„Како до родово разделени статистички податоци?“- обука за општинските координатори за еднакви можности меѓу мажите и жените

Статистиката е општо добро што им служи на сите и секој може да ги користи добиените статистички податоци. А податоците претставуваат значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа, служат за анализа на тековните состојби и овозможуваат идни микро и макро  планирања на развојот на земјата во сите сфери. Со цел да се заштитиме од погрешни и манипулативни податоци, да се избегнат недоразбирањата, да може да се донесуваат правилни одлуки, да се заштити институцијата од недоверба и дискредитирање, потребно е лицата кои ги користат статистичките податоци да имаат познавања како најправилно да го сторат тоа, односно да се статистички описменети. 

Всушност тоа беше и целта на еднодневната обука -„Како до родово разделени податоци?“  што ја организираше ЗЕЛС на 26 мај, 2022 година, во ЗЕЛС тренинг центарот, во соработка со Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија. Обуката беше наменета за потребите на општинските координатори за еднакви можности во насока на надградување на општинските капацитети за соодветно користење на базите на податоци на ДЗС во делот на родовата статистика, за обезбедување на релевантни анализи и истражувања кои ќе придонесат во креирањето на адекватни одлуки, планови и програми за обезбедување на еднаквост меѓу мажите и жените на локално ниво.

Примената на статистичка методологија од огромно знаење за релевантноста на податоците 

Претставниците од ДЗС ги запознаа присутните со активностите на нивната институција и со областите на статистичките истражувања (демографски и социјални статистики, економски, секторски: земјоделство, енергетика, транспорт, животна средина и други) како и со значењето на статистиката и статистичките податоци. Посебен акцент беше ставен на начинот на спроведувањето на статистичкото истражување, на методите за прибирање на податоците како и на огромното значење на примената на статистичката методологија. Методологијата е рамка во која се дефинираат сите важни аспекти од истражувањето: целта и значењето на истражувањето, содржината, правниот основ на истражувањето, единици на опфат,  изборот на примерок, време, начин, техника на прибирањето на податоците, заштита на податоци, обработка на податоците, публикување и друго. Доколку не се примени адекватна методологија во истражувањето, може да се доведе под знак прашалник релевантноста на добиените податоци.

ДЗС упати отворена покана до општините за отвореност за давање на консултации при подготовката на општински истражувања за собирање на соодветни податоци

Претставниците од ДЗС  упатија апел до сите единици на локална самоуправа  дека се отворени за соработка доколку општината сака да спроведе истражување за обезбедување на одредени податоци. Односно дека ќе им обезбедат бесплатни консултации во делот на поставувањето на прашалникот и за утврдувањето на методологијата на истражувањето со цел да се добијат квалитетни и релевантни податоци. Исто така, тие посочија доколку за истражувањето општината ангажира експерти или други консултантски институции, задолжително од нив да побара потврда издадена од ДЗС во која ќе биде наведено дека во истражувањето ќе се користи соодветна методологија одобрена од Заводот за статистика. На тој начин  општината ќе се стекне со едно издржано  истражување, а истовремено податоците ќе можат да се сметаат да релевантни и да се користат и од други институции при натамошна обработка. 

Неопходна соработка на институциите  при собирањето и дисеминацијата на податоците 

Беше нагласено дека во нашата земја постојат многу паралелни системи на прибирање на податоци, што претставува нецелисходно трошење на енергија и финансиски ресурси и  дека затоа е потребна  поинтензивна и конструктивна меѓусебна соработка на националните и локални институции во однос на собирањето и дисеминацијата на статистичките податоци. А соработката со ДЗС  е од клучно значење за обезбедување на употребливи податоци кои ќе им бидат од полза на сите граѓани и на државата. 

Приоритет на ДЗС е обезбедување на што поголемо користење на статистичките податоци 

Во однос на значењето на статистичката писменост (СП) беа изнесени повеќе дефиниции меѓу кои дека СП е способност да се разберат и критички да се вреднуваат статистичките резултати што влијаат на нашите секојдневни животи. Исто така, беше посочено дека СП опфаќа разбирање и користење на основниот јазик и алатки на статистиката: знаење на основните статистички термини, разбирање на едноставните статистички симболи и способност за интерпретирање на различно претставените податоци. Во тој контекст експертите од ДЗС нагласија дека при  пребарувањето на базите на статистички податоци, од непроценлива важност е корисниците да посветат внимание и време и да ги читаат сите дадени појаснувања во системот  и добро да се запознаат со значењето на дадени симболи.

 

Обезбедени се отворени бази на статистички податоци, функционални за користење и едноставни за работа  

Беше изнесено дека еден од приоритетите што си ги поставил ДЗС не е само  собирањето на податоците, туку се повеќе тие се насочуваат да обезбедат нивно што поинтензивно и помасовно користење. Во таа насока, вниманието го насочуваат и кон обезбедување на зголемување на степенот на статистичката писменост кај корисниците на базите на податоци на Заводот, особено на корисниците од државните и јавните институции. Затоа тие посочија дека имаат обезбедено функционални бази на податоци кои се отворени за пристап на секого, и кои се  едноставни за работа. Корисникот може сам да ги обработува податоците, да си прави пресметки што се од важност за неговите потреби, да добива информации во вид на графикони, excel табели, збирни податоци, може податоците да ги преземе на својот компјутер, и да обезбеди нивно континуирано ажурирање. Беше посочено дека вакви можности дава особено МакСтат базата на податоци, која е едноставна за  работа на корисниците , а располага со околу 3.000 табели и  250 колони. При тоа беше нагласено дека корисникот  доколку ги употреби податоците во истражување или некоја евиденција задолжително треба да го нагласи изворот од каде се преземени, односно  да  евидентира дека тоа се податоци преземени од Државниот завод за статистика на РСМ. Сите овие објаснувања од страна на претставниците на ДЗС беа пропратени во континуитет со директно презентирање на примери од областа на родовата еднаквост со што присутните понепосредно се запознаа со можностите за користење на овие статистичките бази на податоци. Обуката беше одлично прифатена од страна на присутните кои  побараа и дополнителна продлабочена ваква обука, а истовремено предложија истата да им биде презентирана и на нивните колеги во општините, од одделенијата за локален економски развој.