Општинските буџети под силен удар од пандемијата– утврдено во последните извештаи за развојот на системот на финансирање на општините

Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа, на 29 април, 2021 година одржа онлајн седница, 39 –та по ред. Освен градоначалниците и претставниците од четирите државни министерства, членови на Комисијата, на седницата беа поканети и претставници од УНДП и од Швајцарската амбасада. Станува збор за значајни поддржувачи на активностите на оваа Комисија а, пред се на развојот на локалната власт во нашата земја. Беше нагласено дека Министерството за финансии, неодамна потпишало нов меморандум за соработка со УНДП, во рамките на Проектот за зајакнување на општинските совети, каде се предвидува продолжување на изработката за финансиските анализи за локалната власт. Присутните потврдија дека ваквите извештаи и анализи се значајни бидејќи преку нив може да се согледаат многу важни сегменти од финансиската состојба во општините: делот на  движење на приходите и расходите на локалната власт: успешноста на планирањето на буџетот на општините; собирањето на сопствените приходи; нивото на раст на блок дотациите од централната власт; капиталните инвестиции; задолженоста на општините и слично. Согледувајќи ги овие финансиски трендови, Комисијата може да ги креира и препораките за подобрување на системот на финансирање на локалната власт, што впрочем е и една од поважните задачи на ова мешовито тело. Во таа насока, ангажираниот финансиски експерт,  професор Д-р Борче Треновски на седницата ги презентираше :Годишниот извештај за развојот на системот за финансирање на општините за 2019 година и Полугодишниот извештај за развојот на системот на финансирање на општините за 2020 година, а се гласаше и за  Предлог – Уредбата за измена на уредбата за методологија за распределба на приходите од ДДВ по општини за 2021 година

 

 Прифатени измените во методологијата за распределба на приходите од ДДВ за 2021 година,  како поповолни за ЕЛС  а, особено за руралните општини

Присутните позитивно се изјаснија за прифаќање на измените во Предлог – Уредбата за измена на уредбата за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2021 година. Всушност станува збор за усогласување со последните измени во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа каде е утврдено дека висината на приходите од данок на додадена вредност за 2021 година се обезбедуваат во висина од 4,5% од просекот на наплатениот ДДВ во последните три фискални години, а не како досега, од приходите наплатени во само во претходната фискална година. Со оваа измена треба да се компензираат негативностите од утврдената намалена наплата од ДДВ во 2020 година, предизвикана од состојбите со КОВИД-19, заради што општините би добиле помалку средства по овој основ. Од презентираните податоци од Извештајот за 2019 година, дотациите од ДДВ во структурата на приходите на Град Скопје учествуваат со 2%, учеството во урбаните општини е 7% а, кај руралните општини- дотациите од ДДВ во структурата на приходите е речиси 12%. Од тие причини овие измени во методологијата се поповолни за руралните општини и беше посочено дека би било корисно важноста на истата да продолжи и по завршување на кризата, бидејќи ги ублажува движењата, посебно краткорочните кризи во падот и зголемувањето на ДДВ. Професорот Треновски истакна дека и Град Скопје и урбаните и руралните општини зависат од централната власт, што покажува дека се уште силно треба да се работи на фискалниот капацитет односно, на фискалната автономија на општините.

Следење на реализацијата на општинските буџети

Во презентацијата за Извештајот за 2019 година беше посочено дека и во 2018 и во 2019 година има тенденција на зголемување на основниот буџет на општините и дека ова е некоја реална тенденција на движење на финансиите на општините, пред да почне пандемијата, која го наруши овој поволен тренд. Исто така беше посочено дека за овој период се бележи и подобрена реализацијата на буџетот. Така, основниот буџет на општините на приходната страна има реализација од 77,5%, додека во 2018 година оваа реализација изнесувала 60,1%. На страната на расходите, основниот буџет има реализација 75%, наспроти 57,5% во 2018 година. Ова подобрување на состојбите е резултат на законското решение за ограничување на зголемувањето на планираните приходи, кое за 2019 година изнесуваше 10% од просечно остварените приходи во последните три години. Беше изнесено сомневање дека ваквиот позитивен тренд, значително би можел да биде нарушен како резултат на усвоените измени во Законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Со измените е обезбедено сопствените приходи на основниот буџет на општините да може да се планираат со пораст од најмногу 50% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција и дека одредбите од овој член ќе се применуваат од 1 јануари 2021 до 31 декември 2021 година.

