И Регулаторна комисија за енергетика со поддршка на заложбите на општините за енергетска независност со обновливи извори на енергија
Делегираните претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС: градоначалникот на Општина Радовиш Ацо Ристов и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, продолжија со активности за утврдување на можностите и постапките за регистрирање и лиценцирање на претпријатија од страна на единиците на локална самоуправа за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија По средбата со претставници од Централен регистар, што се одржа на 20 јули, 2022 година, беше одржана и средба со претставници од Регулаторна комисија за енергетика и водни ресурси на РСМ, на 28 јули, 2022 година.
Досега е договорена следната постапка: Општините можат да регистрираат посебни претпријатија,во согласност со Закон за трговски друштва и тоа во вид на ДООЕЛ или АД, со регистрирана дејност производство на електрична енергија. По спроведена постапка и изградба на објектите, Регулаторна комисија за енергетика ќе издаде лиценца со која тие ќе можат да се појават и на пазарот на електрична енергија. Односно, освен за сопствени потреби, овие претпријатија ќе можат вишокот на електрична енергија да го продаваат на пазарот.
Договорено е и во најкус рок да се одржи и заеднички состанок на претставници од ЕВН и од Регулаторна комисија за енергетика за утврдување на потребните измени во регулативата кои се однесуваат за оваа намена. По завршувањето на сите консултации, ЗЕЛС ќе подготви кратко упатство за постапката и чекорите што треба да ги спроведе општината доколку сака да инвестира во обновливи извори на енергија и да обезбеди енергетска независност или намалување на огромните трошоци што сега ги плаќа за намирување на сметките за електрична енергија.