Излезе од печат новото Гласило на ЗЕЛС

 


 Пред нас е Новата 2022 година. Се надеваме дека ќе донесе многу позитивни работи за сите нас, пред сè добро здравје и успех во работењето, а за единиците на локалната самоуправа, реализација на новиот пакет реформи, особено во обезбедување на поголема финансиска стабилност.

Во последниот месец од годината, во месец декември, ЗЕЛС реализира многу активности за кои подетално може да се информирате во новиот број на Гласилото на ЗЕЛС. Генералното собрание на ЗЕЛС ја одржа својата конститутивна седница овој месец, што е во согласност со Статутот на ЗЕЛС, односно не подоцна од три месеци по спроведувањето на локалните избори. Ова највисоко тело на ЗЕЛС го утврди својот состав за мандатот 2021‒2025 година и исто така ги избра членовите и на другите тела на ЗЕЛС: на Управниот одбор, Комитетот на советите и на Надзорниот одбор на ЗЕЛС. На конститутивните седници, овие тела ги избраа своите раководства (претседател и двајца потпретседатели). Раководството на Управниот одбор на ЗЕЛС истовремено е и раководството на Заедницата. Па така, во следните четири години Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, ќе биде претседател на ЗЕЛС, а Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир, и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, ќе бидат двајцата потпретседатели на ЗЕЛС. Комитетот на советите при ЗЕЛС за претседател го избра Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје, а негови заменици се: Сашка Крстевска-Павловска, претседател на Советот на Општина Старо Нагоричане и Илир Елези, претседател на Советот на Општина Боговиње. Во следниот период ќе бидат избрани и членовите на комисиите во ЗЕЛС, како и другите кандидати што ќе ја претставуваат ЗЕЛС во некои домашни и странски органи и институции. Во рамките на ЗЕЛС се утврдуваат и членовите на специјализираните мрежи, составени од професионалната општинска администрација.

 

За сите општински советници и за сите градоначалници, стручната служба на ЗЕЛС традиционално, по секој изборен циклус подготвува и издава „Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините“ од кој, бесплатен примерок ќе добијат сите општински советници и сите градоначалници. Публикувањето на Прирачникот беше обезбедено со техничка поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на проектот „Зајакнување на општински совети“.Во декември, ЗЕЛС организираше и други активности, кои одат во насока на јакнење на капацитетите на општинската администрација. Исто така, ЗЕЛС во соработка со Министерството за транспорт и врски, отвори нов циклус за стекнување со лиценца за водење на постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште, при што по реализираните обуки, како и по спроведениот теоретски и практичен дел од испитот, со оваа лиценца се стекнаа 44 кандидати од општинската администрација.

На сите градоначалници, советници и претставници на општинската администрација ЗЕЛС им ја честитам Новата година и им посакува добро здравје и бериќет на сите полиња

 

ГЛАСИЛО