Излезе од печат новиот број на Гласилото на ЗЕЛС

 


Гласилото на ЗЕЛС за месец мај излезе од печат. Во него се содржани поголем број на информации за активностите на ЗЕЛС меѓу кои се и заклучоците од седмата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, каде се дискутираше за енергетската криза и за реактивирањето на барањата за разгледување на систематизираните ставови на ЗЕЛС доставени до Владата на РСМ и  Предлог- Меморандумот за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата на РСМ, што  треба да се обнови, бидејќи претходниот  е потпишан уште во 2003 година. На седницата беше посочено дека трошоците за електрична енергија за уличното осветлување, за училиштата, за градинките и за другите институции во надлежност на општините, продолжуваат да растат. Енергетската криза се продлабочува и ги води општините до дефинитивен колапс поради исплаќањето на екстремно високите сметки за електрична енергија. Централната власт и понатаму не одговара на предлог-мерките упатени од ЗЕЛС за поддршка на општините, напротив дозволува во медиумите да се шират тенденциозни нарушувања на угледот на општините, при што тие се посочуваат како главни виновници за најавеното покачување на цената на електричната енергија за граѓаните.

ЗЕЛС, во соработка со Министерството за транспорт и врски, во текот на мај, 2022 година отвори нов циклус за стекнување со лиценца за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште, наменет за претставниците од единиците за локалната самоуправа, од редот на раководните или стручните административни службеници од соодветната област. Ова е од голема важност за сите општини, бидејќи доколку општината не располага со соодветен број на лиценцирани службеници од оваа област, ќе се соочи со одредени пречки во спроведувањето на постапките поврзани со ова земјиште, што може да претставува и одреден застој за континуираниот развој на локалната економија. Во таа насока, на 30 и на 31 мај во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот беше организирана почетна обука, по што ќе следува полагање на испитот за стекнување со лиценца. Околу 90 кандидати од општините се пријавија за учество на обуката.

Во овој месец, ЗЕЛС организираше и други настани и активности, насочени особено кон јакнење на капацитетите на општинската администрација. Во Охрид се одржа работилница за размена на искуствата за зачувување и заштита на старите урбани јадра во општините, потоа беше организирана национална работилница во рамките на проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“, а за  координаторите за родова еднаквост од ЕЛС беше организирана обука „Статистичка писменост – важен сегмент во градењето на релевантни општински политики и одлуки“. Обуката беше оценета како мошне полезна и беше предложено истата обука да ја следат и претставниците од одделенијата за локален економски развој од општините. Во овој месец, 24 нови општини потпишаа Меморандум за соработка со проектот на УСАИД, во насока на јакнење на капацитетите за подобро искористување на финансиските ресурси.

 

Гласило МАЈ 2022