Функционална децентрализација во областа на социјалната заштита со обезбедени соодветни финансиски средства- изнесен ставот на ЗЕЛС на конференцијата - „Инвестирање во локални социјални услуги”

 

 

 

-„ ЗЕЛС веќе подолг период се залагаат за целосна функционална децентрализација во областа на социјалната заштита, но исклучиво доколку таа биде придружена со префрлање и на соодветни финансиски средства за спроведување на сите пренесени надлежности. Општините речиси секојдневно комуницираат со оваа категорија на граѓани и најдобро ги знаат предизвиците со кои тие се соочуваат, како и нивните потреби. При тоа за голем дел од потребите даваат и соодветна поодршка и  онаму каде немаат ингеренции,  се со цел да помогнат. Затоа, не смее да се остави општините да бидат набљудувачи на состојбите, или пак, да се остави на добра волја на градоначалникот кој во зависност од финансискиот капацитет на општината ќе предвиди или не, средства во општинскиот буџет за реализација на одредени социјални активности . Напротив, сите општини се залагаат за децентрализирање на сите социјални услуги, но при тоа да се обезбеди еден систематски пристап кој  треба да биде финансиски поддржан, според точно утврдена висина на потребните средства за реализирање на соодветни, квалитетни услуги. Од друга страна,  Министерството за труд и социјална политика во секој момент да има ингеренции да ја врши контролата за начинот и квалитетот на реализирањето на овие услуги. Тогаш можеме да зборуваме за вистинска децентрализирани надлежности во областа на социјалната заштита и грижа за оваа категорија на граѓаните. Бидејќи сега, многу често се испреплетуваат обврските и се префрла одговорноста меѓу централната и локалната власт, па и граѓанскиот сектор, а граѓаните не се задоволни и најчесто вината ја насочуваат кон својата општина.

 

 

 

Ова го истакна Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, на конференцијата  „Инвестирање во локални социјални услуги“ што се одржа на 30 јуни 2022 година во Скопје, во рамките на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, финансиран од ЕУ, заедно со Министерството за труд и социјална политика и Европската делегација, во соработка со ЗЕЛС. Проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги” го спроведува ЕПТИСА во конзорциум со CARE. На конференцијата, присуствуваа претставници од над дваесет општини, како и претставници од граѓански организации и експерти од оваа област. Пред присутните се обрати и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, претставникот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Нафи Сарачини, и градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров.

 

 За успешно спроведување на социјалната заштита потребна е соработка меѓу централната и локалната власт и граѓанскиот сектор

„Како поддршка на овој процес Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период спроведе активности за поддршка на општините во изработка на Локалните социјални планови, а дополнително се изготвени и Прирачник за зајакнување на капацитетите за социјална заштита на локално ниво; Упатство за функционирање на општинските совети за социјална заштита; Прирачници и Упатство за функционирање на советите за социјална заштита на планските региони како и  Водичот за лиценцирање на даватели на социјални услуги во заедницата. Сите овие документи се изготвени да го олеснат и подобрат процесот на развојот на социјални услуги во заедницата и се достапни на веб страната на Министерството за труд и социјална политика,” рече Тренчевска. Министерката потенцираше дека за успешно спроведување на овој процес и обезбедување на квалитетна социјална заштита потребна е соработка меѓу централната и локалната власт, како и со граѓанските организации и провајдерите на социјални услуги.

Деинституционализацијата, децентрализацијата, плурализација се главни принципи за успешни реформи и воведување социјални услуги во заедницата

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Нафи Сарачини, нагласи дека поддршката на ЕУ за МТСП и за општините ќе продолжи и во иднина. Тој истакна дека во Унијата постојат различни методи на координација во сферата на социјалните услуги, но политиките на членките се индивидуални, а се водат според заеднички принципи. Еден од тие принципи е и принципот на недискриминирачка социјалната асистенција, а тоа значи да е пристапна таму каде што е најпотребно, односно на локано ниво. Според него деинституционализацијата и децентрализацијата се главни принципи за успешни реформи и воведување социјални услуги во заедницата. Сарачини најави дека во ИПА 3 е предвидена поддршка за развивање и воспоставување успешен систем на мониторинг и известување во спроведувањето на социјалните услуги.

 

Општина Демир Капија ќе биде препознатлива како регионален водач по  нови и иновативни социјални услуги –изјави градоначалникот Петров

-„Општина Демир Капија останува силен поддржувач на процесите на деинституционализација и на децентрализација во сферата на социјалната заштита. Таа станува регионален водач, а има интенции да е препознатлива и по понуда на нови и иновативни социјални  услуги. Лицата од ранливите категории се во центарот на вниманието на општината која посветено работи на мапирањето на нивните потреби  за  уште поголема инклузија и интеграција , подеднакво за сите граѓани,” рече Петров.

Отворен првиот мал групен дом за лица со попреченост во Велес

-„Го отворивме првиот мал групен дом за лица со попреченост и ја обезбедуваме услугата живеење со поддршка, а до септември планираме да обезбедиме вкупно четири вакви заедници. Придобивките се повеќестрани: огромна е психолошката растеретеност на семејствата од стравот кој ќе се грижи за нивните деца со попреченост, кога тие веќе нема да бидат во можност тоа да го прават; конкретна стручна помош и грижа добиваат самите лица со попреченост; и економски придобивки за ангажираните лица во овие домови, кои најчесто се тешко вработливи и се од женската популација“.Ова го истакна Далиборка Златева, претставничката од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес. Таа посочи дека соработката на провајдерите на социјални услуги  со локалната власт е од огромно значење и дека се многу задоволни што досега секогаш наидуваат на широко отворени врати  од општината.

Во вториот дел од настанот, за претставниците од општините, како и за претставниците на даватели на социјални услуги, беше посветен на размена на искуства, според методологијата „World Café”. Ова е првиот, од планираните три настани, што ќе обезбедат поддршка на локалните самоуправи да ги мапираат локалните потреби и постоечките социјални услуги, да развијат локални социјални планови и нови услуги во заедницата, да ги идентификуваат давателите на социјални услуги и да понудат одржливост и понатамошен развој на веќе воспоставени услуги што во моментов се финансираат преку грантови.

Настанот е во рамки на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги” финансиран од ЕУ, заедно со Министерството за труд и социјална политика и Европската делегација, во соработка со ЗЕЛС.