Донесување на итни мерки од Владата за навремено спречување на негативни последици по работењето на општините, предизвикани од енергетската криза

 

 -„ Владата да преземе итни интервентни мерки за поддршка на општините од енергетската криза за спречување на негативни последици по нивното натамошно работење. Поконкретно, да ги преземе трошоците на општините за потрошувачката на електрична енергија до ниво  на трошоци што ги имале општините во периодот пред кризата. Училиштата да не ја плаќаат електричната струја по индустриска тарифа, туку по тарифа како домаќинствата, бидејќи тие не се профитни организации. Општините да добијат поддршка и во реализација на капитални инвестиции за поставување на фотоволтаици на училиштата и на друга површина во општината. Ова се заклучоците  што ги донесовме на  втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС  и кои  се договоривме да ги изнесеме пред Владата  на заедничка средба, за која ЗЕЛС веќе вчера  испрати барање“.

Ова го истакна претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес конференција што беше организирана во просториите на административната зграда на ЗЕЛС, на 11 јануари, 2022 година, посветена на негативното влијание на енергетската криза врз  финансиската состојба на општините. Пред присутните медиуми се обрати и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир, како и членот на Управниот одбор на ЗЕЛС, Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров. 

Претседателката на ЗЕЛС нагласи дека општините се уште се многу финансиски зависни од централната власт поради нискиот  степен на децентрализација на власта во земјата. Таа укажа дека ЗЕЛС ќе продолжи со барањата за драстично зголемување на финансиската стабилност на единиците на локална самоуправа во земјата, бидејќи предложените измени во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ни приближно нема да обезбедат   подобрување на фискалниот капацитет на општините. Арсовска нагласи дека зголемувањето  треба да  биде  дури и до 50%  од зафаќањето од  ДДВ и од  зафаќањето од персоналниот данок, во полза на општините, наспроти сегашните 4,5% .

Пред новинарите, Арсовска ги презентираше предизвиците со кои се соочуваат поголем број општини, а кои беа изнесени на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС. Едностраното раскинување на договорите од страна на снабдувачите со електрична енергија и обврзаноста да ги користат услугите што ги испорачува универзалниот снабдувач, во голем број општини веќе доведе до зголемување на сметките за електрична енергија и тоа за пет-шест па и повеќе пати споредено со износот, за истиот период во 2020 година.  Тоа ја доведува во прашање ликвидноста на општинските буџети и одлевање на значителна сума на средства што биле наменети за  други услуги за  граѓаните.  Арсовска пластично посочи дека во некои општини , особено помалите, само со плаќање на две сметки по овие енормно високи цени, се троши селата годишна сума наменета за електрична енергија. Претседателката на ЗЕЛС дополни дека зголемувањето на цената на електрична енергија доведува до проблеми и во функционирањето на институциите што се под надлежност на локалната самоуправа, особено во јавните претпријатија кои даваат услуги за граѓаните. Тие преку допис до ЗЕЛС, доставен од нивното Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ) информира за опасноста од прекин во континуитетот во давањето на водни услуги, токму како резултат од кризата со снабдување на електрична енергија.

-„Се надеваме на брза реакција од Владата, која  треба да ја преземе одговорноста и да им даде поддршка на општините за да постигнеме нормализирање на состојбите на подолг рок“, рече Арсовска, која посочи дека сега е моментот на  за силна заедничка соработка меѓу двете власти во интерес на граѓаните.

За илустрација на предизвиците и алармантната состојба со која се соочуваат општините,  потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу ја прикажа состојбата во општина Чаир.  И тој потврди дека сметките за електрична енергија се значително зголемени, односно трошоците за електричната енергија се зголемени од 500 илјади денари на 1,4 милиони денари. Сепак градоначалникот посочи дека во моментов општината се соочува со уште поголем проблем,  обезбедување на парното греење за граѓаните. Објасни дека општината го исплаќа долгот на рати ,според договор со снабдувачот и дека веќе се префрлени одредени средства а,  во најкус рок ќе се исплати целосната сума. Но поради неквалитетна услуга што топланата им ја нуди на граѓаните има масовно исклучување од топловодната мрежа, па речиси 75 % од населението веќе се исклучило од мрежата и постои голема неизвесноста како оваа компанија воопшто ќе продолжи да работи, односно  дали институциите и граѓаните во следниот период ќе добиваат греење.  

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакнаа дека во просек сметките за електрична енергија на неговата општина биле околу 700 илјади, а сега се 3,3 милиони денари. Воедно општината е презадолжена и е соочена со проблеми со ликвидноста. Тој пластично објасни дека сумата од 3 милиони денари се буџетските средства кои општина Ѓорче Петров ги користи за годишно одржување на сите јавни објекти кои се во рамки на општината, сите игралишта, училишта и градинки, додека пак во моментов истата сума се плаќа на месечно ниво и тоа само за сметките за електрична енергија. –„Доколку продолжи ваквиот интензитет на плаќање на сметките за електрична енергија, ликвидноста на општината сериозно ќе биде доведена во прашање, рече Стојкоски. И тој и потпретседателот Ганиу  посочија дека Владата треба да им излезе во пресрет на општините и сериозно да ги разгледа предлозите на ЗЕЛС  со цел да се нормализира состојбата на еден подолг период во интерес на сите граѓани.