Средба на претставници од ЗЕЛС и Централен регистар за разгледување на можноста за правото на општините да вршат дејност – производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија

Управниот одбор на ЗЕЛС на последната (осма седница) покрена иницијатива за итно одржување на поединечни средби со претставници од: Централниот регистар на Република Северна Македонија; Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и Министерството за економија, во насока на изнаоѓање на решение и разгледување на можноста општините да вршат дејност – производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Овој заклучок е резултат на напорите што ги прават општините во насока на преземање на активности за справување со предизвиците што произлегуваат од енергетската криза, која се рефлектира со драстично зголемување на цената на сметките за електрична енергија и се повеќе ги турка општините кон  целосен финансиски колапс.

Првата средба беше планирана со претставниците од Централен регистер на РСМ кои позитивно се одзваа на поканат од ЗЕЛС и на 20 јули, 2022 година  тие  заедно со градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски (избрани од Управниот одбор на ЗЕЛС) во административната зграда на ЗЕЛС дискутираа за правните можности општината  да врши дејност за производство на електрична енергија. Беше посочено дека според Законот за трговски друштва, општината како правно лице нема пречки да биде регистрирана како акционерско друштво, но беше нагласено дека општината треба да го земе во предвид и регулирањето на оваа материја и во другите релевантни закони, особено во делот за можностите за излез на отворен пазар. 

Претставниците од ЗЕЛС нагласија дека општините оваа дејност би ја вршеле само во насока на покривање на сметките за струја што тие сега ги плаќаат за потрошувачката во своите објекти а, вишокот на електрична енергија би го компензирале за потрошената струја за уличното осветлување. Со тоа тие ќе дејствуваат во интерес на своите граѓани, бидејќи средствата од општинскиот буџет ќе ги користат за  активности за нови или подобрување на постојните  услуги за граѓаните, а не за високи сметки за електрична енергија и истовремено, индиректно, повторно во полза на своите граѓани, ќе го подмират трошокот за уличното осветлување. Дополнителна придобивка би било и тоа што општините на овој начин ќе се поттикнат поинтензивно да се насочат  кон искористување  на европските и други фондови за обновливи извори на енергија, особено што тие располагаат со соодветни сопствени површини (покривите на училиштата, градинките, административните општински објекти и друго..) на кои може да ги постават фотоволтаиците, без да плаќаат дополнителни наемнини за тоа. На крајот на состанокот и двете страни се согласија дека,  треба што поитно да се да се иницира изнаоѓање на системско решение со кое ќе им се олеснат правните процедури за вршењето на ваква дејност на општините.