„Нова енергија во децентрализацијата: со полна пареа кон оддржлив развој“ наслов на годишната Конференција за децентрализација и локално управување

 

 


 

„Нова енергија во децентрализацијата: со полна пареа кон оддржлив развој“ беше насловот на годишната Конференција за децентрализација и локално управување што се одржа на 22 декември, 2021 година, веднаш после Генералното собрание на ЗЕЛС , во организација на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), на која присуствуваа градоначалници и претставници од  советите на некои општини.

Пред присутните, во името на ЗЕЛС, воведно обраќање имаше претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска. Таа посочи дека во следниот период фокусот на ЗЕЛС ќе биде насочен на продолжување на  преговорите со централната власт за пакетот промени кои се однесуваат на обезбедување поголема финансиска стабилност на локалната власт, преземање нови надлежности и промени во организациската поставеност на работењето на единиците на локалната самоуправа.

„ Приоритет број еден на ЗЕЛС ќе биде обезбедување на повеќе финансиски средства за општините. Повеќе од очигледно е дека локалната власт во нашата земја е сиромашна. Општините трошат само 4,9% од бруто домашниот производ. Во споредба со општините од земјите од регионот, да не зборуваме за општините од Европската Унија, ова се навистина минимални средства за локалната власт. Не смееме во иднина да имаме ниту блокирани ниту сиромашни општини, туку финансиски стабилна и силна локална власт“, порача Арсовска.

Таа истакна дека, исто така, потребно  е и префрлање на нови надлежности на локално ниво или нивно продлабочување, како во областите на: социјалата, културата, капиталните инвестиции, водостопанството, земјоделството, шумарството и друго. Причините пред се, се практични, бидејќи општините имаат понепосредни контакти со граѓаните за обезбедување на поквалитетно спроведување на овие услуги. На крајот од своето обраќање Арсовска нагласи дека  предизвиците се бројни, но дека новото раководство на ЗЕЛС и сите градоначалници носат навистина нова енергија, која ќе има сила да го турне овој процес со полна пареа во подобра иднина и подобри услови за живот на сите граѓани.

На конференцијата обраќање имаше и заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, кој посочи дека Министерството оваа година донело повеќе значајни документи и тоа : Програма за одржлив локален развој и децентрализација, нова Стратегија за регионален развој, нов Закон за рамномерен регионален развој. Потоа дека преку него се финансирани 152 проекти во планските региони и во општините во вредност од седум милиони евра, а за наредната година во Буџетот за оваа намена се планирани десет милиони евра со што продолжува трендот на континуирано зголемување на средствата за рамномерен регионален развој што се имплементираат преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

-„Проектите кои ги спроведовме во изминатите години, во соработка со нашите партнери од локалната и од централната власт, со поддршка на донаторите, недвосмислено придонесоа за креирање посилни, потранспарентни и поодговорни општини и општински совети, поголема вклученост на граѓаните и граѓанските организации во процесот на носење одлуки, подготовка на документација за важни инфраструктурни проекти на локално ниво и поефикасни алатки за наплата на локалните даноци“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во своето обраќање .

Пред присутните беше подетално презентирана и  „Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026“ ; потоа „Извештајот за развојот на системот за финансирање на општините за 2020 година“ како и Презентација на Фондот за изедначување и Фондот за перформанси утврден во новите предлог - измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

На крајот од конференцијата учесниците заклучија дека локалниот развој е составен дел од напредокот на државата, директно влијае за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и токму затоа сите засегнати страни треба заедно да работат во насока на создавање посилни општини