Честит 49 роденден на ЗЕЛС (26 Април- „Ден на општините“ и „ Ден на ЗЕЛС “)

На сите единици на локалната самоуправа во Република Северна Македонија  нека им е честит  26 Април, - „ДЕН на ОПШТИНИТЕ“ и „ДЕН НА ЗЕЛС“.

 Овој датум  е утврден во Статутот на ЗЕЛС, бидејќи пред токму 49 години, односно на 26 април, во 1972 година одржано е основачко Собрание и е формирана- „Заедница на општини и градови на Македонија“. Иницијативата ја покренале тогашните претседатели на собранијата на општините: Куманово, Кочани, Охрид, Скопје. Претставници од околу 30 општини во просториите на „ Салон 19 -19 “ лоциран во барака број 12,  во градот Скопје, на овој датум го усвоиле Статутот на Заедницата, донеле стратегиски документи и одлуки за начинот на нејзината работа. За прв претседател на Заедницата бил избран тогашниот претседател на Собранието на град Скопје, Драгољуб Ставрев. Било формирано Претседателство, Надзорен одбор и Одбор за комунален општински систем, како и Одбор за урбанизам и комунално –станбени прашања. Со тоа, како што е запишано во архивските документи ,,создадена е цврста платформа за најширока соработка на комуните во Македонија“.

И еве, веќе 49 години, ЗЕЛС е единствената организација на локалните власти во  нашата земја, која ги претставува и застапува интересите на сите 81 единица на локална власт и придонесува за подобрување на квалитетот на  услугите што го даваат општините на своите граѓани. Исто така, ЗЕЛС има важна улога во унапредувањето на процесот на децентрализација на власт во нашата земја и развивањето на демократските принципи и  учеството на граѓанинот во донесување на одлуки од локално значење. Спроведувањето на демократијата во секоја земја, всушност започнува на локално ниво. Затоа децентрализацијата на власта претставува и една од суштинските придонеси за напредокот на нашата земјата на патот  за членство во  Европската Унија.

Пред  ЗЕЛС  стои  период на значаен предизвик за продлабочување на процесот на децентрализација на власта во Република Северна Македонија, префрлање на нови надлежности на локално ниво, унапредување на системот на организирање на локалната власт и обезбедување на силна финансиска самостојност на општините. Овој процес на преговори на ЗЕЛС со централната власт е веќе започнат, во тек се  разговори околу утврдување на можностите и на капацитетите за преземање на нови надлежности, па силно веруваме дека 50 годишнината на ЗЕЛС, следната година, ќе ја обележиме со суштински и квалитетни промени во системот на локалното владеење во нашата земја.