Генералното собрание едногласно ги усвои сите финансиски и наративни документи за работењето на ЗЕЛС во 2021 година

Генералното собрание на ЗЕЛС на 26 април, 2022 година, во хотелот „Александар палас“ пред прославата на Јубилејот -50 години од основањето на ЗЕЛС, ја одржа втората седница. Делегатите беа информирани за активностите на Управниот одбор на ЗЕЛС за периодот од неговото конституирање па до оваа седница, а исто така, присутните ги разгледаа и ги усвоија значајните документи од финансиското работење и реализацијата на активностите на Заедницата за 2021 година.

Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, во своето обраќање до делегатите посочи дека во претходните шест месеци, најголем предизвик за сите единици на локалната самоуправа беше негативното влијание на енергетската криза, која и понатаму претставува сериозна закана за планираниот развој и за ликвидноста на речиси сите општини. Во таа насока, Управниот одбор уште на 10 јануари, 2022 година одржа седница на која донесе предлог мерки и истите ги достави до Владата, при што бараше и одржување на средба  на која ќе се дискутира за можностите за изнаоѓање на заеднички решенија за излез од предизвиците со енергетската криза. Потоа беа  одржани две средби, првата на 18 јануари, 2022 година кога присуствуваше раководството на ЗЕЛС и неколку претставници од Управниот одбор и  министрите за финансии, за економија, за локална самоуправа и заменик-претседателот на Влада задолжен за економски прашања. Втората беше одржана на 30 март, 2022 на која присуствуваше речиси целиот состав на УО и истите министри, но овој пат предводени од Премиерот, Димитар Ковачевски. За жал и после двете средби,  се уште нема конкретни одговори за најавените  предлог –модели од нивна страна. 

Арсовска посочи дека ваквата состојба всушност е резултат на повеќедецениското потценување на локалната власт и нејзиното постојано држење во финансиска зависност, по што говореше и за  ревидираните „ Систематизирани ставови на ЗЕЛС “најзначајниот документ на Заедницата во кој се опфатени сите приоритетни прашања на единиците на локалната самоуправа за натамошен развој на децентрализацијата и за подобрувањето на квалитетот на спроведувањето на префрлените надлежности. Како најважен дел во нив се ставовите за фискалната самостојност на локалната власт и барањата општините да добиваат средства од ДДВ најмалку 10 % наместо сегашните 4,5% и 50% од персоналниот данок, наместо сегашните 3%. Во таа насока беше изнесено и несогласувањето со предлог измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, што се наоѓа во собраниска процедура.

Беше нагласена и средбата на раководството на ЗЕЛС со високи претставници од ЕВН, по добиената констатација од повеќе општини за забележано доцнење на исплатата на средствата од комуналната такса за улично осветлување. Управниот одбор ги разгледуваше и можностите за  подобрување на финансиските приходи од сопствени извори, особено во делот на обезбедување на објективниот број на решенија за данокот на имот. И тука поголем број општини укажуваа дека Агенцијата за катастар на недвижности не ја спроведува законската обврска за префрлање на бараните податоци. ЗЕЛС го реафирмира барањето, Агенцијата бесплатно да ги префрла податоците од имателите на имот на општините, како и заложбата за обезбедување на унифициран електронски систем за наплата на данокот на имот за сите општини.

Беше посочено дека на седниците на Управниот одбор  се разгледувани и други прашања, како за трошоци за исплаќање на средства за надомест за извршените услуги за реализација на локалните избори, при што е констатирано покренување на иницијатива за законски измени, каде општините ќе бидат ослободени од оваа обврска,особено што локалните избори ги спроведува ДИК и воедно ја утврдува цената за исплата на услугата. Теми на дискусија на седниците на УО на ЗЕЛС беа и  состојбите во противпожарните служби,  потоа за потребата од поголема покриеност со урбанистички планови, за зголемување на блок дотациите, за поддршка на руралните општини преку разни облици и концесии каде локалната власт ќе има  значајна улога во донесувањето на одлуките и собирањето на поголем процент од  финансиските средства и друго. Во консултација со сите општини, Управниот одбор го усвои и новиот Предлог -Меморандумот за соработка  со Владата, бидејќи постојниот Меморандум е склучен речиси пред дваесетина години, односно на 5 март, 2003 година и истиот се наоѓа на разгледување од Владата.

Во своето обраќање до делегатите на Генералното Собрание, претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска апелираше до претставниците од општините за нивна поголема вклученост при разгледувањето на сите заклучоци на УО, барања, документи и закони што ги доставува стручната служба на ЗЕЛС по електронски пат и по кои бара одговори со  конкретни ставови и мислења по истите. 

На седницата извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, ги презентираше Извештајот за реализацијата на Буџетот на ЗЕЛС за 2021 година. Таа посочи дека најголемиот дел од приходите на ЗЕЛС доаѓаат од членарината на нејзините членки, при што нагласи дека наплатата треба да е редовно и континуирана, а онаму каде има  нереализирани долгови, да се утврди најповолниот начин за негово подмирување. Исто така, ЗЕЛС и оваа година издаде публикација „Годишен извештај на ЗЕЛС за 2021 година“, која им беше поделена на сите делегати на Собранието, а каде на транспарентен начин, преку текст, слики и дијаграми се презентирани сите активности на органите и телата на ЗЕЛС, реализирани претходната година, како и приходите и расходите разграничени по соодветни ставки. Во Ревизорскиот извештај, подготвен од независна ревизорска компанија посочено е дека финансиските извештаи во сите материјално значајни аспекти, ја презентираат реално финансиската состојба во ЗЕЛС, како и нејзината финансиска успешност, во согласност со Законот за сметководство на непрофитни организации. Присутните едногласно ги усвоија сите значајни документи од работењето на ЗЕЛС за 2021 година и му поскаа упешни активности и за оваа 2022 година.