Формите за примена на демократско управување во локалната заедница суштинска врска помеѓу општините и граѓаните за подобри општински услуги

“Промовирање на принципите на демократско управување“ беше тема за тридневната обука во организација на ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје што се одржа од 19-21 септември, 2022 година во х.Јуник, Охрид за претставници од општините од Скопскиот, Полошкиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион.

Учесниците од општините кои работат на развој на документи и програми од повеќе сектори ги освежија своите знаења за принципите на демократско управување и примената на локално ниво и преку интерактивно учество прикажаа како принципите на транспарентност, одговорност, отчетност се интегрираат во процесот на донесување на одлуки и можноста за нивна примена во секоја програма која ја креира општинската администрација. За време на обуката се зборуваше и за демократското управување во општините и неговото значење како за избраните функционери, така и за граѓаните.

Претставничката од ЗЕЛС потсети на важноста на алатката за граѓанско учество“ Форуми во заедницата“ и можностите кои ги нуди оваа форма на граѓанско учество која е институционализирана кај повеќе од 70 општини во земјата. За време на оваа сесија беше презентиран и Водичот за локални политики: Граѓанско учество како предуслов за подобри политики во локалната заедница, изработен од страна на Мисијата на ОБСЕ во соработка со ЗЕЛС, во изминатата фаза од тригодишната соработка помеѓу двете институции. Водичот дава насоки за спроведување на клучните елементи на процесите поврзани со локалните политики, врз основа на принципите на демократско управување и партиципативно носење одлуки. Водичот нуди препораки во секој чекор од циклусот на локалните политики: дефинирање на приоритети, подготовка, усвојување, спроведување, мониторинг и евалуација на локалните политики (стратегии, програми, планови, акти и слични документи), со посебен фокус на вклучувањето на засегнатите страни во сите фази. Дадените насоки се практично применливи во секојдневното работење на општините и треба да служат како генерална рамка која може да се прилагодува и во различни општини, но и за различни области од работењето, согласно конкретните потреби.

За време на обуката учесниците имаа интерактивна улога и по поделбата во три  групи работеа на неколку вежби: примена на принципите на демократско управување во работата на општината и вклучување на граѓаните во креирање политики на локално ниво. Резултатите од вежбата беа презентирани пред учесниците со што се покажа дека општините имаат развиено форми на вклучување на граѓаните и дека примената на истите е на задоволително ниво, за време на обуката општинските претставници разменија добри пракси кои може да ги применат во општините.