Општините Кочани и Струмица подготвени за интегрирање на препораките произлезени од спроведените социјални мапирања

Подобрување на можностите за доквалификација и вклучување на пазарот на труд на лицата со попреченост; подобрување на инфраструктурата на јавните институции за да можат тие полесно да пристапат; зголемување на капацитетите на предучилишните установи и на Дневните центри за поголем опфат на децата и на други лица од оваа категорија на граѓани:  зголемување на бројот на лични и на образовни асистенти;  отворање на поголем број на сензорни соби во рамки на училиштата и во Дневните центри како и јакнење на соработката на општините со здруженијата на лица со попреченост во насока на обезбедување на поквалитетни  и подостапни услуги за социјална инклузија.

Применета методологија со пет фактори за социјална инклузија 

Ова се клучните препораки што произлегоа од социјалните мапирања што ги реализираа општините Кочани и Струмица, две од вкупно петте општини во нашата земја каде беа реализирани вакви активности. Податоците  утврдени во извештаите од спроведените активности Општина Кочани ги презентираше на јавен настан организиран на  27 мај, 2022 година во нејзините простории, а Општина Струмица на 30 мај, 2022 година во Домот на АРМ. Презентацијата и дискусиите се водеа со учество на градоначалниците, претставниците на општинската администрација, општинските советници, членовите на општинските совети за социјална заштита, претставници од надлежните институции и граѓанските здруженија од оваа област. 

Социјалното мапирање беше спроведено со користење на методологија, развиена од страна на ГИЗ. Во основата на оваа методологија се петте ризик - фактори за социјална инклузија, во согласност со пристапот на ООН „Не оставајте никого зад себе“. Оваа методологија на социјално мапирање во основа ја истражува социјалната исклученост во рамки на петте вкрстени ризик - фактори: 1. дискриминација; 2. географија; 3. управување, 4. социо-економски статус и 5. ранливост на шокови. Оваа методологија, врз основа на идентификуваните проблеми и потреби на ранливите лица во рамки на овие пет ризик-фактори, дава предлози и мерки со цел унапредување на локалните политики за социјална инклузија на ранливите лица. 

Создавање на општини на еднакви можности- заложба и на општинските функционери и на претставниците од општинската администрација 

Општинските функционери и претставниците од општинската администрација од двете општини изразија силна заложба за интегрирање на наодите од социјалното мапирање во рамки на стратешките и локални документи на општината во областа на социјалната заштита и преземање на соoдветни мерки, а се со цел создавање на општини на еднакви можности, поттикнување на развојот и искористување на потенцијалите и способностите на овие лица, намалување на сиромаштијата и подобрување на благосостојба во заедниците.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов нагласи дека општината развива локални политики и проекти за создавање на заедница во која ќе има услови за живот без бариери за сите граѓани. Со исти заложби е и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазoв, кој нагласи дека општината се залага за креирање на локални политики со кои ќе се обезбедат поквалитетни услови и  услугите за лицата со попреченост. 

Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот Никој да не биде изоставен“. Целта на проектот е зајакнување на капацитетите на општините за примена на социјални пристапи, со крајна цел инклузија на ранливи лица во заедницата. Проектот е имплементиран од ЗЗЕЛС и од НАЛАС во соработка со ГИЗ, а во име на Германското Федерално Министерство за економска соработка и развој.