Публикуван нов број на Гласило на ЗЕЛС

 

Во Гласилото на ЗЕЛС за периодот март - април може да прочитате за сите позначајни активности што Заедницата ги реализираше во овој период. И во овие два месеца, во услови на нов засилен бран на пандемијата со КОВИД -19, ЗЕЛС реализира повеќе онлајн обуки и работилници за општинската администрација, спроведе дел од обврските од тековните проекти и обезбеди спроведување на важни состаноци, меѓу кои оној за следењето на финансискиот систем на единиците на локалната самоуправа и онлајн средбата на градоначалниците со министерката за образование и наука.  Во овој период, поточно на 26 Април, ЗЕЛС наполни точно 49 години.  Овој датум во Статутот на ЗЕЛС е утврден како  „Денот на општините“ и „ Денот на ЗЕЛС “ бидејќи токму пред 49 години, во 1972 година одржано е основачко Собрание и е формирана- „Заедница на општини и градови на Македонија“.

Заклучно со месец март, во рамките на регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“,беше обезбедена соодветна инфраструктура на контејнери за рециклажа на стакло во сите шест единици на локална самоуправа вклучени во Проектот, а беше одржана и  работилница на општинските тимови за регионалната медиумска кампања за подигање на свеста кај населението за рециклажа на стаклена амбалажа. Во месец март, околу четириесетина претставници од општините се стекнаа со  лиценца за водење на постапки за градежно земјиште.  Потоа, повеќе од 150 општинските службеници кои работат на постапките на донесување на урбанистички планови и урбанистичко- планска документација учествуваа на онлајн тематско советување што го организираше ЗЕЛС во соработка со Министерството за транспорт и врски (МТВ), посветено на предизвиците при имплементацијата на новиот Закон за урбанистичко планирање.  Во организација на ЗЕЛС, беше одржана и онлајн средба на градоначалниците со министерката за образование и наука, околу подготовките за имплементација на новите наставни програми во основно образование и организирањето на обуки за наставниот кадар, што ќе се одвива во следните неколку месеци. Претставници од општинската администрација во овој период се запознаа и со  чекорите што треба да ги преземе општината за да развие инклузивен план за управување со ризици од катастрофи, кој ги вклучува потребите на ранливите групи, како и со „Теренски услуги и мобилни тимови за ранливите групи граѓани“.

Активности беа реализирани и во рамките на проектот „Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање“ Издадена беше „ Методологија за интегрирање на родова перспектива во локалните политики и буџет“ а ЗЕЛС го публикуваше и шеснаесетиот по ред   „Годишен извештај на ЗЕЛС за 2020 година“.

За овие и за  другите настани, може да прочитате повеќе во ова издание на Гласило на ЗЕЛС .