Голем интерес од општините за лиценцирање на административните службеници за водење на постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште

ЗЕЛС во соработка со Министерството за транспорт и врски, во текот на месец мај, 2022 година отвори нов циклус за стекнување со лиценца за водење на постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште, наменет за претставниците од единиците за локалната самоуправа, од редот на раководните или стручни административни службеници од соодветната област. Ова е од голема важност за сите општини, бидејќи доколку општината не располага со соодветен број на лиценцирани службеници од оваа област, ќе се соочи со одредени пречки во спроведувањето на постапките поврзани со ова земјиште, што  може да претставува и одреден застој за континуираниот развој на локалната економија. Министерството за транспорт и врски веќе нема ингеренции да постапува за оние општини што не се стекнале со оваа надлежност, бидејќи од 1 мај, 2020 година, со стапувањето на сила на измените во Законот за градежно земјиште, општините се исклучиво надлежни да располагаат со државното градежно земјиште што се наоѓа на нивната територија. Интересот за обуките е голем и поради тоа што има се повеќе општински службеници кои треба да ја обноват претходно стекнатата лиценца, која е во времетраење од пет години. Станува збор за една динамична материја,  проследена и со одредени измени во прописите, но истовремено и комплексна од аспект на имотно- правните и другите постапки што треба да се спроведуваат. Во дел од единиците на локалната самоуправа, дел од лиценцираните службеници заминуваат во пензија, или на друго работно место, со што се нарушува потребниот број на лиценцирани службеници што општината задолжително треба да го има, во согласност со законските прописи. . Во таа насока  ЗЕЛС во соработка со МТВ им излегува во пресрет на општините и обезбедува реализирање на што повеќе циклуси на следење на обуки и полагање на испити за стекнување со оваа лиценца,

Околу 90 кандидати ја следеа обуката во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот 

Последниот циклус на обуки и полагање на испит за стекнување со лиценца, ЗЕЛС го реализираше во месец декември, а на почетокот на месец мај, оваа година, Комисијата за следење на процесот на организирање и спроведување на обука и спроведување на испит повторно објави оглас за пријавување на нови кандидати. На огласот се пријавија околу 90 кандидати во ЗЕЛС. Стручната служба на ЗЕЛС, по извршената проверка за исполнетост на условите за кандидатите, ги информира пријавените за термините за следење на почетната обука. Обуката за теоретскиот и практичниот дел беше организирана на 30 и на 31 мај, 2022 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Само кандидатите кои ја следеле почетната бука имаат можност да го полагаат теоретскиот испит, при што од вкупно утврдени 500  прашања внесени во базата на податоци на електронскиот систем, на секој  кандидат му се паѓа сет од 50 прашања, каде секое прашање нуди пет одговори од кои само еден е точниот. Доколку кандидатот го положи тероретскиот испит тогаш може да  го полага и практичниот дел од испитот. Се планира  испитите да се одржат на 15 јуни, 2022 (теоретскиот)  и на 20 јуни, 2022 година (практичниот). Полагањето се спроведува електронски во Испитниот центар на Европскиот универзитет, а резултатите се објавуваат на веб- страницата на ЗЕЛС, (www.zels.org.mk) веднаш по завршувањето на испитот.

Полагањето на теоретскиот дел од испитот е во временски период од еден час, кога кандидатите одговараат на прашања што се однесуваат на постојната законска регулатива од областа на урбанизмот, градежното земјиште, постапките за експропријација, како и на користењето на софтверската апликација www.gradezno-zemjiste.mk. ЗЕЛС го одржува, управува, користи и го надградува овој информациски систем и истовремено им дава континуирана поддршка на општините при неговото користење. Преку www.gradezno-zemjiste.mk се спроведуваат сите постапки за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште, по пат на јавно надавање и по пат на непосредна спогодба, утврдени во Законот за градежно земјиште. Практичниот дел од испитот претставува студија на случај.