Деветта седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

Во просториите на ЗЕЛС на 24 август 2022 се одржа деветата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС. На седницата повторно се дискутираше околу состојбите со енергетската криза во општините и институциите во надлежност на општините, посебно училиштата и јавните претпријатија. За таа цел на седницата присуствуваа и претставници од АДКОМ кои ги претставуваат јавните  претпријатија и кои ја потврдија тешката положба на јавните претпријатија почнувајќи веќе од декември 2021 кога почна сериозно да се чуствуваат негативните ефекти од енергетската криза и побараа подршка од Управниот одбор, заедно да настапат и изнајдат решение за надминување на кризата. Оттаму потврдија дека во сите јавни претпријатија кои се нивни членки, сметките за потрошувачка на електрична енергија се дури петоструко зголемени што предизвикува закана за финансиски колапс доколку интервентно не се реагира и се изнајде решение. Претпријатијата кои се формирани во општините каде имаше сериозен напредок за гасификација како што е општина Куманово и Струмица веќе се пред нивно исклучување поради енормното зголемување на цената на гасот и се помалата заинтересираност на граѓаните за користење на оваа мрежа. Членовите на Управниот одбор ги потврдија истите проблеми со јавните претпријатија како и предизвикот со кризата со започнување на учебната година од септември 2022 година. Констатираа дека досега Владата немаше слух за помош на општините за надминување на оваа состојба и дека како што поминува времето се заканува исклучување на институциите поради неможност да се подмират веќе петоструко поголемите сметки по основ потрошена електрична енергија. Тие нагласија дека останува нерешено прашањето околу надминување на проблемот со уличното осветлување посебно во услови кога со новиот Тарифник донесен од Регулаторната комисија за енергетика цените за уличното осветлување никаде не се регулирани а со тоа ЕВН во ваква ситуација продолжува да ги наплатува по стара тарифа што предизвикува дури дупло помала нејзина наплата која реално општините ја имаат како трошок за обезбедување на улично осветлување. По ова прашање беа организирани и состаноци со претставници од ЕВН, Регулаторна комисија за енергетика и министерство за финансии и доставен е допис до Владата со конкретно понудено предлог решение кои произлезе од претходната седница на УО. Со тоа предлог решение се бара Владата или Министерството за финансии да го информираат ЕВН дека согласно наведените промени во тарифниот систем, донесен од РКЕ и согласно дописот од ЗЕЛС, цената која треба да ја наплатуваат на име јавно осветлување треба да биде средната вредност на цената која се наплатува за мали потрошувачи, сè до изменување на Законот за комунални такси. Имено, се бара Министерството за финансии да пристапи кон итна измена на Законот за комунални такси, каде во член 20, тарифа 10, јасно ќе се наведе дека цената по која треба да се пресметува таксата за јавното осветлување треба да соодветствува со тарифникот кој го носи РКЕ и истата да биде средна вредност од цената за дневна и ноќна потрошувачка, со додадена вредност за мрежна потрошувачка. По ова прашање во петок ќе се организира состанок со Министерот за финансии, Фатмир Бесими и согласно исходот од тој состанок беше одлучено во најитен рок да се организира состанок со Претседателот на Владата и ресорните министри за надминување на овие состојби, инаку се заканува целосен финансиски колапс на општините и со тоа и се става во прашање испораката на услугите кон граѓаните.

Како резултат на измените во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се проширува составот на Комисијата за следење на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со уште двајца членови, УО ги назначи за членови градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. За претставник на ЗЕЛС во проектниот одбор на втората фаза на проектот Јакнење на капацитетите на општинските совети спроведен од УНДП, беше назначена Габриела Илиевска, претседателка на советот на општина Битола која е член и на Комитетот на советите при ЗЕЛС. 

Во рамките на седницата беше усвоена иницијативата доставена од општина Центар во врска со измена на одредба на Законот за градежно земјиште како и беше усвоено барањето од општина Арачиново во однос на репрограмирање на долгот кон ЗЕЛС по основ членски надоместок. Пред присутните беше споделена нова методологија за утврдување и исплата на плати, надоместоци и други примања на вработените во ТППЕ, кое инаку на барања на ЗЕЛС резултираше со формирање на работна група од страна на Министерството за одбрана. Членовите на УО заклучија истата методологија да се достави на мислење до сите општини и доколку е прифатлива да се одговори позитивно.

Неодмана доставените измени на Законот за комуналните такси и Законот за данок на имот кои беа доставени на разгледување до сите општини а кои се однесуваат на дигитализација на процесите, се добредојдени од општините но потребни се финансиски средства за воспоставување на електронски систем за сите општини како и потребно е ставање на бесплатно располагање на сите податоци од катастар за даночните обврзници.

Под точка разно членовите на Управниот одбор се договорија да се организира вонредна онлине седница на Генералното собрание со заради разрешување на членови на Управниот одбор кои имаат чести отсуства на седниците на Управниот одбор како и разгледување на состојбите со наплата на членарината.