50 години ЗЕЛС (историски развој)
На 26 април, во далечната 1972 година, било одржано основачко Собрание на кое била конституирана тогашната Заедница на општините и градовите на Македонија (ЗОГМ). Иницијативата ја покренале претседателите на собранијата на општините: Куманово Кочани, Охрид, Скопје и Тетово. Претставници од 34 македонски општини ја дале својата согласност за основање, а потоа и за доброволно пристапување во Заедницата. Бил усвоен Статутот на Заедницата и биле донесени важни одлуки за начинот на нејзината работа. За прв претседател на Заедницата бил избран тогашниот претседател на Собрание на Град Скопје, Драгољуб Ставрев. Со тоа, како што е запишано во архивските документи - „создадена е цврста платформа за најширока соработка на општините во Македонија“. Токму затоа овој датум на основањето на Заедницата, 26 Април, во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „Ден на ЗЕЛС и Ден на општините“.
Почнувајќи од првото Собрание, па се до прогласувањето на независноста на Република Македонија, на 8 септември, 1991 година, Заедницата се занимавала со актуелни теми во контекст на тогашниот политички систем. Општините имале надлежности и во доменот на социјалната политика; на станбената политика (пример: утврдување на основни елементи и мерила за определување на цената на станот); за комуналниот ред и инфраструктура; заштита на водите; состојбите на депониите за смет; функционирањето на органите на управата; стопанскиот развој; народната одбрана; внатрешната безбедност и друго. Всушност, во едно обраќање од 1991 година, претседателот Киро Глигоров ги посочува тогашните општини како ,,мали државички“ со дел од класичнте функции што ги има државата.
По прогласувањето на првиот Устав на независна и суверена Република Македонија, во овој највисок државен акт, локалната власт е утврдена како посебна власт во земјата. Но, поради отсуство на законска регулатива што треба да биде прилагодена на новонастанатите состојби, општините останале без изворното управување на својата територија. И во вакви услови Заедницата на општини и градови преземала значајни активности и следните пет години ја водела битката пред институциите во државата за враќање на општинските надлежности.
На 1 ноември, 1995 година бил донесен нов Закон за локална самоуправа, во кој се дефинирани 123 општини и Град Скопје, а во член 10 од став 5 е утврдено - ,,единиците на локалната самоуправа се организираат во единствена Заедница на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, заради размена на искуства и унапредување на локалната самоуправа“. Овие промени се рефлектираат дури по локалните избори во 1996 година, кога се создава основа за нова структурна реформа во Заедницата. Така во април, 1998 година, на конститутивната седница на новата структура, Заедницата на општини и градови го добила сегашното име, Заедница на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија –ЗЕЛС. За жал, со овој Закон за локална самоуправа (1995 година) поголем дел од дотогашните надлежности на локалната власт се централизирани, па притисокот за вистинска децентрализација интензивно растел. Овој период всушност се смета како најлошиот период за локалното владеење. Државата била прилично централизирана, а локалната власт го изгубила своето основно значење.
Како резултат на изразената потреба од локално управување, државата започнала нов проект на децентрализација во земјава. ЗЕЛС доби важна улога во тој процес на донесување на нови законски решенија, особено при креирањето на новиот Законот за локална самоуправа (2002) и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа 2004). Врз основа на Законот за територијална организација на локалната самоуправа, ЗЕЛС ја реализира и својата нова структурна промена, која се заснова на членување на 85 единици на локалната самоуправа, наместо претходните 124. Исто така, ЗЕЛС за прв пат се утврдува како независна и самостојна структура, со статус на невладина организација, специфична по својот состав, односно „чадор организација“ на правни лица чии носители на статутарно дефинирани тела се избрани функционери на локалната власт.
На 5 март, 2003 година ЗЕЛС и Владата на Република Македонија потпишуваат Меморандум за соработка, каде меѓу другото, централната власт се обврзува дека сите законски измени или донесување на нови закони и подзаконски акти во кои се опфатени надлежностите на локалната власт, да ги достави на претходно разгледување од ЗЕЛС. Ставовите на ЗЕЛС, утврдени преку заедничка широка дебата на сите единици на локалната самоуправа понатаму треба да бидат приоритет при утврдувањето на крајните законски предлози.
Децентрализацијата на власт, што денес ја препознаваме, официјално започна да се имплементира од 1 јули, 2005 година. Општините ги добија приближно сите надлежности што ги спроведуваат и денес, во областа на: урбанизмот, локалниот економски развој, комуналните работи, образованието, социјалната заштита, заштитата на животната средина, културата, противпожарната заштита и други. Финансирањето на општините се спроведува преку блок дотации од државата, процент од ДДВ, процент од персоналниот данок, од сопствени даноци и такси и од други извори. ЗЕЛС и тука презема значајна улога, како застапник на сите единици на локалната самоуправа во земјата во лобирањето за интересите на локалната власт. По локалните избори во 2013 година, според административната поделба на земјата, престануваат да постојат општините: Другово, Вранештица, Зајас и Осломеј, односно истите беа припоени кон Општина Кичево, па бројот на општините од 84 се намали на 80 општини и Град Скопје, како посебна единица на локалната власт и истиот не е променет до денес.