Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС

 

Гласилото на ЗЕЛС за месец јуни излезе од печат. Во него се содржани поголем број на информации за активностите на ЗЕЛС меѓу кои е и средбата на претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС со високи претставници од ЕВН. Ова средба беше одржана на иницијатива на ЗЕЛС, поради сознанијата дека оваа компанија започнала да ги одбива барањата поднесени од општините со кои тие (по донесената одлука од Советот на општината) сакаат да го пренесат целосното одржување на уличното осветлување на ЈП, кое во согласност со законот ја набавува електричната енергија од регулираниот пазар. Како дополнителна причина за средбата беше и потребата да се оспори јавното обвинување упатено кон општините, од страна на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, дека општините се главните виновници за најавеното покачување на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи на овој начин трошат големи количини од субвенционираната струја за домаќинството, која се набавува од регулираниот пазар.

Во овој период, Комисијата за финансирање при ЗЕЛС ја одржа првата седница на која за нејзин претседател едногласно беше избран Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш. Тој, исто така, беше избран и за претседател на меѓуресорската Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на општините, кога на седницата беа разгледани предлог-методологиите за распределба на средства за општините, за култура, и од данокот на додадена вредност. Претставниците од локалната власт посочија дека е потребно поинтензивно информирање на граѓаните и јавноста за објективните причини за лошата финансиска состојба на општините и дека блок дотациите не ги задоволуваат ни најелементарните потреби за реализирање на надлежностите од областа на културата.

ЗЕЛС во соработка со МЖСПП и со Инспекцискиот совет  на 6 јуни 2022 година, во просториите на ЗТЦ организираше обука за примена на новиот Закон за инспекција во животната средина. ЗЕЛС од јуни се вклучи во уште еден проект за поддршка на општините во областа од надлежностите за социјална заштита: „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, финансиран од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, а кој се спроведува од Регионалната канцеларија на ЕПТИСА за Југоисточна Европа, во директна соработка со Министерството за труд и социјална политика на РСМ. Во оваа фаза, уште осум општини ќе добијат поддршка за изработка на локален социјален план, а во рамките на овој проект беше одржана и конференцијата „Инвестирање во локални социјални услуги“. Овој месец, во периодот од 15 до 29 јуни 2022 година, околу шеесет претставници од општините се стекнаа со лиценца за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште по полагањето на теоретскиот, а потоа и на практичниот дел од испитот. За овие и за други активности може да  се информирате во овој број на Гласило на ЗЕЛС .

 

ГЛАСИЛО ЈУНИ