиција на локално ниво.

Проектот во нашата земја го спроведува Заедницата на единиците на локалната самоуправа на РСМ -ЗЕЛС заедно со Германската развојна агенција (ГИЗ). Проектот е кофинансиран од Европската Унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а во Западен Балкан го спроведува ГИЗ во рамките на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – енергија, транспорт и климатска заштита ( ОРФ –ЕТЦ)  и Централната агенција за управување со проекти (CPMA) во Турција.

Претставникот на Генералниот директорат на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR), Роберто Естељес Колом во својот воведен говор на конференцијата, истакна дека проширувањето на Пактот на градоначалниците на Западен Балкан и Турција е важна алатка за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан. Поддржана од лидерите на Западен Балкан на Самитот во Софија, на 10 ноември, 2020 година, Зелената агенда е нова стратегија за раст за регионот, која претставува скок од традиционалниот економски модел на одржлива економија, во согласност со Европскиот зелен договор. Пактот на градоначалниците ќе го поддржи исполнувањето на целите на Зелената агенда за усогласување на регионот со амбицијата на ЕУ да ја направи Европа јаглеродно неутрален континент до 2050 година, цел што ќе вклучува борба против загадувањето на воздухот, водата и почвата“.

Во име на Германското друштво за меѓународна соработка ( ГИЗ)  говореше д-р Наталија Ел Хаге, директор за Босна и Херцеговина и Црна Гора, која посочи дека во споредба со европскиот просек, земјите од Западен Балкан произведуваат десет пати поголема количина CO2 потребна за генерирање ист бруто домашен производ. Во таа насока, во името на Германската сојузна влада и мултилатералните партнери, како што е ЕУ, GIZ обезбедува техничка поддршка и експертиза за локалните власти од  Западен Балкан за справувањето со предизвиците на климатските промени и енергетската транзиција.

Целта на Проектот е спроведување на енергетската транзиција и справување со климатските промени во Западен Балкан и Турција, преку зголемено прифаќање на иницијативата Пакт на градоначалниците енергија и климатски промени и поддршка на општинските власти да ги зајакнат нивните напори во насока на намалување на емисијата на стакленичките гасови и да ја зголемуваат отпорноста на влијанијата од климатските промени. Пактот на градоначалниците за енергија и климатски промени е глобален сојуз на градови со заедничка долгорочна визија за поддршка на климатските активности и градење отпорни општества со ниска емисија на јаглерод.

Специфичната цел на проектот е да се обезбеди поддршка за градовите во исполнувањето на нивните енергетски и климатски обврски, а една од клучните активности на овој проект е обезбедување на советодавни услуги и стручна поддршка на две општини од РСМ во процесот на развој на акциски планови за енергетски и климатски одржлив развој (SECAP) согласно кои тие ќе се обврзат да ги намалат емисиите на стакленички гасови за најмалку 40 проценти до 2030 година и да ја подобрат својата отпорност на влијанијата на климатските промени. Во рамки на проектот ќе се обезбеди поддршка за имплементација на инфраструктурни проекти од помал обем, со цел да се покаже како градовите можат истовремено да се справат со климатските промени и да ја подобрат добросостојбата на своите граѓани. Дополнително, проектот ќе овозможи унапредување на регионалната соработка во насока на обезбедување на долгорочната одржливост на проектот.