ЗЕЛС тренинг центарот обезбеди обука за примена на новиот Закон за инспекција во животна средина

ЗЕЛС во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање ( МЖСПП) и со Инспекцискиот совет (ИС) на 6 јуни, 2022 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот организираше обука за примена на новиот Закон за инспекција во животна средина, како и за прекршочната и кривична постапка во оваа област. Оваа обука се организира во согласност со потребите на вработените во секторите или одделенијата за животна средина од општините и е дел од активностите на ЗЕЛС насочени кон јакнење на капацитетите на општинската администрација. На 6 јуни, 2022 година обуката ја следеа претставници од општините од Источниот и Североисточниот плански региона, а на 13 јуни, 2022 година, исто така, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот обуката ќе ја следат претставниците од Скопскиот и од Полошкиот плански регион.

Овластен општински инспектор за животна средина- задолжителна обврска за секоја ЕЛС што треба да се реализира до крајот на оваа година

Собранието на РСМ на 19 април, 2022 година го донесе Законот за инспекција во животна средина, што е објавен во Сл. Весник на РСМ бр.99/2022 21.април, 2022 година. Со овој Закон, на едно место се уредуваат сите специфични прашања за надлежноста и организацијата на инспекцискиот надзор во животната средина на централно и на локално ниво. Посебно внимание е посветено на обезбедувањето на  планирањето на инспекцискиот надзор во животната средина (Годишен план кој се носи согласно ЗИН, тригодишна Програма и шестгодишна Стратегија) и обезбедувањето постојано и континуирано јакнење на капацитетите на инспекторите (на централно и на локално ниво). Претставникот од Државен инспекторат за животна средина, Дарко Блинков, нагласи дека сите ЕЛС до крајот на оваа година треба задолжително да назначат овластен инспектор за животна средина, што исклучиво ќе ги врши работите само од оваа област  (а не и други работи како што е случај сега) или да воспостави меѓу- општинска соработка. Исто така, со Законот е воспоставена основата за соработка на инспекторите во животната средина на централно и локално ниво, а утврден е и надзор над законитоста на работата на органите на ЕЛС во делот на инспекциските служби. Сето ова е во насока на обезбедување на поголема мобилност на институциите за спроведување на законската регулатива од областа на животната средина. Беше посочено дека  донесувањето на подзаконските акти  ќе се реализира за период од една година, а Стратегија и Програма за инспекциски надзор ќе бидат донесени најдоцна за две години од стапувањето во сила на Законот.

Правна регулатива на инспекциските служби

Претставничката од МЖСПП, Тања Пауновска говореше за постојната правна регулатива на инспекциските служби во РСМ. Беа посочени спротивните одредби на Закон за организација и работа на органите на државната управа ( ЗОРОДУ) и Законот за инспекциски надзор (ЗИН) и материјалните прописи. Според ЗИН, инспекторатите се установуваат како самостојни органи на државната управа, потполно независни од ресорните министерства во чија област тие го вршат надзорот, а се органи во состав на министерствата. Стана збор и за одговорноста на инспекторите односно дека инспекторите одговараат дисциплински согласно со Законот за административни службеници – и тоа одговараат во посебна дисциплинска постапка за одземање на лиценцата за инспектор која се води пред комисија формирана од Инспекцискиот совет (ИС) – одговараат пред директор на инспекторатот односно пред раководно лице на инспекциската служба во која што се вработени. Беа наведени и законски утврдените состојби кога Инспекцискиот совет може да одземе лиценца на инспектор или да поведе дисциплинска постапка со привремено одземање на лиценцата. На обуката беше посочено дека стекната лиценца на инспекторите е трајна, односно не треба да се обновува. Беа посочени и  законски постапки за стекнување  со лиценца, преку следење на обуки и полагање на испит. 

Овластен општински инспектор за животна средина имаат 62 ЕЛС- според  спроведена анализа од 2021 година

Пред присутните беше посочена и публикацијата,  „Анализа на законската рамка  и институционалните капацитети на локалните инспекциски служби за заштита на животната средина“ од ноември, 2021 година, во  издание на : Фондацијата Конрад Аденауер во РСМ и Центарот за правни истражувања и анализи –ЦПИА, каде е  направена и анализа на институционалните капацитети на ЕЛС за вршење на надзор во делот на животната средина. Во заклучоците е посочено дека во поголем дел од општините, односно 70 ЕЛС во своите акти за систематизација имаат предвидено вакви работни места, а не предвиделе само 11 ЕЛС. Поголем број од општините имаат и пополнети работни места на овластен општински инспектори, односно тоа е случај во 62 ЕЛС, наспроти 19 кои немаат.  Од  општините кои имаат овластени општински инспектори, 43 општини имаат само еден инспектор, а 19 општини имаат повеќе од еден инспектор.  Забележано е дека  поголем дел од општините кои имаат повеќе од еден овластен општински инспектор за животна средина се рурални општини.