„Модерна општина“-меѓународен форум на градоначалници во Скопје

Голем број градоначалници од нашата земја, меѓу кои и претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска учествуваа на првиот меѓународен форум на градоначалници, што во организација на Универзитетот за туризам и менаџмент се одржа во Скопје, на 1 јуни, 2022 година. На форумот насловен  „Модерна општина“ се обратија домашни и странски експерти како и градоначалници од други европски и светски градови, меѓи кои: Карол Јанас, градоначалник на Поважска Бистрица (Словачка); Тзвика Брот, градоначалник на градот Бат Јам (Израел); Светослав Василев, заменик- градоначалник на општина Ќустендил; Жан Ивес Ками, специјален советник на градоначалникот на Париз; Емин Ергин, извршен директор на Асоцијацијата на бугарски градови и региони и други. Во своето обраќање, Арсовска нагласи дека размената на добри практики и искуства меѓу претставниците на локалната власт и експертите од оваа област секогаш претставува важна основа за унапредување и за збогатување на квалитетот на услугите што единиците на локалната самоуправа им ги даваат на своите граѓани и овозможува градење на подобри политики во правец на модернизација на општината.

Присутните имаа можност да се запознаат и со начинот на соработката на градот Париз со градовите со кои е збратимен; со начинот на спроведувањето на проектите на Општина Ќустендил од областа на образованието и културата, како и со искуствата на бугарските општини кон европската интеграција. Експертите, пак  акцентот го ставија на примената на напредни алатки за финансиско предвидување, планирање,буџетирање и анализа во функција на обезбедување на финансиска стабилност на ЕЛС; на предизвикот на човечките ресурси како бренд -амбасадори на општината; на европските практики на интелегентниот туризам и на импакт факторите од процесот на брендирањето на општините.