Вкупно 44 кандидати се стекнаа со лиценца за водење на постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште

 


ЗЕЛС во соработка со Министерството за транспорт и врски, во текот на ноември –декември, 2021 година, за претставниците од локалната власт отвори нов циклус за стекнување со лиценца за водење на постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште. Оваа надлежност во целост е префрлена на единиците на локалната самоуправа, односно сите ЕЛС имаат право да управуваат со државното градежно земјиште, доколку ги исполниле законски утврдените услови. Еден од тие услови е и обврската општината да има соодветен број на лиценцирани вработени кои ќе ја водат постапката за отуѓување и давање под закуп на ова земјиште.

По објавувањето на јавниот оглас од страна на Комисијата за следење на процесот на организирање и спроведување на обука и спроведување на испит, во ЗЕЛС се пријавија 55 кандидати од редот на раководните или стручни административни службеници од соодветната област. Стручната служба на ЗЕЛС по извршената проверка за исполнетост на условите за кандидатите, ги информираа пријавените за термините за следење на почетната обука. Обуката беше организирана на 23 ноември, 2021 година, преку ZOOM електронската платформа за комуникации. Само оние кандидати кои ја следеа почетната обука, како и кандидатите од февруарската сесија имаа можност да го полагаат теоретскиот а, потоа и практичниот дел од испитот што се одржа во Испитниот центар  на Европски Универзитет на 20 и на 24 декември, 2021 година.

Во овој  испитен циклус и  теоретскиот и практичниот испит го положија вкупно 44 кандидати и истите се стекнаа со овластување за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште.

На 30 декември, 2021 година обезбедени се два дополнителни термина за полагање, од кои во 10. 40 часот почнува полагањето за теоретскиот дел а, во 12.00 часот  ќе се реализира полагањето на практичниот дел. 

Полагањето се спроведува електронски и резултатите се објавуваат на веб страницата на ЗЕЛС, (www.zels.org.mk) веднаш по завршувањето на испитот. Испитот за стекнување со овластување се состои од два дела: - прв теоретски дел и - втор дел (практичен пример).Полагање на теоретскиот дел од испитот е во временски период од еден час кога кандидатите одговарааt на прашања кои се однесуваат на постојната законска регулатива од областа на урбанизмот, градежното земјиште, постапките за експропријација како и на користењето на софтверската апликација www.gradezno-zemjiste.mk. Овој информациски систем го одржува, управува, користи и го надградува ЗЕЛС и истовремено им дава континуирана поддршка на општините при неговото користење. Преку www.gradezno-zemjiste.mk се спроведуваат сите постапки за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште, по пат на јавно надавање и по пат на непосредна спогодба, утврдени во Законот за градежно земјиште. Практичниот дел од испитот претставува студија на случај.