Најголем пад на собирање на средствата од  даноците на имот 

Беа презентирани и состојбите во првото полугодие од 2020 година, при што беше истакнато дека во овој период приходите се на исто ниво во споредба со истиот период од 2019 година, со минимално зголемување од 0,05%. Анализирано по видови на приходи, ваквото ниво на приходи се одржува благодарение на зголемените трансфери и донации, за сметка на намалените даночни, неданочни и капитални приходи. Вкупните расходи пак во овој период, споредени со истиот период од 2019 година, бележат значаен надолен тренд, со исклучок на платите и социјалните бенефиции. Реализацијата на буџетот во првото полугодие од 2020 година во однос на истиот период од 2019 година, се влошува поради влијанието на пандемијата. Во својата презентација професорот истакна дека поради влијание на кризата со Ковид 19, најголем пад забележаа даноците на имот. Присутните забележаа дека се уште има општини кои не го наплаќаат данокот на имот и дека тоа во иднина не смее да се дозволи.

Тренд на зголемување на ненаплатени обврски

Беше упатено и прашање за состојбата со долговите на општините, при што од страна на Министерството за финансии беше истакнато дека има трендот на зголемување на ненаплатени обврски. Беше посочено дека до голем број општини се доставени опомени, бидејќи не ја исполнуваат законската обврска, односно, од 1 до 10-ти  секој месец, во системот не ги внесат  неизмириените и букирани обврски. Од Министерството за финансии нагласија дека се подготвува активирање на финансиската инспекција, како и активирање на законската одредба за прогласување на постапки за финансиска нестабилност на општината. Беше апелирано општините поажурно да си ги наплаќаат долговите, да ги наплатат своите побарувања и да ги намалат непродуктивните расходи .

Поголем број на општини, во услови на пандемија, обезбедија соодветен пакет економски мерки за стопанските субјекти и за граѓаните

Одредена споредба на податоците од презентираните финансиски анализи со финансиските движења во услови на пандемија во општина Гевгелија, направи градоначалникот Сашо Поцков. Кај приходите градоначалникот нагласи дека има зголемување во вториот и четвртиот квартал, а тоа е така бидејќи КОВИД -19 се појави од 10 март, 2020 а во прв квартал се јануари, февруари и март. Во тој квартал од продажба на градежно земјиште влегуваат значителни средства, кои се  провлекуваат во тек на целата 2020 година. Вториот квартал веќе фирмите се соочуваат со кризата, а беа реализирани и избори, поради што не се распишуваа тендери за продажба на земјиште или за друго прибирање на капиталните приходи. Во третиот квартал се правеше припрема на распишување на продажба на нови земјишта и наплаќање на комуналии и веќе во четвртиот квартал дојде наплатата. Затоа во анализата за 2020 година, отскокнуваат вториот и четвртиот квартал, посочи Поцков.. Исто така, градоначалникот  рече дека многу општини, меѓу кои и неговата се соочиле со силни очекувања од јавноста и од стопанските субјекти  за  обезбедување на поддршка со пакет економска мерки и од локалната власт. Во таа насока општина Гевгелија се  откажала од 100% планираните приходи и во делот на преземените мерки го одредила минималниот процент за плаќање за користење на јавни површини; минимумот за плаќање за истакнување на фирмарина и минимум на паушалот на занаетчиите, а обезбедила и поддршка за семејствата кои имаат деца во градинка, па од месец март тие плаќаат половина од утврдената цена за згрижување. Градоначалникот Поцков, посочи одредено негодување на одлуката на Владата, околу директната финансиска поддршка на јавните претпријатија, донесена под притисок на АДКОМ. Тој предложи доколку во иднина се предлага сличен пакет на мерки, да се размисли средствата прво да стигаат до општините, како основачи на овие комунални претпријатија.

Претседателот на Комисијата, градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски предложи за следната седница да се дебатира за извештај од Државниот завод за ревизија во врска со ефективноста на мерките и активностите во функција на реализација на пренесените надлежности кои се финансираат со средства од блок дотации. Тој исто така ги информираше присутните за активностите на мешовитата работна група за продлабочување на децентрализацијата во земјата, која со одлука на Владата објавена во Службен весник, стана и формално тело.  Беше заклучено, добро да се согледаат утврдените податоци во финансиските анализи, и што поскоро да се одржи следна седница на која ќе се разговара за подобрување на системот за финансирање и утврдување на препораки во таа насока кои ќе бидат испратени во Владата на РСМ.