Граѓаните имаат право на точни и навремени информации за активности кои влијаат врз животната средина!

 Во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, во административната зграда на ЗЕЛС, во периодот од 25 до 28 октомври, 2022 година беше организирана работилница –„Примена на начелата на Архуската конвенција на локално ниво“ што опфаќаше тематски пристап до информации од јавен карактер и учество на јавноста во процеси на донесување на одлуки за прашања од областа на животната средина. На работилницата учествуваа членови на Мрежата за животна средина при ЗЕЛС, кои се  претставници од општинската администрација од областа на животна средина. Општините кои засега немаат вработено лице директно вклучено во областа на животна средина, можеа да номинираат учесник од секторот или одделението за урбанизам или лице задолжено за младински политики. Според утврдената динамика, први на работилницата учествуваа претставниците од општините од  Скопскиот и Североисточниот регион; потоа следеа од Вардарскиот и од Пелагонискиот регион; од Полошкиот и од Југозападниот и на 28 октомври, 2022 година работилницата ја следеа претставници од општините од  Источниот и од Југоисточниот регион. Оваа работилница на која значајно место беше посветено на спроведување на обврските на локалната власт за примена на начелата на Архуската Конвенција што се веќе вградени во домашното законодавство, беше организирана од ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Работилницата ја креираше  Архус Центар - Скопје, граѓанско здружение што спроведува активности за создавање функционален систем за следење на работењето на јавните институции, општините, телата и органите за донесување одлуки, за транспарентност на процедурите, усогласување на законите и квалитетот на процесите на учество на јавноста во спроведување на Архуската Конвенција. На работилницата говореше и претставник од  Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Значење на Архуската конвенција

„Граѓаните имаат право на точни информации за активностите кои можат да имаат влијание врз животната средина, но имаат и право да учествуваат во одлуките за животната средина. Граѓаните чии што права од областа на животната средина се нарушени имаат право на судска заштита“ ова е  извадок од Конвенцијата, која според Обединетите нации претставува најамбициозниот чекор во насока на демократизација на областа на животната средина и нејзината заштита, во смисла на одговорност на властите и транспарентност во донесувањето на одлуки. Архуската конвенција всушност опфаќа три главни столба и ги регулира прашањата за пристапот на информациите, правото на јавноста да учествува во донесувањето на одлуките поврзани со животната средина и пристапот до правосудството во случај кога се повредени правата од областа на животната средина. Конвенцијата е донесена во 1998 година, на четвртата министерска конференција, реализирана  под покровителство на ЕУ и Обединетите нации (https://unece.org/DAM/env/pp/documents/cep43mac.pdf) со наслов  „Животна средина за Европа“ и била одржана во градот Архус, во Данска. Ратификувана е од  46 земји, а нашата држава ја ратификувала уште во 1999 година. Имплементацијата на Конвенцијата во нашето законодавство е на многу високо ниво, но забележани се бројни предизвиците  во делот на нејзиното спроведување.

Реактивната транспарентност на општината доведува до зголемен број на упатени барања за добивање на  информации од јавен карактер 

Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер граѓаните треба да бидат информирани за сите активности на јавните институции, освен ако не е поинаку пропишано, а јавниот интерес секогаш треба да биде водилка во постапките за слободен пристап до информации. На оваа тема на работилницата говореа претставници од Агенцијата за заштита на правото слободен пристап до информации од јавен карактер кои ги објаснија законските обврски на институциите од оваа област, на национално и на локално ниво. Тие го нагласија значењето на  член 10, од  Законот, каде се утврдени 22 категории на информации од јавен карактер, што институциите кои располагаат со нив се должни редовно да ги ажурираат и да ги објавуваат на начин достапен за јавноста (интернет страница, огласна табла и друго). Нагласена беше и потребата секоја институција, па и општините, примарно да посветат поголемо внимание на проактивното информирање кое доведува до бројни позитивни резултати, наместо да дејствуваат реактивно. При реактивната транспарентност, забележано е дека институциите добиваат зголемен број на упатени барања за добивање на  информации од јавен карактер. Стана збор и за улогата на службеното лице кое посредува со информациите од јавен карактер; за почитувањето или не почитувањето на законски пропишаниот рок да се одговори веднаш на барањето, односно најдоцна во рок од 20 дена по приемот; како и за случаите на „молк на управата“. 

Учество на јавностa од  огромно значење за донесување на взаемно прифатливи политики во областа на животната средина 

На работилницата беа опфатени повеќе теми поврзани со имплементирањето на заложбите на Архуската конвенција, на локално ниво, особено оние поврзани со Законот за животна средина и со Законот за урбанистичко планирање. Се говореше и за постапки кои предвидуваат учество на јавноста при креирање на Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС);  Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС)и Интегрирано спречување и контрола на загадувањето (ИСКЗ). Стана збор и за Уредбата за учество на јавноста во тек на изработка на прописи и други акти,  како и  при донесување на планови и програми од областа на животната средина. При тоа беше нагласено дека активностите што општината планира да ги реализира, а кои на директен или индиректен начин ќе предизвикаат одредено влијание врз животната средина, има обврска  навремено, во утврден законски рок и со конкретна постапка, да ги информира и сподели со своите граѓани. Според податоците што се добиваат од мониторингот што Архус Центарот ги врши два пати во неделата, на веб страниците на околу 170 институции (државни органи, јавни претпријатија, локални самоуправи) забележана е голема разноликоста кај општините во примената и почитувањето на овие законски прописи.  Беше посочено дека има и голем број на случаи кога општината целосно ја спровела законската постапка за информирање и вклучување на граѓаните за намера да реализира проект што има одредено влијание врз животната средина, а потоа, при самото отпочнување на негова реализација се  соочила со бурни реакции и револт од граѓаните. Затоа беше нагласено дека општините не треба да ги разберат овие заложби од Архуската конвенција за да  ги спроведуваат како „про-форма“ туку да изнајдат најсоодветни начини, да го информираат и да го вклучат населението во дијалог, во што поголем процент. Тоа ќе придонесе во создавањето на взаемно прифатливи политики во областа на животната средина од  полза на целата заедница. Во таа насока, на работилницата беа истакнати и позитивни примери, каде јавноста активно се вклучила благодарение на успешно воспоставената комуникација на општината со населението што довело до реализација на взаемно прифатливи активности.