Трајко Славески, избран за претседател на Комитетот на советите при ЗЕЛС, негови заменици се претседателите на општинските совети на Старо Нагоричане и на Боговиње

 


 

Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје е новиот претседател на Комитетот на советите при ЗЕЛС, а негови заменици се: Сашка Крстевска-Павловска, претседател на Совет на Општина Старо Нагоричане и Илир Елези, претседател на Советот на Општина Боговиње. Вака гласаа членовите на Комитетот на советите на својата прва седница, што се одржа во паузата на седницата на Генералното собрание на ЗЕЛС, на 22 декември, 2021 година, во хотелот  DoubleTree by Hilton“, во Скопје.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ ги запозна присутните со работата и улогата на ова тело во рамките на ЗЕЛС. Посочи дека улогата на општинските совети во секоја локална власт е исклучително важна бидејќи тоа ги разгледува и одлучува за сите активности и програми  на општината. Советот исто така ја има и улогата на контролор на работењето на општината, а особено во делот на донесувањето и реализацијата на Буџетот на општината. Во таа насока значењето на работата на Комитетот при ЗЕЛС, исто така, е од големо значење, особено што во неговиот состав има по еден претставник од секој плански регион во земјава. Односно, во ова тело се избира еден претставник од советите на општините од  еден плански регион, односно осум претставници од осумте плански региони, а деветтиот член, според Статутот на ЗЕЛС е претставник од Советот на Град Скопје. Перишиќ посочи дека преку ова тело индиректно се иницира поголема соработка на советниците од општините што се во рамките на секој плански регион. Нивните иницијативи, преку нивниот претставник во ова тело ќе бидат пренесени и дискутирани во Комитетот на советите а потоа и пренесен  на другите органи и тела на ЗЕЛС. На седниците на Комитетот ќе може да се дискутира и за предизвици со кои се соочуваат општинските советници во своето работење, но и да се разменуваат добри искуства полезни за секоја локална власт . –„ Улогата на Комитетот на Совети при ЗЕЛС е да ги разгледува пристигнатите предлози, иницијативи и предизвици од регионите, да се дискутира во рамките на ова тело, а понатаму да се проследи до повисокото тело на ЗЕЛС, Управниот одбор. Заклучоците кои ќе бидат донесени од Управниот Одбор на ЗЕЛС понатаму ќе бидат проследени во форма на иницијатива, предлог, став до потребните институции“, нагласи  директорката на ЗЕЛС.

Присутните беа запознаени дека ова тело има свои, тројца претставници во Управниот одбор на ЗЕЛС, од кои само еден со право на глас, а тоа е претседателот на Комитетот. Двајцата потпретседатели се членови на Управниот одбор на ЗЕЛС без право на глас. 

На  оваа седница, од  редовите на Комитетот на Совети при ЗЕЛС беше избран и член во Надзорен Одбор на ЗЕЛС, кој  е без право на глас во ова тело. За претставник во Надзорниот одбор беше избрана Габриела Илиеска, претседателка на Совет на Општина Битола.

За сите општински советници и за сите градоначалници, Стручната служба на ЗЕЛС традиционално после секој изборен циклус подготвува и издава „Прирачникот, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините“  од кој бесплатен примерок добиваат сите општински советници и сите градоначалници. Исто така,  ЗЕЛС до советниците го испраќа и весникот на ЗЕЛС ,,Гласило“, преку кое може да се информираат за сите активности на органите и телата на ЗЕЛС, проектите кои се реализираат, одржаните средби, конференции, утврдените ставови и друго.