Градоначалникот на Општина Радовиш едногласно изгласан за претседател на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС

Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш е новиот претседател на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС. Вака одлучија членовите (градоначалници) на ова тело, на првата седница што се одржа преку платформата ЗООМ, на 8 јуни, 2022 година. Присутните дискутираа и за  финансиските предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа  во нашата земја, а на дневен ред беа ставени и материјалите испратени од Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на ЕЛС за седницата што ќе се одржи на 9 јуни, 2022 година во просториите на Министерството за финансии, во која  претставниците од локалната власт се во мнозинство. Од материјалите испратени се: Предлог- Уредба за методологијата за распределба на средствата за блок дотациите на општините во областа на културата, за 2023 година и  Предлог – Уредба за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2023 година, а приложен беше и Деловникот за работа на оваа Комисија.

Членовите на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС посочија дека општините се наоѓаат во крајно лоша финансиска состојба, што е резултата на континуирано префрлање на недоволно средства за спроведување на дадените надлежности, спротивно на Европската повелба на локалната власт. Дополнително влошување претставува и енергетската криза, која како што посочуваат општините, до крајот на годината ќе ги доведе сите општини во тотален колапс, а  не помал придонес на и онака лошата состојба дава и игнорантскиот однос на Владата на РСМ кон општините. ЗЕЛС неколку пати се обраќа до Владата со предлог решенија за подобрување на состојбите и изнаоѓање на  взаемни решенија за поддршка на општините во интерес на сите граѓани, а од таму се соочува со постојано, неосновано, медиумско обвинување на општините и континуирано рушење на угледот на локалната влас. Во таа насока беше нагласена и потребата, преку ЗЕЛС  да се изнајдат начини на подоследно информирање на јавноста за реалните финансиски состојби и  распределбата на финансиските средства на централно и на локално ниво, со цел да се демантираат ваквите дезинформации.

Во однос на Предлог – Уредбата за методологијата за културата, присутните истакнаа дека распределбата на средствата за блок дотации не ги задоволува ни најелементарните потреби за организирање на еден настан, а не пак за развивање на културата и заштита на културното наследство, а слична, или иста е и состојбата со средствата што општините ги добиваат од блок дотации за градинките и за образование. Беше посочено дека во најголем број општини одобренија за вработување на воспитувачки, од Министерството за труд и социјална политика со месеци па и години не се дадени. Општините за да ги задоволат потребите на своите граѓани, ангажираат лица со времено вработување, преку агенции за вработување и ги плаќаат од сопствени средства. И во областа на образованието состојбата е уште полоша, особено што од средствата од блок дотациите за основно образование,  90% одат само за плати на вработените. Стана збор и за распределбата на средства од ДДВ, за кој во новиот Предлог на Закон за финансирање на единиците на локалната власт, сегашниот процент од 4,5% е предложено да се зголеми за 05% за оваа година, но Законот се уште се наоѓа во собраниска процедура и не е изгласан од пратениците.