Освежени знаења, размена на практики искуства за принципите и формите на граѓанско учество помеѓу општини

“Форумот во заедницата“ како корисна алатка за граѓанско учество наоѓа широка примена при донесувањето на програмите и буџетот на општините е еден од заклучоците на тридневната обука што се одржа од 17-19 октомври, во х. Рамада Плаза во Гевгелија за претставниците од општините од Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион, од страна на ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тема на обуката беше “Промовирање на принципите на демократско управување“ при што беа презентирани принципите на демократско управување и нивната примена на локално ниво од страна на претставник од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а учесниците од општините кои работат на развој на документи и програми од повеќе сектори ги освежија своите знаења за принципите на демократско управување и примената на локално ниво преку интерактивно учество и презентирање на примери од своите општини. Тие, преки практични вежби покажаа како принципите на транспарентност, одговорност, отчетност се интегрираат во процесот на донесување на одлуки и можноста за нивна примена во секоја програма која ја креира општинската администрација. За време на обуката се зборуваше и за демократското управување во општините и неговото значење како за избраните функционери, така и за граѓаните.

Претставничката од ЗЕЛС потсети на важноста на алатката за граѓанско учество“ Форуми во заедницата“ и можностите кои ги нуди оваа форма на граѓанско учество која е институционализирана кај повеќе од 70 општини во земјата. За време на оваа сесија беше презентиран и Водичот за локални политики: Граѓанско учество како предуслов за подобри политики во локалната заедница, изработен од страна на Мисијата на ОБСЕ во соработка со ЗЕЛС, во изминатата фаза од тригодишната соработка помеѓу двете институции. Водичот дава насоки за спроведување на клучните елементи на процесите поврзани со локалните политики, врз основа на принципите на демократско управување и партиципативно носење одлуки. Водичот нуди препораки во секој чекор од циклусот на локалните политики: дефинирање на приоритети, подготовка, усвојување, спроведување, мониторинг и евалуација на локалните политики (стратегии, програми, планови, акти и слични документи), со посебен фокус на вклучувањето на засегнатите страни во сите фази. Дадените насоки се практично применливи во секојдневното работење на општините и треба да служат како генерална рамка која може да се прилагодува и во различни општини, но и за различни области од работењето, согласно конкретните потреби. Водичот за локални политики е отпечатен на македонски и албански јазик и се споделува со претставници  од општините за време на настаните кои ги организира ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

За време на обуката учесниците имаа интерактивна улога и по поделбата во три  групи работеа на неколку вежби: примена на принципите на демократско управување во работата на општината и вклучување на граѓаните во креирање политики на локално ниво. По изработка на вежбата, резултатите беа презентирани пред учесниците со што се покажа дека општините имаат развиено форми на вклучување на граѓаните и дека примената на истите е на задоволително ниво, за време на обуката општинските претставници разменија добри пракси кои може да ги применат во општините.

За крај, учесниците ја потврдија важноста од организирање на обуки и настани со физичко присуство каде освен добивање на информации и нови знаења од одредени области се зајакнува и вмрежувањето помеѓу колегите од различни општини кои понатаму се консултираат и разменуваат информации и практики од нивната секојдневна работа.