Цената за наплата на уличното осветлување - главна тема на осмата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

Управниот одбор на ЗЕЛС на 12 јули, 2022 година во административната зграда на ЗЕЛС ја одржа осмата седница на која се дискутираше за предизвиците околу  цената за наплата на комуналната такса за уличното осветлување; за непочитувањето на законските обврски од страна на централната власт за  обезбедување на соодветно финансирање на противпожарните единици, а точка на дневен ред беше и дискусијата за предизвиците на општините околу изнаоѓањето на можности за користење на обновливи извори за производство на електрична енергија за сопствени потреби. 

Присутните најпрво дискутираа за писмото што ЕВН пред неколку дена го испрати до Владата на РСМ, до министерствата: за финансии и за економија, до Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги и до ЗЕЛС во кое ги известува општините дека до усогласување на законските и подзаконските акти кои ја уредуваат наплатата на комуналната такса за улично осветлување, наплатата ќе продолжи да ја врши по цените што биле во сила пред поскапувањето на електричната енергија, односно до 30 јуни, 2022 година. Присутните посочија дека ваквиот став на ЕВН е неприфатлив за општините, па во таа насока на седницата беа повикани и претставници од Министерството за финанси. Тие се изјаснија дека  министерството во овој случај ја има улогата на посредувач во однос на утврдувањето на регулативата, а дека општините треба да предложат што е најсоодветно за нив, бидејќи станува збор за комунална такса која е наменета за општините. По дискусијата присутните донесоа заклучок во кој се предлага од 1 јули, 2022 година комуналната такса за улично осветлување да се пресметува по просечната (средна) цена од евтината и од високата цена за KW/h струја за мали потрошувачи, плус трошоци за мрежната тарифа (ЛВ.1.1) донесени од страна на  Регулаторна комисија за енергетика и  водни услуги. 

Во напорите на општините да се справат со енергетската криза, на поголем број досегашни седници на Управниот одбор на ЗЕЛС беше разгледувана и иницијативата тие да можат да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби, преку обновливи извори. Поголем дел од општините веќе преземале интензивни активности во оваа насока, при што беше изнесено дека биле соочени со одбивање од Централниот регистар на Република Македонија, со образложение дека општината не може да биде основач на  ваква дејност. Присутните посочија опции преку јавно приватното партнерство, но и преку Законот за јавни претпријатија, кога општината формира акционерско друштво за дејност која е во јавен интерес. Беше изнесено дека на општините кои имаат долгови не им се дозволува да формираат акционерски друштва. Членовите на Управниот одбор нагласија дека ова е од огромна важност за општините во услови на енергетска кризна, но и генерално за намалување на трошоците за греење на училиштата и други јавни објекти во нивна надлежност како и за трошоците за уличното осветлување, бидејќи тие нема да ја користат струјата за создавање на профит, туку најчесто за компензирање на сопствената потрошувачка. Беше нагласено дека се создаваат поволни услови за обезбедување на фотоволтаици при користење на средства од европските расположливи зелени фондови, општините располагаат со слободни кровни површини, особено над училиштата и дека е голема штета ваквите можности  да се пропуштат. Управниот одбор донесе заклучок што поитно да се организира средба на претставници од ЗЕЛС со претставници од Централен регистар. Беше посочено на средбата да присуствуваат градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски. Потоа да се организира средба и со претставници од Регулаторна комисија за енергетика и  водни услуги, по што ќе се дефинираат неколку модели, релевантни за спроведување на овие постапки, што ќе им бидат доставени на сите општини. Ова ќе значи голема поддршка за сите општини, да не губат непотребно енергија, време, ресурси во изнаоѓањето на најсоодветното решение  за излез од енергетската криза.

Дел од дискусиите на седницата на Управниот одбор беа во насока на повторно нагласување дека континуираната испорака на недоволно финансиски средства од страна на централната власт за спроведување на надлежноста на општините во делот на противпожарната заштита претставува дополнителен финансиски товар за општините (освен високите цени на електричната струја) и ги доведува до  тотален финансиски колапс. И бројните  разговори што ЗЕЛС ги имаше со претставници од надлежното Министерство за одбрана, на кое му беа предочени конкретни податоци за финансискиот јаз меѓу префрлените и законски потребни средства за исплаќање на противпожарните служби не доведе до позитивни промени.  Беше посочено дека е потребно да се утврди  висина на трошок за еден пожарникар на месечно ниво, каде освен основната плата има и многу дополнителни издатоци за: прекувремени часови, храна во ноќни смени, обезбедување на опрема, осигурување и друго. За возврат општините не добиваат ни приближно доволно потребни средства. Напротив, тие секојдневно се соочува со инспекции кои констатираат недостатоци во противпожарните единици;  со тужби од пожарникарите; со незадоволни граѓани заради неможноста квалитетно да се одговори бидејќи не се поседува ни најосновна  опрема за справување со пожарите.  На сеницата Управниот одбор донесе заклучок да се испрати допис до надлежното Министерството за одбрана со напомена за најитно соодветно спроведување на законските обврски околу финансирањето на  противпожарните единици, по што ќе се покрене колективна тужба до истото министерство. Како крајна опција беше нагласено откажување од оваа надлежност на сите општини и нејзино префрлање на централно ниво. 

На состанокот беше покрената и иницијатива за нова точка на дневен ред на следната седница на Управниот одбор, која се однесува на потребата од измени во делот на сегашните законски утврдени проценти за дооформување на градежна парцела, а стана збор и за процентот на распределбата на комуналната такса при градење во Град Скопје и општините, како и за квалитетот на спроведување на комуналната хигиена.