Развојот на децентрализацијата да биде еден од маркерите во преговорите со Европската Унија - предложено на 19 работна средба на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК)
Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК) на 6 јули, 2022 година го одржа деветнаесеттиот работен состанок. Средбата беше организирана во Брисел, во Комитетот на региони и на неа присуствуваа потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу и градоначалник на Општина Чаир и градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, како и градоначалници од земјите членки на Европската Унија, сите делегати во ова тело. На овие состаноци стандардно првата тема се однесува на активностите и состојбите околу пристапниот процес на нашата земја кон европското семејство,а втората тема беше посветена на младите и претприемништвото. Овој настан се одржа во рамките на ,,Ден на проширување “ организиран на 6 и 7 јули, 2022 година, што традиционално се одржува во организација на Комитетот на региони, при Европската Унија.

Градоначалникот Ристов говореше за состојбите на локалната власт во нашата земја посочувајќи дека за вистинска децентрализација може да се говори само доколку таа е пропратена со соодветна фискална децентрализација, што не е случај во нашата земја. Тој наведе дека само 7% од јавната потрошувачка во нашата земја се случува на локално ниво, а од 125 илјади јавна администрација во земјата, само 5.000 припаѓаат на општините, на кои граѓаните секојдневно и директно им се обраќаат за решавање на нивните проблеми и за обезбедување на квалитетни услуги. –„ Имаме нефункционалност во системот, а проблем е што сега имаме и многу лоша комуникација меѓу централната и локалната власт. Преку ЗЕЛС со години се предлагаат решенија до централната власт, но таа не сака да се откаже ниту од дел од привилегиите што ги има, особено во делот на префрлање на финансиски средства и обезбедување на поголема финансиска стабилност на локалната власт“, рече Ристов на состанокот, пред делегатите. Во таа насока градоначалникот на Радовиш нагласи дека на единиците на локалната власт во нашата земја им е потребна помош за формално правна реорганизација и предложи до Европската комисија во процесот на преговорите за пристапување на нашата земја во европското семејство, еден од маркерите да биде посветен на развојот на децентрализацијата во земјата, со цел да се има поголема прегледност што всушност е постигнато на ова поле, што не е постигнато и да се има одговор зошто не е постигнато.
-“Без децентрализацијата да се движи и развива паралелно со другите процеси ние нема да можеме да влеземе во јадрото за да го придвижиме натамошниот развој. А во општините се генерира и профитот и развојот. Само на тој начин ќе можеме да им помогнеме и на младите тие да отворат сопствени бизниси, а не како што се случува сега масовен егзодус на млади квалитетни кадри кои заминуваат дури и со цели семејства во европските земји па и подалеку. Се обидуваат неколку пати со сопствен бизнис, остануваат без поддршка од локалната власт која е немоќна, се обесхрабруваат и заминуваат. А со мала помош, може да се развијат добри проекти, кои ќе овозможат заживување и на локалната економија. Затоа со надминување на системските предизвици и со финансиска помош од Европската Унија можеме да ги имплементираме европските стандарди во единиците на локалната самоуправа, да им помогнеме на младите дури и да го вратиме назад“ рече Ристов. Тој посочи дека неговата општина искористила 6-7 милиони евра од европски средства за прочистителна станица, а во тек е реализација на проект за зелена енергија во висина од еден милион евра.
Ристов нагласи дека енергетската криза и другите последиците од војната во Украина се дополнителни фактори кои катастрофално влијаат на и онака тешката финансиска состојба на општините и воопшто на населението. –„Општините се доведени во колапс, дел се очекува да бидат блокирани многу скоро, а од друга страна немаат можност за задолжување бидејќи и тоа се прави само со одобрување на централната власт, нема поволни кредити или некои фондови за поддршка. Централната власт не ислушува,но не презема никакви акции од предлог решенијата што и ги понудиме. Ние сме извршителите во алката и ако сме немоќни да ги имплементираме процесите, ќе немаме ни развој, ниту имплементирање на европски стандарди. Сепак сметам дека имаме сили, знаења, имаме млади политичари кои сакаат промени и со соодветна поддршка низ процесите ќе се обезбедат и добри резултати“ рече на крајот од излагањето градоначалникот Ацо Ристов.
За потребата за поддршка на младите говореше и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, кој посочи дека младите се иднината, а претприемништвото овозможува амбициозниот, образован и стручен млад човек да напредува во професијата која ја одбрал. Првите чекори, во нашата земја се прават со развој на стратешки документи со кои се промовира претприемништвото, интегрирање на областа претприемништво во образованиот процес и науката, соработки на образовните институции со бизнис заедницата преку отворање на дуални паралелки согласно потребите на стручен кадар во компаниите, а понатаму и вработување, но и учење на нови вештини и стручно усовршување. Но, недостасува поголема финансиска поддршка на младите кои имаат стекнато образование и вештини од страна на државата„ рече Ганиу.

-„Може да потврдам дека големиот број на млади лица во општината се соочуваат со предизвиците на вработување и нискиот степен на финансиска моќност за основање на свој бизнис. Од друга страна пак, Општина Чаир е срцето на скопските стари занаети, кои поради неатрактивноста и слабата поддршка од институциите полека изумираат, иако светла точка се некои занаети кои традиционално остануваат во фамилијата. Сепак се обидуваме со заеднички активности со здруженија на граѓани и меѓународните институции организираме обуки за јакнење на капацитетите на младите за претприемачки вештини, изработка на стратешки документи за младите, основање на тела за партиципативно учество на младите во работата на општината, вклучување на младите во волонтерство, промовирање и поддршка на младински активизам, но и алокација на средства во буџетот за поддршка на талентирани ученици, студенти.
Ганиу изрази благодарност до Комитетот на Региони, каде преку ова заедничко тело единици на локална самоуправа од нашата земја може да ги изнесат своите предизвици, но и да научат за многу добри примери на работење на општините и регионите во Европската Унија кои може да се имплементираат во земјата, како и за поддршката за можноста за отпочнување на преговорите за членување во европското семејство. На средбата говореа и градоначалници од други општини како и претставникот на Европската комисија, Алберто Камарата, кој го изнесе ставот на Комисијата за подготвеност на нашата земја, без одложување, да почне со преговорите каде првиот чекор е скринингот на европското законодавство, а 80% од законите всушност се имплементираат на локално ниво.