Изнесено позитивно мислење за методологиите за распределба на средствата од ДДВ за општините за 2022 и 2023, во согласност со новите законски одредби

Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на општините на  20 септември, 2022 година дадоа позитивно мислење на текстовите на двете уредби за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност (ДДВ) по општините, за 2022 и 2023 година. Всушност, по изгласувањето на Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа од страна на Собранието на РСМ, на 27 јули, 2022 година (Службен весник на РСМ број 173/22), во уредбите се имплементирани измените соодветни на овие законски промени. Така, во следните три месеци (октомври, ноември и декември), во општините што ги исполнуваат условите, треба да се трансферираат финансиски средства за 2022 година, од делот  за воедначување и за перформанси.

Според усвоената методологија за распределба на приходите од ДДВ за општините за 2023 година приходите од ДДВ ќе се обезбедат во висина од 5,5% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година, распределени во сооднос: 1. основен дел – 4,5%; 2. дел за перформанси - 0,5% и 3. дел за воедначување – 0,5%. Основниот дел од приходите од ДДВ за ЕЛС, како и досега  се распределуваат во фиксен дел од 3.000.000 денари за сите единици на локалната самоуправа. Променливиот дел се распределува во износ од 88% за општини во РСМ, без општините во градот Скопје и градот Скопје и 12% за Градот Скопје и општините во него, според математичка формула во зависност од: бројот на жители во општините (65%); површината од територијата на РСМ (27%) и бројот на населени места во општината (8%). 

Новина се деловите за распределба на ДДВ според перформанси и според воедначување. Односно, делот од приходите од ДДВ за перформанси се распределува само на општини кои кумулативно ги исполнуваат следните два критериума: 1)наплатените сопствени приходи на општината во претходната година биле најмалку 70% од планираните сопствени приходи и 2) наплатените сопствени приходи на општините во претходната година се повисоки од просечните сопствени приходи кои биле наплатени во општината последните три години, пред претходната година. При тоа овие приходи за општините, без општините во Град Скопје и градот Скопје се распределуваат во износ од  88% и 12%  за општините во градот Скопје, без градот Скопје.

Делот од приходите од ДДВ кои се наменети за воедначување се распределува само на општините кои се под прагот на просекот на приходи од  данокот на личен доход по жител, наплатени во претходната година. Распределбата на средствата од делот за перформанси и делот за воедначување по општините ќе се врши најдоцна до 31 март, во тековната година.

Претставниците од локалната власт, членови на оваа Комисија  и на овој состанок го нагласија барањето, заедно со презентирањето на сите предлог- уредби да се обезбеди и соодветна симулација, преку која ќе се добие поконкретна слика како би се одразила  понудената распределба на средства за секоја општина.