Реализирани обуките за новиот Закон за инспекција во животната средина, за сите општини

Претставници од општините од Југоисточниот и од Вардарскиот регион како и од Југозападниот и Пелагонискиот регион, на  13 и на 15 септември, 2022 година следеа обука за примена на новиот Закон за инспекција во животна средина, воедно и за прекршочната и кривична постапка во оваа област. Со тоа, најважните законски измени, а особено одредбите кои се однесуваат на локалната власт беа презентирани пред вработените од секторите или одделенијата за животна средина од сите општини, имајќи во предвид дека во првата половина на јуни, оваа година, оваа обука ја проследија и претставниците од општините од  Скопскиот; Полошкиот; Источниот и  од Североисточниот плански регион.

Обуката се одржа во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, а ја организираше ЗЕЛС во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и со Инспекцискиот совет (ИС).  Пред присутните  се обратија извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која нагласи дека една од стратегиските цели на ЗЕЛС е јакнење на капацитетите на општинската администрација и во таа насока ги охрабри претставниците од општините да се обраќаат во Заедницата за да им се обезбедат и други обуки, што сметаат дека им се потребни. Од Државниот инспекторат за животна средина се обрати директорот, Сретен Стојковски кој освен за законските измени говореше и за потребата од обезбедување на вистинското место на инспектори за животна средина и потребата од зголемена меѓусебна соработка на локално и државно ниво.

Овластен општински инспектор за животна средина- задолжителна обврска за секоја ЕЛС што треба да се реализира до крајот на оваа година

На обуката беше посочено дека Законот за инспекција во животна средина го донесе Собранието на РСМ на 19 април, 2022 година и е објавен во Сл. Весник на РСМ бр.99/2022 21.април, 2022 година. Со овој Закон, на едно место се уредуваат сите специфични прашања за надлежноста и организацијата на инспекцискиот надзор во животната средина на централно и на локално ниво. Посебно внимание е посветено на обезбедувањето на  планирањето на инспекцискиот надзор во животната средина (Годишен план кој се носи согласно ЗИН, тригодишна Програма и шестгодишна Стратегија) и обезбедувањето постојано и континуирано јакнење на капацитетите на инспекторите (на централно и на локално ниво). Особено беше нагласено дека до крајот на оваа година сите единици на локална самоуправа треба задолжително да назначат овластен инспектор за животна средина, што исклучиво ќе ги врши работите само од оваа област (а не и други работи како што е случај сега) или да воспостават меѓу-општинска соработка. Исто така, со Законот е воспоставена основата за соработка на инспекторите во животната средина на централно и локално ниво, а утврден е и надзор над законитоста на работата на органите на ЕЛС во делот на инспекциските служби. Сето ова е во насока на обезбедување на поголема мобилност на институциите за спроведување на законската регулатива од областа на животната средина. Беше посочено дека донесувањето на подзаконските акти ќе се реализира за период од една година, а Стратегија и Програма за инспекциски надзор ќе бидат донесени најдоцна за две години од стапувањето во сила на Законот.

На обуката беа посочени и законски постапки за стекнување  со лиценца, преку следење на теоретски дел во период од три месеци и практична работа во период од 9 месеци, по што следи полагање на испит. Стекната лиценца на инспекторите е трајна, односно не треба да се обновува. Беа наведени и законски утврдените состојби кога Инспекцискиот совет може да одземе лиценца на инспектор или да поведе дисциплинска постапка со привремено одземање на лиценцата.