Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа петтата седница

На 26 април оваа година ЗЕЛС ќе го прослави јубилејот- 50 години од своето постоење, што во Статутот на ЗЕЛС е утврден како Ден на ЗЕЛС и Ден на општините. По тој повод, Управниот одбор на ЗЕЛС на својата петта седница, што се одржа на 13 април, 2022 година одлучи ЗЕЛС да организира свечен настан на кој ќе бидат поканети сите градоначалници, како и претставници од централната власт предводени од Премиерот на Владата на РСМ, како и претставници од организации и институции со кои ЗЕЛС има долгогодишна плодна соработка и поединци кои со своите заложби придонеле за развој на децентрализацијата во нашата земја.

Беше предложено 50 годишниот  јубилеј да биде збогатен и со потпишување на нов Меморандум за соработка меѓу Владата на РСМ и ЗЕЛС, бидејќи постојниот Меморандум е склучен речиси пред дваесетина години, односно на 5 март, 2003 година. Присутните едногласно го прифатија Предлог –Меморандумот за соработка, а стручната служба на ЗЕЛС  доби задача веднаш да го достави на разгледување до Владата на РСМ. 

Управниот одбор на ЗЕЛС на седницата донесе одлука највисокото тело на ЗЕЛС, Генералното собрание да ја одржи втората седница на 26 април, 2022 година со почеток во 11,00 часот. Присутните на оваа седница на УО, исто така, едногласно го усвоија и Финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2021 година, што ќе биде доставен на разгледување и од Генералното собрание на ЗЕЛС. Во однос на извештајот, присутните беа детално запознаени со приходите и со расходите на ЗЕЛС  реализирани во минатата година. При тоа беше посочено дека приходите на ЗЕЛС доминантно се обезбедуваат од членарината на сите единици на локалната самоуправа, и во таа насока беше посочено дека  секоја општина треба навремено и целосно истата да ја подмирува кон ЗЕЛС. Беше посочено дека со новите податоци за намалениот број на население во општините, утврдени со најновиот попис реализиран во државата, се очекува намалување на овие приходи на ЗЕЛС, бидејќи членарината се плаќа врз основа на бројот на жители во секоја општина. Пред Управниот одбор беше презентиран и Ревизорскиот извештај за финансиското работење на ЗЕЛС за 2021 година каде е посочено дека финансиските извештаи во сите материјално значајни аспекти ја презентираат реално финансиската состојба во Заедницата во согласност со Закон за сметководство на непрофитни организации.