Спроведена обука за сертификација и ресертификација на модератори за спроведување на граѓанската алатка - „форуми во заедницата“

Во рамките на проектот “Зајакнување на општинските совети - фаза 2“, ЗЕЛС организираше специјализирана обука за сертификација и ресертификација на модератори за спроведување на граѓанската алатка - „ форуми во заедницата“. Според утврдените правила, сертификатот има важност од пет години и по изминувањето на овој период, модераторот има обврска повторно да проследи обука и писмен и устен испит за ресертификација. Улогата на модераторот во спроведувањето на овој облик на граѓанско учество е од големо значење за збогатување на демократските начини на вклучување на населението во донесување на одлуки од локално значење. Во таа насока утврдена е потребата форумите да ги водат лица кои имаат повисоко ниво на подготвеност да се справат со сите предизвици што ги носи отворената дебата на овие форумски сесии, поради што ЗЕЛС дава силна поддршка за обезбедување на стручни кадри со зајакнати способности и знаења за  водење(модерирање) на дебатите.  Се поголем е бројот на општините што ја користат оваа алката за граѓанско учество и наведуваат дека таа им овозможува полесно и поуспешно взаемно комуницирање со граѓаните. Донесувањето на заеднички одлуки всушност значи и споделување на одговорноста за изборот и спроведувањето на општинските проекти. Користењето на оваа  граѓанска алатка од страна на општината се почесто станува и предност при  аплицирањето на проекти за добивање на финансиска или друг вид на поддршка, Досега преку реализираните активности на ЗЕЛС обезбедено е институционализирање на ,,форуми во заедницата“  од страна на 70 единици на локална самоуправа, односно општинските совети во овие општини  ги изгласаа и ставија форумите како нова форма на граѓанско учество во своите статути.

Голем интерес кај кандидатите за следење на обуката за модератор 

На јавниот повик што го објави ЗЕЛС се пријавија околу триесетина кандидати за стекнување на сертификат за модератори. Дел од нив со ваква лиценца се стекнале уште во изминатиот период, во рамките на спроведувањето на Проектот Сертификација на форумски модератори  со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за соработка и  развој (СДЦ ) кога беа обезбедени вкупно 37 лиценцирани форумски модератори, а дел изразија желба да се стекнат со оваа лиценца за прв пат. Во таа насока, на обуката што ја организираше ЗЕЛС на 31 октомври и 1 ноември, 2022 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот (во административната зграда), присутните имаа можност да се запознаат или да ги обноват своите знаења  поврзани со законските надлежности, организацијата и финансирањето на локалната власт, со процесот на децентрализација во земјата; со облиците на граѓанско учество што се спроведуваат на локално ниво;  со видовите на форуми во заедницата, чекорите на реализација на форумските сесии и начините на мобилизирањето на заедница. Кандидатите учеа и за модераторските вештини и фацилитирање преку практични вежби на конкретни ситуации, а потоа ги  презентираа стекнатите вештини. 

Право на полагање на испитот за стекнување со сертификат имаат само кандидатите кои ја следеле обуката. Планирано е испитот  да се спроведе некаде кон средината на месец ноември а ќе се реализира во два дела - писмен и устeн дел. Писменото полагање ќе биде електронско, а усниот дел опфаќа практично презентирање на одреден случај. На кандидатите им беше доставен  Прирачник за полагање испит за сертифицирани форумски модератори, како и публикацијата „Форуми во заедницата во 11 чекори “ каде детално е опишан целиот процес на спроведување на форумите. Во изминатиот период ЗЕЛС имаше обезбедено и веб страница http://www.forumivozaednicata.com.mk/ на која беа изнесени важни информации за спроведувањето на форумите во општините  и каде беа поставени биографиите и контактите на сите досегашни модератори. По укажување од страна на Агенцијата за заштита на лични податоци истите беа повлечени, па во иднина податоците за модераторите кои ќе се  (ре)сертифицираат ќе може да се добијат од  ЗЕЛС. 

Примената на оваа алатка на демократско учество на населението во  локалната самоуправа овозможува воспоставувањето на поблиска релација на општината со граѓаните; јакнење на нивната заемна доверба; јакнење на свеста кај граѓаните за потребата од нивно учество во донесување на одлуки во заедницата во која живеат,; ја зголемува транспарентноста на работењето на општината и ги јакне демократските процеси во целата земја. Преку  алатката -,,форуми во заедницата “ се овозможува на граѓаните на институционален начин, преку конкретно утврдена постапка  да го искажат својот став за прашања од својата заедница што најмногу го засегаат. 

Проектот Зајакнување на општинските совети – фаза 2 е проект финансиран  од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, кој го кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).