Воведување на асиметричност во трансферот на надлежности кон ЕЛС - дел од препораките презентирани на тркалезна маса организирана во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите

„Асиметрична децентрализација на надлежностите на локалната самоуправа во Република Северна Македонија“  беше насловот на тркалезната маса, што на 15 јуни, 2022 година, во Скопје беше организирана во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Пред присутните беа презентирани клучните наоди од: Извештајот за административна асиметрична децентрализација; Извештајот за фискална асиметрична децентрализација и од Прашалникот за продолжување на процесот на децентрализација за оценка на предизвиците од трансферот на нови надлежности и ресори во државата. Овие извештаи треба да им помогнат на носителите на јавни политики во разгледувањето на можни опции при дизајнирањето модели за пренесување на нови надлежности кон ЕЛС или пак за поефикасно извршување на тековно пренесените надлежности, што треба да  обезбедат еднаков пристап до јавните услуги на сите жители во државата. Фокусот на извештаите е насочен кон неколку иницијативи за асиметрична децентрализација на пренесените надлежности кон ЕЛС кои имаат непосредна и практична важност во понатамошното проширување на процесот на децентрализацијата: административниот и фискалниот. Исто така, нагласено беше и значењето на утврдувањето на  фискалниот капацитет на општината, но и на фискалниот напор што општината го реализира, а кои треба да послужат како водилка во детерминирањето на можностите за ефикасно извршување на делегираните надлежности. Стана збор и за важноста на системскиот пристап за пресметка на цена на услугите што ги спроведува локалната самоуправа, во насока  на обезбедување на соодветни средства што централната власт треба да им ги префрли на општините, а не како што беше направено на стартот на имплементацијата на децентрализацијата во земјава во 2005 година, врз основа на историските трошоци и тоа намалени за околу 40% (образование). Присутните имаа можност да дискутираат за ваквите иницијативи, по што се отвори и дискусија на овие теми.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ посочи дека голем број од изнесените предизвици со кои се соочуваат општините, досега  ЗЕЛС во континуитет и ги предочува на  централната власт, а при тоа изнесува и конкретни решенија за нивно надминување во вид на Систематизирани ставови на ЗЕЛС. Таа изрази загриженост дека изнесените предлози на оваа дебата може да бидат целосно задоцнети бидејќи доколку во најбрз рок општините не добијат поддршка за надминување на енергетската криза, до крајот на годината може да се очекува  голем број на општини да не бидат функционални, односно да не можат да испорачаат било какви услуги. Беше посочено дека на иницијатива на ЗЕЛС пред неколку години започнаа разговорите за нов бран на децентрализација на власта и реорганизација на системот на локалната самоуправа, кој делумно поради пандемијата со ков, но и ред други состојби поприлично е стопиран. Одредени обиди за продолжување на ваквите активности, дадоа некој позитивен знак,а резултат на тоа е и новиот предлог на Законот на финансирање на единиците на локалната самоуправа, кој и со низата несогласувања што ги даде ЗЕЛС, никако да се донесе, односно веќе седум месеци е заглавен во Собранието на РСМ. 

Од спроведените истражувања главни препораки  за унапредување на процесот на децентрализацијата е воведување на асиметричност во трансферот на надлежностите кон ЕЛС во целост; општините со повеќе ресурси да продолжат да одат напред и да бидат двигател за останатите општини, а оние со помалку ресурси да бидат потпомогнати од централната власт или од другите општини и да се овозможи трансфер од институционална кон функционална децентрализација.