Околу шеесет претставници од општините се стекнаа со лиценца за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште

 

 


Околу шеесет претставници од единиците на локалната самоуправа се стекнаа со лиценца за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во согласност со членот 108 од Законот за градежно земјиште. Станува збор за раководни или стручни административни лица од општините, службеници од соодветната област, кои по следењето на обуките што се одржаа во мај, оваа година, во организација на ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски, се стекнаа со право да го полагаат теоретскиот, а потоа и практичниот дел од испитот.

Испитите се спроведуваа во електронскиот испитен центар на Европскиот универзитет во Скопје, за што беа обезбедени околу тринаесет термини за полагање на двата дела од испитот, на датумите: 15, 20, 22, 27 и 29 јуни 2022 година. Од присутните кандидати, уште дваесетина лица што не го положија практичниот дел, или не беа во можност да дојдат во утврдениот термин, имаат можност за повторно полагање по објавувањето на следниот јавен повик од страна на Комисијата за следење на процесот на организирање и спроведување на обука и спроведување на испит. Лиценцата за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште во државна сопственост е со важност од пет години, по што повторно се следи обука и се проверуваат знаењата на кандидатите за продолжување на лиценцата.

Теоретскиот дел од испитот се полага во период од еден час, кога кандидатите одговараат на педесетина прашања што се однесуваат на постојната законска регулатива од оваа област, а 15 % од прашањата се однесуваат и на користењето на софтверската апликација www.gradezno-zemjiste.mk. Практичниот дел од испитот се полага преку студија на случај. Полагањето се спроведува електронски и резултатите се објавуваат веднаш по полагањето, на веб-страницата на ЗЕЛС www.zels.org.mk.

Ова е од голема важност за сите општини, бидејќи доколку општината не располага со соодветен број лиценцирани службеници од оваа област, ќе се соочи со одредени пречки во спроведувањето на постапките поврзани со ова земјиште, што може да претставува и одреден застој за континуираниот развој на локалната економија. Општините се исклучиво надлежни да располагаат со државното градежно земјиште што се наоѓа на нивната територија, а Министерството за транспорт и врски веќе нема ингеренции во овие постапки.