Средба на членови на Управниот одбор на ЗЕЛС со високи претставници од ЕВН
Дел од членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС се сретна со високи претставници од ЕВН во административната зграда на ЗЕЛС, на 6 јуни, 2022 година. Средбата ја иницира ЗЕЛС, поради сознанијата изнесени на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС дека ЕВН почнал да ги одбива барањата поднесени од страна на општините со кои тие, по донесена одлука од Советот на општината сакаат да го пренесат целосното одржување на уличното осветлување на ЈП, што во согласност со закон ја набавува електричната енергија од регулираниот пазар. Како дополнителна причина за оваа средба беше и потребата да се оспори јавното обвинување упатено кон општините од страна на претседателот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, дека општините се главни виновници за најавеното покачување на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи на овој начин трошеле големи количини од субвенционираната струја за домаќинството, која се набавува од регулираниот пазар.
Претставниците од ЗЕЛС нагласија дека општините од домашното производство на струја користат само 1,7% и тоа во никој случај не може да го наруши балансот на снабдувањето со струја од регулираниот пазар и да е причина за зголемувањето на струјата за домаќинствата. Од друга страна беше посочено дека досега ЗЕЛС неколку пати се обрати до Владата на РСМ за изнаоѓање на взаемно прифатливи решенија за излез од оваа состојба, бидејќи енергетската криза ги води општините во тотален колапс поради плаќањето на екстремно високите сметки за електрична енергија, но конкретни резултати се уште не се добиени. Во таа насока голем број општини размислуваат, а некои и веќе започнале постапки за донесување на одлуки од страна на Советот на општината за пренесување на целосното одржување на уличното осветлување на ЈП-ата, кои согласно закон ја набавуваат електричната енергија од регулираниот пазар, а неколку општини заради остварување на заштеди, се обиделе и со парцијални рестрикции на уличното осветлување. Општините не прават профит од средствата од уличното осветлување, напротив прават напори за поквалитетно спроведување на оваа услуга во интерес на граѓаните, па од таму беше посочено дека треба да се размислува зошто воопшто оваа струја да се плаќа по индустриската тарифа.
Претставниците од ЕВН посочија дека поднесените барања од општините за промени околу услугите со јавното осветлување, во согласност со сите законски прописи, ќе бидат одобрувани. Тоа значи дека сите општини што ќе поднесат вакви барања, за кратко време, од 1 јули, 2022 година ќе почнат да користат електрична енергија по цена за домаќинства. Беше посочено дека досега само две општини добиле ваква согласност, две чекаат за изјаснување, а само една е одбиена, што е исто така дополнителна потврда дека угледот на општините беше неосновано нарушен од страна на Регулаторната комисија.
На средбата стана збор и за можностите за забрзување на постапките околу спроведувањето на активностите за користење на обновливи извори на електрична енергија од страна на општините, односно за одобрувањата за пристап во системот на ЕВН што би ја произвеле со поставување на фотоволтаци на јавните установи: училишта, градинки, општинска зграда. Со тоа драстично би се намалиле трошоците за покривање на енормни високите сметки што сега ги плаќаат општините за електрична енергија. Беше отворено и прашањето за натамошен дијалог меѓу општините и ЕВН за можноста за взаемно инвестирање во обновливи извори на енергија. На состанокот претставниците од ЗЕЛС уште еднаш потсетија на обврската на ЕВН за месечно испраќање на извештај до општините околу наплатата на уличното осветлување, бидејќи не се спроведува онака како што е утврдено во Меморандумот за соработка склучен меѓу ЗЕЛС и ЕВН. Средбата заврши во насока дека општините и ЕВН треба да ја продолжат досегашната добра соработка за непречена квалитетна испорака на електрична енергија за граѓаните.