Размената на искуства во областа на културното наследство резултира со конкретни проекти

На 9 мај, 2022 година Општина Охрид беше домаќин на семинарот за размена на искуства помеѓу општините вклучени во проектот “Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Северна Македонија и Албанија“, што се спроведува со поддршка на Асоцијацијата на градови и места со исклучително значење од Франција и ЗЕЛС преку Комисијата за архитектонско наследство во рамките на Комисијата за култура.

Директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ ги поздрави заложбите на вклучените општини за зачувување на културното наследство преку бројните активности кои се спроведуваат во рамките на овој проект и искажа благодарност до француските експерти од Асоцијацијата на градови и места со исклучително значење од Франција за поддршката која ја даваат на претставниците од општините вклучени во проектот при изработката на потребните документи, споделување на информации и добри пракси.

Во проектот покрај Општина Охрид се вклучени и општините: Берово, Битола, Велес, Куманово, Кратово, Кавадарци и Штип од кај нас и општините Берат и Елбасан од Албанија кои на настанот ги презентираа нивните досегашни активности во однос на заштитата на културното наследство во овие општини. Општина Кавадарци, Куманово, Велес и Штип ги презентираа резултатите од активностите во областа на Инвентаризација на културното наследство, а презентација на резултатите од проектите од Сигналитика и Медијација на културното наследство имаа општините: Битола, Берово, Кавадарци, Куманово, Охрид, Штип, Велес и Берат и Елбасан од Албанија.

Размената на искуства од трите земји ќе продолжи, а следна активност е посета на француски општини од делегација составена од претставници од општините вклучени во проектот.